Каја Калас вo петок во Скопје на средба со премиерот Мицкоски

Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика денеска заминува на турнеја низ Западниот Балкан, во чии рамки в петок ќе престојува во Скопје, јави дописникот на МИА од Брисел.

Како што соопшти Европската служба за надворешни работи, Калас во Скопје ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски.

 

Дополнително, Калас и министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски ќе го отворат првиот Дијалог за безбедност и одбрана меѓу ЕУ и Северна Македонија, што следи по склучувањето на билатералниот Договор за безбедносното и одбранбеното партнерство во ноември минатата година.

Предвидено е и Калас во придружба на министерот за одбрана Владо Мисајловски да ја посети постојаната Балканската медицинска работна група.

Во рамки на посетата на Скопје, како што најави ЕЕАС, Калас ќе има средби и со претставници на младински и студентски организации од земјава.

Пред да допатува во Скопје, Калас ќе престојува во Белград, каде утре ќе има средби со српскиот претседател Александар Вучиќ, со премиерот Ѓуро Мацут, со министрите за надворешни работи и за европски интеграции Марко Ѓуриќ и Немања Старовиќ, со претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ, како и со претставници на опозициските пратенички групи. Покрај ова, Калас ќе се сретне и со претставници на студентите и на граѓански организации.

 

Од Белград, утре попладне Калас ќе замине за Приштина, каде ќе се сретне со претставници на косовските политички партии и граѓански организации, ќе ја посети Мисијата на Европската Унија за владеење на правото во Косово – ЕУЛЕКС и ќе има средба и со командантот на КФОР, Енрико Бардуани.

Ова е втора посета на Калас на регионот по нејзиното преземање на должноста, откако претходно од 7 до 9 април престојуваше во Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина.

Целта на посетите е да се покаже посветеноста на ЕУ на Западниот Балкан и поддршката на перспективите на земјите од регионот за членство во Унијата, но и за зајакнување на нивните напори за целосно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на блокот.

Back to top button
Close