Каде е одговорноста на Агенцијата за обезбедување „Рубикон“ за трагедијата во дискотеката „Пулс“, каде беа пуштени над 30 малолетници од кои 6 починаа, а 25 се повредени

Веќе втора недела како Македонија ја тресе незапаметената трагедија во дискотеката „Пулс“ во Кочани во која загинаа 59 млади луѓе и повеќе од 160 беа повредени. Меѓу нив, внатре на свирката на ДНК, групата од која починаа седуммина беа пропуштени повеќе од 30 малолетници, пренесува Фокус.

По избувнувањето на страшниот пожар во кочанската дискотека, шест од нив починаа, додека пак 25 беа повредени.

 

Голема улога во целата оваа трагедија „игра“ и Агенцијата за обезбедување „Рубикон секјурити солушнс“, кои ја обезбедувале дискотеката за време на кобната ноќ. Двајца од нивните обезбедувачи беа приведени и им е одреден притвор, а едниот од нив, Столе Боев, во изјава за медиумите, истакна дека не чувствува вина. Тој е осомничен дека дозволил вечерта по 12 часот по полноќ да влезат малолетници во дискотеката.

 

„Јас ги спасив сите што можев и многу ми е криво и мака за тие што не можев да ги спасам. Со голема болка и тага изразувам сочувство до семејствата на починатите. Голем дел од нив се мои пријатели и другари, кои на сопствени раце ги извадив. Не знаете како ми е, ама тоа е“, кажа Боев.

 

Оттука многу логично е да се постави прашањето – какви се надлежностите на Агенцијата за обезбедување и зошто кобната ноќ на журката на ДНК внатре во објектот биле пуштани малолетници? Тоа допрва ќе го покаже истрагата на Министерството за внатрешни работи.

 

Во меѓувреме, да видиме кој стои позади Агенцијата за обезбедување и дали некој од сопствениците ќе сноси некаква одговорност или прстот на вината ќе биде насочен само кон обезбедувачите, кои биле таа вечер на должност.

Според податоците од Централниот регистар, оваа компанија на бизнис-пазарот фигурира само три години, поточно од 5 септември, 2022 година. Како сопственик и директор на компанијата се појавува Јане Јанчески, чие име не е познато во јавноста. Но, ако малку повеќе се истражи, може да се забележи дека тој и не е толку непознат.

Податоците што ги откривме покажуваат дека станува збор за заменик-директор на Центарот за безбедносни истражувања (ЦБИ), а како директор се јавува Александар Нацев од ВМРО-ДПМНЕ од Пробиштип, за кој во јавноста се зборува дека индиректно е поврзан со Агенцијата за обезбедување.

повеќе

Back to top button
Close