Каде е спасот за Македонија

Доста беше молк, време е за нова политичка свест! Спас за Македонија може да бараме и да очекуваме од новиот политички субјект, со авангарден граѓански концепт каде етникумот и религијата, како наше културно  наследство се битните елементи за градење стабилна држава. Најбитно е да се направи симбиоза на систем кој ќе ги спои сите етникуми на Република Македонија, за  дефинитивно да му покажеме на светот дека и во мала мултинационална држава, како нашата, може да се имплементира здрав државен систем кој ќе овозможи здрав и праведен живот за  сите граѓани. Време е тивките и чесни луѓе да се одважат и проговорат. Дали во нашата држава имаме луѓе со таква свест, одлучни за ваква посветеност? Знам дека има, но треба да  се обединиме, заеднички да ги уништиле криминалот и корупцијата кои се рак рана на девастиран систем. Ете, токму таму е  спасоносното решение  за иднината на државата, која треба да биде држава на  морал, знаење и соживот.
Ваков процес на етаблирање и креирање правна држава е долг процес и бара посветеност.
Почитувани мои сограѓани, за време на 35 годишната самостојност на Македонија, каде како политички систем владее плурализмот, не успеавме да изнедриме луѓе и партија чии приоритети ќе бидат создавање квалитетен,  безбеден живот на своите сограѓани, како и статус на висока респектабилност на нашата мала држава на меѓународно ниво.
Бидете убедени, имаме чесни и паметни граѓани во нашата татковина, меѓутоа плурализмот кој се наметна како таков во нашето секојдневие, ваквите луѓе ги ништи како плевел. Сепак, плевелот колку и да го корнеш повторно никнува. Духот на македонскиот пиреј е неуништлив.
Разбудете се мои сограѓани, има надеж за оваа држава. Вашата повлеченост по линија на помал отпор и молкот  само се  поддршка на овој така наречен  повеќепартиски систем кој за жал функционира исклучиво за поединци и нивните поддржувачи, додека останатите граѓани ја плаќаат цената за нивното беснеење без усул.
Во блиска иднина сакам да ја споделам со јавноста стратегијата на новиот политички субјект со кој конечно во политиката ќе влезат луѓе со изграден карактер, знаење и посветеност.
Дали имаме луѓе со таква карактерна особина и спремност да се зафатат во предизвикот заедничко креирање иднина за нашата татковина?
Новиот политички субјект нема да поттикнува меѓуетничка и верска омраза. Напротив, ќе даде максимални напори за создавање вистински среќна заедница на сите граѓани во земјава.
Во суровиот политичкиот ринг ќе влеземе со јасни идеи, знаење,  искуство, посветеност и морална одговорност. Впрочем, силата е во тивките и чесни луѓе, последната надеж за спас на Македонија.
За највисоките функции на централно и локално ниво ќе дадеме поддршка на  кандидати со високоморални особини, доблестен карактер, искуство и знаење, без разлика на нивната етничка и верска припадност.
Базичната цел на оваа партија ќе биде да се подигне гордоста на сите етникуми во државата за заеднички да градиме вистински соживот и иднина. Надежта на Македонија се вика чесен човек!
Според моите убедувања и разбирања на политиката, токму тука е надежта за Македонија, во чесните луѓе.

Back to top button
Close