Кац вели дека Хамас е подготвен да се врати на разговорите за прекин на огнот
Палестинската исламистичка група Хамас е подготвена да се врати на разговорите за прекин на огнот, изјави денеска израелскиот министер за одбрана Израел Кац, откако Израел почна нова офанзива во опколениот Појас Газа.
– Со почетокот на операцијата „Кочиите на Гидеон“ во Појасот Газа, која армијата ја спроведува со голема сила, делегацијата на Хамас во Доха најави враќање на преговорите за договор за заложници, рече Кац во изјава.
Хамас засега не ја потврди неговата изјава, пренесува ДПА.
Новата израелска офанзива има за цел да го зголеми притисокот врз Хамас да ги ослободи последните заложници кои се држат во Појасот. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху исто така рече дека има за цел целосно да го елиминира Хамас.
Претходно оваа недела, тим израелски преговарачи слета во Доха. Катар претходно посредуваше во индиректни разговори меѓу Израел и Хамас, заедно со Соединетите Американски Држави и Египет, иако разговорите заглавија пред неколку месеци.
Меѓу двете страни остануваат многу разлики и не е јасно дали разговорите во Доха повторно ќе пропаднат и делегациите ќе заминат.