Како Бизмарк ја „подели“ денешна Русија

Деновиве, кога светот со право е повторно преокупиран – каква вербална коинциденција! – со актуелната окупација на Русија (тој опасен проект во несопирливо движење!) врз делови од Украина, еден наводен цитат од прославениот германски „железен канцелар“ Ото фон Бизмарк (1815-1898) наголемо и нашироко повторно се цитира по бројни медиумски коментари, експертски геополитички анализи, историски толкувања и аматерски статуси по социјалните мрежи, главно за да се докаже „подмолноста“ на Западот и неговата столетна, малициозна „антируска“ политика. (Тоа, на пример, е омилената теза на илјадници македонски фејсбук-русофили кои Путин го доживуваат како последниот крстоносен бранител на светата православна цивилизација пред налетот на подлите католичко-муслимански орди за ништење на македонски народ… И слични глупости, кои не се примарна тема на овој напис.)

Елем, цитатот, атрибуиран на Ото Едвард Леополд (принцот од Бизмарк, грофот од Бизмарк-Шонехаузен, војводата на Лауенбург) гласи: „Моќта на Русија би можела да се намали само со одвојувањето на Украина од неа.“

Навистина, големите историски личности од антиката до денес, кои ги одбележале своите епохи, знаат да „дрмнат“ вакви лапидарни авторитетни оценки со кои ја задолжуваат човечката цивилизација, за потоа бескрајно да се рециклираат како „џебен“ аргумент чија автентичност и точност нема потреба да се докажува. Додуша, за оние кои тоа ги интересира, секогаш е интересно да се види контекстот на ваквите изјави, бидејќи зад нив по правило стојат околности кои се уште поинтересни за да се сфати смислата на искажаното.

Но, ете ти чудо, токму оваа нашироко наведувана изјава на Бизмарк, всушност, не постои.

До таков заклучок деновиве дошол специјализираниот украински портал stopfake.org кој студиозно се занимава со разоткривањето на валканите пропагандни медиумски кампањи насочени кон поттикнувањето на лажни вести, манипулации и ширењето злонамерни невистини за украинската криза. Во нивната анализа се наведени бројни цитати од руски автори кои со години го перпетурираат „ставот“ на Бизмарк, иако е „добро втемелена“ лага.

Имено, тие го цитираат рускиот сервис на Дојче Веле од каде се обратиле до германската Фондација Бизмарк во градот Фридрихсру за уточнување на конкретните факти во врска со наводната изјава на големиот пруски политичар и војсководец. Тамошниот специјалист за делото на Бизмарк, извесен д-р Улф Моргенштерн, децидно објаснува: „Бизмарк не рекол и не можел да каже ништо слично на ова.“ Не постојат докази, ниту во обемната оставина од белешки, писма, говори, а ни во мемоарите на современиците на Бизмарк, дека тој изјавил вакво нешто. На страна што и самиот збор „Украина“ ќе влезе во европскиот вокабулар многу години подоцна од времето на Бизмарк.

Koлумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука

Back to top button
Close