Како да го толкуваме Преспанскиот договор?

Еве поминаа изборите, се надевам дека еуфоријата кај победниците и кај сите учесници ќе се намалува и постепено ќе ја согледуваат реалноста на политиката и одлуките кои треба да се носат. Треба секако да се честита на победникот како и на изразената волја на македонските граѓани, едноставно така одлучи мнозинството од нашите граѓани и без разлика на се тоа мора да се почитува. Очигледно беше дека на овие избори убедливо победи понудата за “дедуизација“ на општеството, наспрам понудата за “европеизација“, но зошто е тоа така ќе пишуваме и зборуваме друг пат.

Но ме загрижува тоа што на меѓународен план не започна добро за Македонија. 

Еве јас секогаш во моите текстови го користам името на државата само Македонија, тоа не ми е проблем, но јас не сум претседател. Јас не го прекршувам Преспанскиот договор затоа што не извршувам јавна функција, моите текстови се моја слободна интерпретација и со таа слободна интерпретација договорот не се занимава, па затоа и никој не може да ми се налути за тоа во Република Грција, едноставно баш им е гајле за тоа. Но кога учествувам на некоја конференција или било каков настан како претставник на Собранието го користам секако уставното име ,,Република Северна Македонија“. Но знаете кога ќе изјавите дека “Мене никој не може да ми забрани да го користам името Македонија“, за колоквијална и лична употреба, тоа е точно, но просторот за таква употреба кога сте веќе претседател, премиер или министер Ви е многу стеснет! Тој простор е само во рамките на она кога пиете кафе и разговарате со своите соработници, но кога ќе го пречекорите прагот на службениот кабинет, во секој јавен настап, Вие ја претставувате државата, тоа веќе не е лично и колоквијално! Тука почнува обврската да се користи уставното име. Јавните изјави и настапи на функционерите исто така се сметаат за еден вид кореспонденција, не мора да биде само во пишана форма комуникацијата (коренсподенцијата) па да се почитува. Во меѓународното право понекогаш и изјавите и ставовите на високите претставници на меѓународната заедница и на државите претставуваат гаранции и еден вид извор на правото. Токму затоа јас сум уверен дека професорката Силјановска знаеше дека на свечената претседателска инаугурација го прекрши Договорот од Преспа. Таа не ја повтори свечената изјава прочитана од претседателот на Собранието во која што беше содржано Уставното име. Таа го знае тоа, но веројатно поради неискуство од новонастанатата ситуација за нејзе не ги разбрала до крај реперкусиите од меѓународната политика кои може да ги имаме поради непочитување на договорите и обврските. Но во тоа впрочем се увери и самата. Ова нема никаква врска со поимот на самоопределување, тоа е сосема друга тема. Одговорот од меѓународната заедница по нас беше доста жесток. Треба ова да биде силна опомена затоа што сите ние како граѓани, пред се нашата земја, може да имаме силни последици. 

Но настрана се, би сакал да го изразам своето разочарување и да кажам дека никогаш не сум пишувал или интерпретирал нешто што не е согласно правилата и законите, без разлика од која политичка провиниенција доаѓаат ставовите. Никогаш, па и кога сум бил Генерален секретар на политичка партија, секогаш сум се држел до силната страна на правото и аргументите. Ако нешто не е така ќе го кажам отворено и јасно. Така беше и минатиот пат со прекршувањето на Договорот околу продолжувањето на возачките дозволи и личните карти, за што напишав дека Р.Грција молчешкум ќе протестира затоа што овој чин не и боде очи, односно ќе не разберат. Можеби и тогаш некој во владата се налути ама тоа е. Но оваа медиумска канонада од неточни и ступидни тези за да се оправда овој чин околу инаугурацијата никаде нема да не одведат, ниту како нација ниту како држава. Затоа сме таму каде што сме, затоа пропаѓа УКИМ секоја година, токму поради тоа што оние кои се најповикани да толкуваат и да се придржуваат до словото на законот, особено некои од нив кои се професори кои се појавуваат на некои дебати, едноставно го газат сето тоа поради партиски нарачки, тоа е многу жално да се гледа. Слушнав низ медиумите се и сешто, многу креативни толкувања и од тоа што го слушнав ми иде да “кукурикам“, велеше на времето еден пратеник. Медиумите трпат се и сешто. Се изнаредија дипломати, аналитичари, професори, новинари, политичари да ни кажуваат дека имаме право да го користиме името Македонија! Ама кој рече дека немаме? Па зар некој рече такво нешто? Овде се работи за сосема нешто друго. Не може на таков начин да ја правиме недоветна нацијата, не може бре луѓе мои. Тоа е во најмала рака “злоупотреба на службената положба и овластување“. Па зар треба од Европа и од целиот свет сега да не учат како да ги почитуваме договорите. Некој ќе рече патриотски чин. Така е, навистина патриотски?

 

  Како да го толкуваме Договорот од Преспа? 

Видете, постои едно правило во толкувањето на меѓународните договори, како билатералните така и повеќестраните, односно конвенциите. Тоа општоприфатено правило е дека вообичаено договорите и нивната успешна или неуспешна имплементација се толкуваат со добри намери и интерпретираат согласно контекстот и пред се целта која двете страни сакале да ја постигнат со самиот договор. Односно дали е исполнета, (се исполнува) целта, намерата на самиот договор, од неговото стапување на сила. Толкувањето обично не се води рестриктивно, (вие толку, ние толку, вие вака, ние така) како во националното (домашното) право. Договорите вообичаено никогаш не се симетрични, овој термин во основа не постои во меѓународното право. Секогаш, скоро без исклучок помалата (послаба) страна добива “асиметричен“ договор, но битно е овде дали е постигната целта поради која е склучен договорот. Минатиот пат кога пишував за Преспанскиот Договор ми се јавија повеќе луѓе и пријатели и ми сугерираа да пишувам зошто другата страна (Р.Грција) не ги исполнила своите обврски од Договорот. Но да видиме дали е тоа така?

Ако внимателно го анализираме договорот ќе видиме дека најважните и клучни одредби за нас од договорот (член 2), Р.Грција ги има во целост исполнето. Р.Грција ја тргна блокадата за членство во НАТО, го ратификуваше протоколот за НАТО и ги отстрани сите дипломатски блокади на патот кон пристапните преговори за ЕУ. Исполнувањето на овие решенија од одредбите беше и всушност целта на овој договор односно причината поради која го променивме и името. Но, има и една друга работа што треба да бидеме објективни и да ја согледаме а многумина не го прават тоа. Р.Грција стана наш силен спонзор на патот кон ЕУ и од стапувањето на сила на договорот шест до седум пати до сега во рамките на Европскиот Совет и телата на ЕУ покажа силна поддршка што и самите не го очекувавме. Па Р. Грција беше и наш спонзор и поддржувач за да не се оддели Р.Албанија од нас во рамките на пристапните преговори (да одиме заедно во пакет) кога бевме блокирани од Р.Бугарија, тоа не може да го заборавиме. Тие отворено застанаа на наша страна и дадоа поддршка во спорот со Р.Бугарија. Тоа не беше нивна обврска согласно овој договор ама го направија. Да не зборуваме за значително подобрените параметри на економска соработка, релаксирање на односите, значително намалување па скоро и да не постојат оние националистички провокации и тензии што ги имавме порано, итн. Па самите претставници на Македонските организации во Егејскиот дел ги слушав кажуваат дека односите веќе многу се подобрени и релаксирани, односно немаат веќе проблеми кои ги имале порано, токму г-дин Васкопулос зборуваше за тоа пред два дена. Значи можеме да заклучиме дека суштинските работи за нас како и целта на овој договор е постигната. Точно е дека остануваат тие меморандуми кои треба да ги ратификуваат и кои произлегуваат од договорот а се однесуваат во рамките на економската и техничка соработка и тоа е нивна обврска. Секако и менување на таблите и ознаките. Но знаете како, тоа што на силните и поголемите им е дозволено на слабите и малите не им е дозволено во рамките на суровата меѓународна политика. Се надевам дека ќе ги ратификуваат овие меморандуми кога ќе се смири оваа тензија но пак ќе повторам, тие меморандуми сега не се суштински за нас, ние добивме со овој договор покрај “жртвите“ кои ги плативме, силен спонзор и поддржувач од страна на Р.Грција. Што се однесува до нашата страна точно е дека ние бевме поажурни и максимално до сега се трудевме да ги исполниме нашите обврски согласно одредбите од овој договор. 

Но видете, треба да разберат луѓето а гледам дека и многумина професори, интелектуалци, политичари, не разбираат дека меѓународното право не е право во вистинска смисла на зборот како националното право па сега ние ќе удриме на маса и ќе речеме меморандумите и таблите сменете ги инаку нема работа, ќе го користиме името само Македонија! Не, тоа е смешно, тоа ниту треба да го правиме, ниту можеме да го правиме. Ќе направиме само уште една причина за ново вето и после последиците по нас ќе бидат големи. Никој во ЕУ нема да не разбере и сите ќе ни свртат грб. Треба разум. Треба по ниту една цена да не го дозволиме ова, ниту пак да почнеме да се убедуваме со другата страна кој бил крив а кој бил прав, па уште да бараме помош од Меѓународниот суд на правдата или помош од Генералниот секретар на ООН за посредување, тоа ќе не однесе во ќор сокак од кој тешко ќе излеземе. Па впрочем добивме и пресуда од МСП во наша корист па ништо немаме од тоа, пак ли ќе се судиме? Зошто еднаш не ја научивме лекцијата дека секогаш кога сме се “јуначеле“ сме потрошиле многу години, сме упропастиле многу генерации и на крај сме го “јаделе стапот“ со уште полоши решенија што моравме да ги прифатиме. Па кога ќе ја научиме оваа лекција?

Што треба сега да направиме? 

Знаете се уште не е доцна да ги исправиме работите иако “јадицата“ на недоверба ја фрливме веќе накај Егејското море. Треба новиот мандатар и иден премиер сега да отвори четири очи околу оваа чувствителна тема. Изборите поминаа, сега треба да се носат одлуки кои се многу осетливи. Тоа што се зборувало во политички кампањи веќе е минато. Треба да разбере дека меѓународната политика за малите земји не функционира така како што ја замислуваат голем број од гласачите и поддржувачите. Не треба да се опкружува со луѓе и советници кои не ја разбираат оваа материја и настапуваат навивачки и патриотски, па ќе го одведат во многу погрешна насока, ова е добронамерен совет, па тој нека си одлучи. Знам дека на почетокот ќе му биде тешко да се одважи затоа што ќе наиде на критики од поддржувачите но тоа мора да го надмине, сега веќе одговорноста е голема. Треба да се разбере дека за другата страна, односно Р.Грција од суштинска важност за нив е да се придржуваме и да го користиме уставното име, така е и согласно нашите обврски кои сме ги превземале. Лична и колоквијална употреба никој не забранува ама кога сте премиер и претседател тоа може само по дома, надвор секоја изјава се набљудува и анализира. 

Во спротивно ако продолжиме спроти ветрот кој знае каде ќе не однесе тој сите нас во тоа немирно море на меѓународни односи, кажале некои паметни луѓе многу години пред нас,  тогаш господ нека ни е на помош.

М-р Глигор Стојменов

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close