Кафе кино на Скопско лето: Проекција на турскиот филм „Девојката со црвена марама“ во Сули ан

На Факултет за ликовни уметности – Сули ан вечер од 21:00 часот во рамки на Скопско лето ќе биде прикажан турскиот филм „Девојката со црвена марама“.

Филмот е од 1978 година, во режија на Атиф Јилмаз. Раскажува приказна за дилемата на една девојка растргната меѓу љубовта и логиката. Камионџија од Истанбул на калливиот пат ја среќава девојката која во селото е позната под прекарот „Црвената марама“. Љубовта што се раѓа на прв поглед е крунисана, но,….

„Девојката со црвена марама“ е добитник на наградата за најдобра режија и кинематографија на Анталија филмскиот фестивал, а во рамки на истиот фестивал е номиниран и за наградата „Златен портокал“ за најдобар филм.

Вечерашната проекција, како што информираат од Скопско лето, ќе се одвива согласно КОВИД-протоколите за заштита: носење заштитни маски, мерење телесна температура, одржување на пропишаната физичка дистанца и дезинфекција.

Влезот на публиката ќе почне во 20:00 часот. Бројот на посетители е ограничен, а цената на влезниците е 100 денари. Билетите се продаваат онлајн преку: kupikartizase.com или во салонот на „Југотон“ во Градскиот трговски центар.

Back to top button
Close