Кац: Израел ќе го насели северниот дел на Газа со еврејски населби Нахал


Израел ќе го насели северниот дел на Газа со еврејски населби Нахал, изјави денеска министерот за одбрана Израел Кац, додавајќи дека неговата земја нема намера да се повлече од териториите под своја контрола, ниту во Газа, ниту во Сирија, објави „Џерусалим пост“.

„Нема да се поместиме ниту милиметар од Сирија, а во северниот дел на Газа ќе воспоставиме населби Нахал наместо заедници што се евакуирани“, рече Кац на митинг во еврејската населба Беит Ел на Западниот Брег.

Програмата за населување Нахал вклучува комбинација на локални заедници со воена служба и најчесто се спроведува во области каде што израелската Влада се обидува да поттикне населување, објави весникот.

Како што се додава, ваквите програми се фокусирани на поддршка на производството на локалните заедници, на пример, во областа на земјоделството.

„Ние сме во период на практичен суверенитет. Тука има можности што не постоеле многу долго време“, рече Кац.

Движењето за населбите Нахал ја поздрави изјавата на министерот за одбрана.

„Ова е правилен и значаен чекор кон повторно воспоставување на еврејското присуство во Газа“, изјавија оттаму.

Изјавите на Кац се спротивни на претходните изјави на премиерот Бенјамин Нетанјаху, кој во мај минатата година изјави дека никогаш немало разговори за нови населби во Газа, објави „Џерусалем пост“.

Back to top button
Close