Како да се биде другарка со друга жена

1. Заборавете го културниот мит дека женските пријателства по автоматизам се лицемерни, токсични, или компетитивни. Овој стереотип е еквивалентен на штикли и ташни – убави, но направени да ги УСПОРАТ жените.

1А. Ова не значи дека жените никогаш не се зајадливи или токсични или компетитивни, но поентата е дека ова не се дефинирачки карактеристики на едно женско пријателство, особено како што старееш.

1Б. Ако сметаш дека се однесуваш како кучка со жени или стануваш токсична или компетитивна кон жени коишто ги сметаш за најблиски другарки, преиспитај се и коригирај си го однесувањето, сама или со нечија помош.

2. Многу страници се посветени на митологизација на женските пријателства како чудни, кршливи и нестабилни врски исполнети со напнатост. Престани да читаш книги што го поттикнуваат овој мит.

3. Ако си од тој тип на жена што „претежно се дружи со машки,“ и се однесуваш како да е тоа некаков успех, небаре те прави помажествена и помалку жена, божем да се биде една е навреда, прочитај ја точката Б1. Нема ништо лошо во тоа голем дел од пријателите да ти се машки, но ако целта на муабетот ти е да ги омаловажиш женските пријателства, време е да се преиспиташ.

3А. Ако мислиш дека дружбата со жени е тешка, размисли дека можеби проблемот не е во нив. Можеби е во тебе.

3Б. Таква бев и јас. Не ми е целта да судам.

4. Ќе има моменти кога твоите пријателки ќе се фатат со дечковци што нема да ги поднесуваш. Можеш да си искрена во врска со твоите чувства, или пак да излажеш. За двете има добри причини. Понекогаш ти ќе си таа што ќе се фати со некој што твоите другарки нема да го поднесуваат. Ако твојот дечко или девојка се клошари, прифати го тоа за да можете со другарките да преминете на позабавни теми. Објаснувањето кое лично најчесто го користам е: „Одам со шупак зашто сум мрзa.“ Слободно позајми го.

5. Посакувај им го најдоброто на другарките зашто кога тие се среќни и успешни, најверојатно ќе ти биде и тебе полесно да си среќна.

5А. Ако поминуваш низ тежок период и нa другарка ѝ е супер година и тоа уште толку те докрајчува, тагувај сама, со твојот психолог, или води дневник, за кога конечно ќе ја видиш, да можеш да го избегнеш митот што го дискутиравме во точка 1.

5Б. Ако со другарките работите во истото поле и сте во можност да соработувате и да си помагате, правете го тоа без трошка срам. Не си ти виновна што пријателките ти се закон, нели? Сепак мажите се оние кои го измислија непотизмот и се водат според него. Во ред е и жените да го прават истото.

5Ц. Не омаловажувај други жени, зашто и да не ти се пријателки, сепак се жени, и ова е исто толку важно. Ова не значи дека не смееш да критикуваш други жени, но сфати ја разликата помеѓу критика и сурово понижување.

5Д. Сите трачарат, така да доколку ги оговараш пријателките, барем нека биде забавно и интересно. Како заклучок, не тврди дека никогаш не „лажеш“ и не „трачариш“ зашто лажеш.

5Е. Сакај ги децата на пријателките дури и да не сакаш деца. Едноставно сакај ги.

6. Кажувај им ја болната вистина на пријателките што мораат да ја слушнат. Можеби ќе се налутат, но за нивно добро е. Еднаш, најдобрата другарка ми кажа да си го средам љубовниот живот и инсистираше да преземам итни чекори, што ме изиритира но и ми помогна.

6А. Не биди целосно дрска кога реално ги кажуваш работите, и размисли колку треба да си искрена за да се постигне целта. Клучот е во финесите.

6Б. Овие муабети се многу поинтересни кога ќе ги почнеш со едно АЛО ЖЕНСКА.

7. Опкружувај се со жени со кои можеш да бидеш дрво пијана и коишто нема да ти нацртаат глупости на лицето доколку се онесвестиш, и ќе ти помогнат да повратиш доколку претераш со славење, и кои исто така ќе ти кажат ако се запиеш и почнеш да се однесуваш лошо.

8. Немој да флертуваш, спиеш или влегуваш во емоционални врски со партнерите/партнерките на твоите другарки. Ова се подразбира, но за секој случај. Нивниот партнер е шупак, и ти не сакаш да си трошиш време со половни шупаци. Ако ти треба шупак, најди си свој. И онака ги има еден куп.

9. Не им дозволувај на пријателките да купуваат грда облека и аксесоари што не можеш да ги гледаш кога сте излезени. Ова е само здрав разум.

10. Кога нешто ќе ти тргне наопаку и треба да им кажеш на пријателките и тие ќе те прашаат како си, не вели „Добро.“ Знаат дека лажеш и тоа ги нервира и многу време трошите на она „Дали си сигурна?“ И „Да?“ И „Навистина?“ И „НИШТО НЕ МИ Е.“ Кажи ја вистината за да ја споделите болката или да преминете за нешто друго.

11. Ако сте четири души на маса, платете сите еднакво. Сепак сме возрасни. Нема потреба да се пресметува кој што нарачал. Ако си трошаџика, почасти ги сите и следен пат нека биде тоа некој друг. Ако не си при пари, прави што мораш.

12. Ако пријателка ти прати луд мејл и бара утеха за љубов, живот, семејство, или работа, одговори соодветно и на време, макар и да е за само да ѝ кажеш „Женска, потполно те разбирам.“ Ако пријателка ти испрати едно 30 слични мејлови барајќи утеха за истите глупости, биди трпелива зашто еден ден ти ќе бидеш таа што ќе ѝ го преплавува Gmail-от со драма.

13. На мајка ми омилената фраза ѝ е „Qui se ressemble s’assemble.“ Ја кажуваше како опомена секогаш кога не ѝ се допаѓаше некоја од моите другарки. Значи со кој си, таков си, кратко кажано.

Есеј за женското пријателство од Роксен Геј.
извор: Медуза

Back to top button
Close