Каде бевме некогаш, а каде сме сега

Почитувани читатели, во денешната колумна, посветена на стечајот на Еуростандард банка, сакам да ја споделам со вас мојата лична перцепција за нештата кои го обликуваат и разобличуваат нашето секојдневие.

Минатата седмица се случија настани, во различни општествени сфери, кои што ги доживеав емотивно и болно.

Во современиот свет банкарските системи низ цела Европа стануваат многу сензибилни и загадочни за клиентите.

Веќе 5 децении јас сум клиент во банките низ западна Европа. Никогаш не сум имал никаков проблематичен случај или не дај боже да задоцнам со моите обврски. Непромислениот потег, кој го направи Народна банка или можеби потег со умисла, мене ми отвори проблеми не само во нашата татковина, туку и надвор од неа.

Во целиот банкарски свет сега важам како акционер чија што банка банкротирала и по автоматизам односот на банките кон мене е целосно променет. Арогантно инсистираат да ги затворам своите сметки во нивните банки, бидејќи сум личност со „сомнително минато”. Се соочувам со фактот дека мојата борба за вистината за Еуростандард банка нема да ја водам само во Македонија, туку морам да ја водам и надвор од неа.

Колку еден неразумен потег може да го руинира професионалниот живот и на мене и на многумина како мене.

Социјалните мрежи беа преплавени од коментари по повод некогашниот ден на републиката во СФРЈ, 29-ти Ноември. Фотографиите и текстовите говореа за едно убаво минато кое што јас го споделив со нив. Во мојот коментар по повод објавената фотографија на Тито напишав, цитирам: „тоа е човекот кој ни дозволи да се чувствуваме како Македонци по националност со сопствена држава”.

Не сум носталгичар, бидејќи сум прагматичен човек, знаејќи дека убавите нешта од минатото остануваат само во нашите сеќавања. Но се прашувам дали ќе ми се случеше во бившата СФРЈ, она што денес ми се случува во мојата Македонија?

Верувам дека такво нешто немаше да се случи, бидејќи професионализмот во работењето беше на многу повисоко ниво отколку што е денес во нашата република. Ние младите во тоа време имавме можност да учиме од повозрасните кои што беа многу строг надзор при нашето работење. Истовремено многумина мои читатели мора да знаат дека ако државата има силна индустрија, тогаш постојат реални шанси чесно да работиш и чесно да заработиш со својот вложен труд и знаење.

Македонија во времето на бившата СФРЈ имаше сѐ: црна металургија, обоена металургија, хемиска индустрија, кожарска индустрија, ќерамичка индустрија, порцеланска индустрија, цементара, стаклара, фабрики за текстил и чевли и др. Сите споменати индустрии беа наша, сопственост на Република Македонија и беше нормално да се очекува дека ќе се изродат кадри кои што со своето знаење ќе успеат во животот не само во земјата, туку и во напредниот западен свет.

Денес младата генерација е оптоварена со принципот брзо богатење без искуство и знаење. Жално е што младата генерација нема од кого да учи, бидејќи сите индустриски објекти кои што ги споменав погоре се уништени или пак продадени на странски компании, чиј основен интерес е само профитот и ништо повеќе.

Сфатив дека немам право да ѝ судам на младата популација која во основа бара достоинствен и убав живот. И самиот се ставам на обвинителната клупа, зашто младата популација не ја гледа иднината во сопствената држава.

За тоа како беше животот во тогашаната СФРЈ накусо ќе спомнам. Во неделата на 1 декември бев гостин во ресторанот „Beer Garden” каде што гостуваше легендарната бивша ЈУ група ,,Галија”. Присутните на овој настан, повеќе стотици мои сограѓани, во еден глас ги пееја песните од бившите ЈУ простори.

Кај многумина меѓу нас овие песни предизвикаа емоции на едно убаво минато, кое што го разбираме само ние, граѓаните на бившите ЈУ републики. Убеден сум дека луѓе кои не живееле во таа Југославија, тешко ќе ги разберат нашите емоции и љубов.

Мојот мајчин, македонски јазик е основата на мојата национална посебност, ама вториот битен јазик кој што ги буди чувствата и емоциите во нас е јазикот на музиката. Јазикот на музиката од бившите ЈУ простори и денес е присутен меѓу младата популација , иако тие не ја почувствувале бившата СФРЈ како нивна татковина. Тие ја чувствуваат убавината на тој бивш југословенски соживот искажан токму преку песните и музиката.

Почитувани читатели, во колумната спомнав три настани кои се случија само за пет дена.

Жално е сознанието дека во очите на светската заедница сме маргинална држава и народ, а ваквата маргинализација е наше сопствено дело. Зошто тоа нас ни се случува?

Не успеавме да изнедриме луѓе кои ќе ја водат Македонија како напредна држава. Иако живеевме во заедница со Словенија, не научивме ништо од Словенците како да си ја сочуваме нашата држава како земја во која што младите поколенија ќе ја гледаат нивната иднина.

Денес, за Македонија коленичењето и питачењето пред нашите сојузници ЕУ и САД е синоним на нашата реалност. Срамно е што во очите на нашите сојузници паднавме на толку ниско ниво. Базично прашање кое се поставува пред мене е дали со новата влада на Република Македонија ќе отпочнеме вистински да ја градиме нашата држава каде што правото , правдата и слободата во сите сфери на нашето живеење ќе бидат наше секојдневие.

Владата најавува сериозни промени во судството и обвинителството. Ја поддржувам нивната иницијатива, бидејќи борбата против организираниот криминал и корупција е вгнезден токму во институциите кои што денес го контролираат нашето секојдневие.

Вистината за Еуростандард банка мора да излезе на виделина. Ќе се борам до последниот здив, бидејќи друг избор немам.

Трифун Костовски

Back to top button
Close