“Каде се крие Ведран?” или како да зборувате со децата за смртта?”

“Ништо не е повидливо и ништо не е поприсутно од твоето отсуство.

Ништо не е повидливо од твојата трага пред мене и зад мене, со мене и во мене“.

Петре М. Андреевски

 

Кога ќе дојде мигот (а за жал ќе дојде) зборувајте со децата за смртта. Психолозите велат дека тогаш им е потребна силна мрежа на љубов и поддршка за да се справат со тагувањето.

Велат и дека во пресрет на секоја тага потребна им е искреност и некој кој ќе ги ислуша нивните мисли и ќе им ги олесни стравовите, без да ги релативизира

Потоа советуваат и да избегнувате апстракции или еуфемизми како „заспа“, „почина“ или „замина“. Велат можело да биде збунувачки, особено за помалите деца кои сакаат буквални и јасни пораки, и случајни да ги изманипулирате да мислат и да исчекуваат дека нивниот сакан/на ќе се врати.

Сето тоа на хартија (или на екран) не делува претешко. Се до моментот кога треба да го сторите. Кога веројатно станува едно од неколкуте најтешки нешта што во животот ќе треба да ги направите.

Но, за среќа по приказната за фактичката реалност следува утешувачката. Дека оние кои ги сакаме всушност и никогаш целосно не исчезнуваат. А од таму поаѓаат некои исклучителни дела за деца и млади.

Тие, низ приказни и слики можат да посредуваат помеѓу поширокиот разговор за смртта и загубата и поврзувањето со конкретната смрт која за жал мора да ја соопштите.

“Каде се крие Ведран” на Ива Безинковиќ – Хејдон илустрирана од Хана Тинтор која на македонски ја објави “Чудна шума”. Сликовницата допира една клучна линија на живеењето со загубата (веројатно со загубата на дете и брат, иако приказната остава можност за пошироко толкување).

И додека мајката во повеќе наврати и одговара на малата Ева на прашањето “Каде е сега Ведран?” фокусот од тагата се префрла на сеќавањето.

Сликовницата ја доловува реалноста на сеќавањето како смисла на живеењето по големата загуба. За мајката сеќањето на детето кое починало станува извор на сила, но и приказна со која малата Ева расте и се чувствува сакано и заштитено од “невидливото” и нежно присусутво на нејзиниот брат.

Паралелно со малите приказни за Ева, како лик се појавува и мајката која низ сеќавањето и фантазијата за Ведрам успеала тагата да не ја направи крута и дистанцирана, и наоѓа начин за малата Ева (најверојатно сестра на Ведран) физичкото отсуство на Ведран да го трансформира во нежно и грижливо присуство.

Притоа низ исклучителните илустрации Тантор не дозволува сеќавањето да се доживее како релативизација на болката. Туку како начин на живеење со неа.

Дури после ваква сликовница можете да објасните што мислел Рилке кога напишал дека “смртта ни е пријателка токму затоа што нè доведува во апсолутно и страсно присуство со сето она што е овде, и што е природно, а тоа е љубовта“.

Или Ник Кејв за парадоксот на смртта на близок чие , „ненадејно отсуство може да стане трескавичен коментар за она што останува… jасно супер-присуство“.

Лени Фрчкоска

 

Back to top button
Close