Како Јане Сандански ја ослободил пиринска Македонија од окупаторските сили на Бугарија

Повод за оваа денешна моја колумна е дебатата дали треба квалификацијата бугарски фашистички окупатор да ја замениме со квалификацијата фашистички окупатор, ФБ интервјуто на поранешниот премиер, лидер и основач на ВМРО-ДПМНЕ Љубчо Георгиевски и интервјуто на историчарот Петар Тодоров за Утрински брифинг.

Ќе почнам со интервјуто на историчарот Тодоров, кое многу ми се допадна и кое со внимание го изгледав, а во кое меѓу останатото вели: На Бугарија не ѝ пречи толку тоа што ги нарекуваме фашисти, колку што им пречи што ги нарекуваме окупатор. Тоа е така и е вистина и оваа вистина јас ја знам и како човек кој историјата ја има како едно свое драго хоби, но и како политичар кој долго време извршувал сериозно одговорни државни и партиски функции.

Љубчо Георгиевски во своето ФБ интервју формално правно се согласува со тезата дека Бугарија била окупатор, но полемизира за тоа како населението кое живеело во тоа време на територијата на вардарска Македонија, реагирало на влезот на бугарските воени сили и административни претставници во Вардарска Македонија. Тој често ја шири оваа теза, па можеби треба да се организира една дебата помеѓу него и врвните историчари кои го обработуваат овој историски период за јавно да ја расчистат оваа дилема. Ова ќе биде многу интересна дебата дотолку повеќе што гледам дека, во недостаток на добро домашно фудбалско првенство, историјата кај нас станува најважната споредна работа на светот. Љубчо Георгиевски тврди дека постојат докази за тоа, па предлагам на таа дебата јавно да ги прикаже, а историчарите јавно да ги прикажат доказите кои се спротивставуваат на ова негово тврдење.

Велам на територијата на вардарска Македонија, а не на територијата на Македонија, затоа што Бугарија ја владеела пиринска Македонија многу години претходно, а јас не сум чул дека имало некое востание или организација која се борела за отцепување на пиринска Македонија од тогашна Бугарија, иако претходно имало востанија во пиринска Македонија против Турците. Знам и дека триста четници од одредот на Јане Сандански, во содејство со бугарската коњичка група на мајорот Цонев, на 8 ноември 1912 година, влегле во Солун пред влегувањето на останатата бугарска војска, но не знам дека Јане Сандански организирал востание за ослободување на пиринска Македонија од Бугарите. Било пологично Јане Сандански да организира востание за ослободување на пиринска Македонија од Бугарите отколку да се бори против далеку посилната турска империја и да ја ослободува вардарска Македонија, бидејќи тогаш Бугарија била далеку послаб противник од Турција.

Balkan Krieg 1912 Belagerung Adrianopel Bulgarien TruppeБугарски трупи кај Адрианополис во првата Балканска војна, 1912 година

Тој не само што не се борел против Бугарите, туку и станал управник на затворот во Дупница во 1899 година. Зошто Јане вака делувал, исто така треба јавно да биде расчистено. Затоа предлагам државата веднаш да обезбеди неограничени средства и ресурси за расветлување на оваа работа. Ако треба нека се намалат платите и пензиите, нека престанат инвестициите (и тие што недоволно ги има) бидејќи ова е најважната работа за секој Македонец.

Нема поважно од тоа дали Бугарите влегле како ослободители или како окупатори, нема поважно од тоа дали постоеле акциони комитети за дочек или не, и дали Јане Сандански дигнал востание за ослободување на пиринска Македонија од Бугарите или не.

Окупаторот и фашизмот 

А сега да се вратиме во реалноста и да анализираме дали политичкиот потег – квалификацијата бугарски фашистички окупатор да ја замениме со квалификацијата фашистички окупатор може да биде основа за одблокирање на нашиот пат кон ЕУ. Ако тргнеме од изјавата на историчарот Тодоров, дека на Бугарите не им пречи толку тоа да бидат прогласени за фашисти колку што им пречи да бидат окупатори, тогаш новата политичка кованица – фашистички окупатор, може да им даде простор на бугарските рационалисти да се изборат против ирационалните националисти и да го откочат нашиот пат кон ЕУ. Ако стои само – фашистички окупатор, ние ќе знаеме и паметиме дека тоа била тогашната бугарска власт, ама како што Французите велат дека Хитлер  ги поробил, а не германскиот фашистички окупатор, така и ние од пристојност и рационалност нема да ги нарекуваме Бугарите фашистички окупатор. Од друга страна, Бугарите ќе речат добро е, Македонците не нé нарекуваат повеќе окупатор, туку окупацијата ја припишуваат на тогашната фашистичка власт, во која, за волја на вистината, на територијата на тогашна вардарска Македонија еден дел биле Македонци од вардарска Македонија, но и Албанци, Италијанци, Германци и Бугари. Ми личи дека оваа нова историско-политичка кованица која не имплицира ниту дека Бугарите биле окупатор, ниту дека биле фашисти, а сепак овозможува чествување и паметење на сите оние кои биле жртви на тој тогашен фашистички режим, преставува итра, луцидна основа за изнаоѓање на трајно решение.

Adolf Hitler in Bulgarien mit FiloffАдолф Хитлер и бугарскиот премиер Богдан Филов во 1941 година

Она на што сепак треба да внимаваме е да не дозволиме Република Бугарија во текот на преговорите за наше полноправно членство во ЕУ, кои сигурно ќе траат повеќе години, постојано да поставува нови и нови услови и да бара нови отстапки во текот на преговорите, односно да ни постави т.н. подвижна цел (moving target). Затоа, за да се избегне ова, овој компромис треба да биде меѓународно гарантиран.

Ослободители и окупатори 

Воедно, треба да сме свесни дека со повторување на тоа дека  од тоа што ќе пишува на спомениците, зависи дали ќе го изгубиме идентитетот, де факто ние наместо за тоа како ќе ја нарекуваме тогашната бугарска диктатура, непотребно си влегуваме во полемика за нашиот идентитет. Дали кога Французите одлучиле да не ги нарекуваат Германците фашисти го загубиле својот идентитет? Нормално не, исто како што и ние денес нема да го изгубиме нашиот македонски идентитет, доколку се договориме да не осудуваме кој било народ според (не)делата на некоја мината власт. Власта е минлива, денес се едни, утре други, но тоа не значи дека заради една власт која ни нанела штета треба довека да мразиме цел народ, или пак уште полошо – да го осудиме сопствениот народ на не-перспектива.

Ако никој од нас денес не го нарекува Јане Сандански предавник затоа што наместо да ја ослободи пиринска Македонија од Бугарија, тој прифатил да биде управник на бугарскиот затвор во Дупница, а потоа и со својата чета да се придружи на дел од бугарската армија и заедно први да влезат во Солун, и сметаме дека постоеле некои рационални објаснувања за тоа или пак воопшто овие историски факти не ги споменуваме кога говориме, го величиме или опеваме Јане Сандански, можеме да не спомнуваме или рационално да пристапуваме и на некои други историски факти во интерес на перспективата на македонскиот граѓанин и македонската држава.

Ах да, насловот, насловот нема многу врска со ова што го пишувам, ама тоа не е важно, важно е да се чита и да се осудува или величи авторот според насловот, кој неретко може и да е лажен, извртен или пропагандистички неовластено променет. Текстот и онака ретко кој од тие го чита до крај. 

Никола Тодоров [ads1]

извор: ДВ

Back to top button
Close