Кај 12-годишно дете на Клиниката за ортопедија е извршена трансплантација со коска од донор
На Клиниката за ортопедија е извршена трансплантација кај 12-годишно дете со коска од донор, кое претходно е оперирано поради деформитет на левото стапало со користење шраф, информираат денеска од Министерството за здравство (МЗ).
Оттаму велат дека за оваа интервенција е одлучено откако кај детето повторно се појавува деформитет.
Тимот на доктори што ја изврши трансплантацијата кај 12-годишно дете / Фото: Министерство за здравство
„Се одлучи да се извади ставениот шраф и да се замени со трансплант од донор, кој дава подобра и постабилна корекција. Сега пациентот е отпуштен од болницата и по шест недели ќе започне со процес на рехабилитација“,
се вели во соопштението од МЗ.
Операцијата ја изведе проф. д-р Зоран Божиновски со својот тим на асистенти Теодора Божиновска, Симона Карапанџевска, анестезиологот Јадранка Зафировска со анестетичарот Златка Апостолова, инструментарката Билјана Тројановиќ и помошен персонал Костадинка Вучковиќ и Сејнур Идриз.
Д-р Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација изрази благодарност и почит за медицинските работници што учествуваат во процесите на овие оперативни зафати, како и дека нивна цел е зголемување на свеста за органодарителството како највисока и најблагородна форма на хуманизам, која, како што рече, е возможна само благодарение на храброста, несебичноста и емпатијата на семејствата на донорите.