Кај Ница пронајдена остатоци на француски патнички авион урнат во 1968 година

Полициски нуркачи во морето кај Ница пронајдоа остатоци на францускиот патнички авион кој се урна пред речиси 60 години, несреќа во која загинаа 95 лица. Ова откритие може да фрли нова светлина врз сомнежите дека леталото било случајно соборено од француската војска, пренесуваат француските медиуми.
Јавниот обвинител во Ница соопшти дека на длабочина од 2.300 метри се пронајдени опашката и двата мотори на авионот. Властите сега разгледуваат дали истрагата ќе се спроведе под вода или остатоците ќе бидат извлечени на површина.
Летот на „Ер Франс“ (Air France) на релација Ајачо (Корзика) – Ница падна во морето на 11 септември 1968 година, при што загинаа сите патници и членови на екипажот. Со децении во Франција постоеја сомнежи за воено прикривање на случајот, особено откако исчезнаа клучни документи од морнаричките бродови кои учествуваа во тогашната потрага.
Во 2018 година, правосудните органи објавија дека „многу сериозно“ ја разгледуваат хипотезата за случајно лансиран проект за време на воени вежби на Ривиерата. Минатата година, обвинителите истакнаа дека постојат материјални докази и изјави на очевидци кои сугерираат дека властите намерно ја попречувале истрагата.
Пред самото уривање, пилотите пријавиле пожар во леталото, што се совпаѓа со теоријата дека еден од моторите бил погоден од ракета. Пронаоѓањето на моторите на голема длабочина по речиси шест децении се смета за клучен момент во разоткривањето на оваа историска мистерија.






