Кај бараките кои гореа вчера во Парк нема да се гради станбен објект туку градинка и училиште

Во пожарот немаше ниту жртви ниту повредени, ниту пак, некоја голема материјална штета

На местото на напуштените бараки каде беше сместен Судот за прекршоци во Градскиот парк во Скопје, а каде вчера се случи пожарот, нема да се гради станбен објект туку според постоечкиот Детален урбанистички план (ДУП) таму е предвидено училиште. Во новиот се предвидуваат дополнително градинка и културен центар.

„Си важат постоечките планови, односно последните кои биле донесени, додека не се донесе нов. И тогаш и сега важи постоечкиот план којшто е донесен ако не се лажам 2011 – та или 2012 – та година. Во постоечкиот план кој е донесен пред девет или десет години е предвидено изградба на основно училиште. Во новиот план исто се потврдува изградба на училиште само што се зголемуваат одредени параметри, плус детска градинка и културен центар“,изјави градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ.


Планот за изградба, како што јавува Алсат ТВ, бил на разгледување во секторот за урбанизам во Град Скопје. Вратен бил во Центар за корекции а Богдановиќ се надева дека планот за изградба на овој објект на местото на пожарот ќе биде донесен од новиот општински совет во Центар.

Во пожарот кој избувна вчера, според изјавите што ги дадоа од противпожарната единица, немаше ниту жртви ниту повредени, ниту пак, некоја голема материјална штета. Оштетен е еден од објектите на „Томче Софка“ (апартман).

Back to top button
Close