Каде исчезна стравот од нуклеарен холокауст?

Растен сум во ерата на Студената војна со нуклеарни ракети поставени долж линијата на поделена Европа. Ние, тогашните студенти, на меѓународни собири протестиравме со слоганот: „Подобро денес активен отколку утре радиоактивен“. Свеста за нуклеарната опасност беше дел од нашето секојдневие. Распадот на Советскиот сојуз и победата на либералната демократија како да го означи крајот на историјата и почеток на еден нов свет во кој демократиите не војуваат меѓусебно.

Низ годините падна во заборав опасноста од нуклеарна катастрофа за која се држеа часови по заштита од нуклеарен напад и во основните училишта во светот. Запрепастува отсуството на таквата свест денес иако големите сили се вооружени со илјадници ракети со нуклеарни боеви глави спремни, секој момент, да летнат кон противничките цели. Изминативе три децении сите зборуваа за економски натпревар, за подобар живот за народите и за човекови права и слободи.

И Русија реши да се вклучи во тој натпревар според капиталистичките правила на игра, а не според фалсификувани петогодишни планови на развој. Нема повеќе да лажеме, со овие зборови претседателот Јелцин почна една седница на Централниот комитет од тоа време. Да се ослободиме од долниот дел на стомакот, од мешето кое ја оневозможува Русија да стане вибрантана земја, рече Солжењицин. Јелцин го послуша и им даде независност на советските републики.

Русија, без товарот на евроазиската империја можеше да влезе во натпревар со западните држави и да стане дел од светската економија, а со време и на светските демократии. Но, натпреварот беше маратон во кој Русија, како што гледаме деновиве, не издржа.

Најголемата земја по површина во светот,  со подобар квалитет на почвата од онаа на Америка беше успешна само во трупање нуклеарно оружје, но не и во економски развој и слобода за своето население.

За тоа беше виновен политичкиот и економскиот систем на еднопартиската диктатура. Справувањето со тој систем и транзицијата кон демократија за време на Јелцин произведе анархија и натамошен пад на стандардот на населението. Доаѓа Путин и во првите десет години на своето владеење воспоставува ред преку централизација на моќта во свои раце и на сметка на демократијата. Но, ова не е крај на приказната.

Путин, со преку 20 години,  станува владетел на Русија со најдолг стаж, подолг и од оној на Сталин. И додека демократиите, преку народната воља изразена на избори, имаат инструменти да се ослободат од автократите, како во случајот на Трамп во Америка, автократиите се заробеници на вољата на автократот.

Таквите автократии стануваат, како што покажува историјата на Европа, опасност по мирот на континентот. До тој заклучок доаѓаат Черчил и Рузвелт во текот на Втората светска војна анализирајќи ги последиците од доаѓањето на власт и владеењето на Хитлер и обајвуваат дека во повоениот свет битката против диктаторите е битка за мир…

Зошто? Заради неограничената власт која ја има автократот и која може да ја употреби по воља, за добро или за зло. Сѐ зависи од тоа што има во главата. Зашто, нема опозиција, нема слободен печат, нема „пречи и рамнотежи“ во политичкиот систем, кои би му се спротиставиле. Постои само вољата на лидерот.

Таа воља ја дознавме од последниот говор кој го одржа Путин пред инвазијата на Украина. Беше тоа заканувачки и застрашувачки говор на избезумен националист, во кој немаше ни збор за слободи и права или за економски натпревар со Западниот свет, туку за почеток на обновувањето на некогашниот Советски сојуз преку директно влијание врз политиките на соседните држави.  Имено, за еден поинаков натпревар, на најголемата по површина земја во светот ѝ треба уште земја!

Водачот бара безбедносна зона околу својата територија враќајќи го руското влијание врз соседите. Во заштита на Русија, да, ама и во заштита на својот систем на лично владеење. Заканата до Западот дека ако се замеша во Украина ќе искуси нешто што никогаш го нема искусено во својата историја е уцена со нуклеарна војна. Следи реакција на другата голема сила.

Америка почнува со испраќање на илјадници војници за зајкнување на источното крило на НАТО. Пораката е: обиди се да одземеш макар и сантиметар од НАТО територија, спремни сме на секаква војна. Опасноста од блиска средба на Русите и Американците со своите сојузници е во тоа што таквата војна може да почне и ненамерно. Тогаш ќе гориме сите заедно.

Преокупиран со овие мисли, ми ѕвони мобилниот. Новинарката прашува:  колку, со оглед на војната во Украина, ќе може да ни помогне ЕУ во решавање на отвореното прашање со Бугарија и нели тоа ќе нѐ забави на патот на европската интеграција. Зарем во овој застрашувачки момент на европската историја, не би требало да се прашаме што ние можеме да сториме за светскиот мир, ја прашав. На пример? Самите да најдеме решение за сопствените проблеми.

Back to top button
Close