Кацарска: На граница на кворум сме, очекувам да проработи совеста на пратениците

Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска утрово гостуваше во емисијата „Утрински брифинг”, кај новинарот Сашо Ордановски. Беше прашана за целта на дописот кој го прати до претседателот на Собранието, Талат Џафери кој се однесува за избор на нови судии, на што претседателката Кацарска одговори:

„Целта ми беше ова писмо да стигне до сите пратеници во Собранието иако ја знаат состојбата во Уставниот суд, сепак сакав да ги потсетам на нивната должност, да изберат судии на Уставниот суд.

На прашањето дали очекува решение набрзо, претседателката Кацарска одговори:

„Секако дека се надевам, не смееме да се предаваме така лесно, но реалноста е сосема друго. Не очекувам дека толку брзо ќе се изберат уставните судии, но сепак се надевам дека совеста ќе проработи кај пратениците и дека конечно ќе изберат судии и ќе се комплетира судот кој е важен за граѓаните, затоа што Уставниот суд не е моја сопственост, не се обратив до претседателот на Собранието заради мене лично, тоа е во интерес на граѓаните на Република Северна Македонија.”

Претседателката Добрила Кацарска одговори дека во моментов нема уставна криза, но неспорен е фактот дека Уставниот суд работи со минимален кворум.

„Ние и понатаму имаме седници и предметите се решаваат. Проблемот е квалитетот на дебатата. Едно е да дебатираат пет а друго е да дебатираат девет судии. Се случило еден судија кој со квалитетна дебата успеал да го промени мислењето на друите судии, рече судијата Кацарска.

На прашањето дали има партиска политика во изборот на судиите одговори:

„Не би можела да кажам затоа што немам факти, но би сакала да нагласам дека партиска политика во избор на уставен судија не смее да има. Тоа треба да биде судија со интегритет кој нема да потпаѓа под влијанија и нема да размислува дали неговата одлука ќе одговара на една или друга политичка опција.”

Во контекст на влијанијата во судството претседателката Добрила Кацарска изјави:

„Нема држава во светот каде политичарите не сакаат да влијаат врз судиите. Политичарите не ги обвинувам никогаш,вината ја барам кај судиите, не може судија да си дозвoли да влијаат на него.”

Судијката Кацарска испрати порака до политичарите да размислат за промени во Уставот за воведување на уставна тужба, институт со кој ќе се унапредат човековите права и ќе се прошират надлежностите на заштита на Уставниот суд, нешто што веќе постои во речиси сите земји во регионот.

 

 

Back to top button
Close