Како до повисоки плати 

Станува се поочигледно општото незадоволство од висината на платите во Македонија. Штрајкуваа вработените во образованието, штрајкуваат вработените во администрацијата, незадоволни се и вработените во здравството, полицијата и генерално сите од јавниот сектор. Дури и судиите чии плати за наши услови важат за сосема солидни. Оние од приватниот сектор не штрајкуваат, но тивко, ама масовно, ја напуштаат државата.
   Се чини дека тригер за оваа состојба беше покачувањето на минималната плата на 18.000 денари, кога разликите помеѓу поквалификуваните и понеквалификуваните значително се намалија, иако причините секако дека латентно постоеле и тлееле и од порано. Постоеше впечаток дека урамниловката од претходниот систем, како штетна пракса беше надмината, но на овој начин се врати. Намерата да им се помогне на најзагрозените категории вработени не беше проследена со соодветна интервенција кај платите на останатите категории вработени.

   Сепак се поставува прашањето зошто во Македонија, како и во поголемиот број други држави на Балканот, во делови на Европа и во светот, платите се такви какви што се, многу пониски од оние во развиените држави. Зошто кај нас немаме плати кои се изразуваат во илјадници евра, и зошто ние не сме општество кое разговара за богатство туку се бавиме со распределба на сиромаштијата.
   Споредбените податоци со развиените држави се навистина поразителни. Додека просечната бруто плата по час во Данска изнесува 46 евра, во Луксембург 43 евра, на Балканот, без оглед дали државата е во ЕУ (Бугарија) или не е членка (Србија, БиХ, Македонија) бруто часот е од 6 до 7 евра.

   Постојат повеќе причини за ваквата состојба од кои дел се наследени, историски, дел се објективни, а други субјективни, меѓутоа сите можат да се сведат на заеднички именител, а тоа е ниската продуктивност. Притоа продуктивноста воопшто не е прашање на долготрајна напорна работа. Напротив. Најмногу работни часови се работи во државите каде продуктивноста и платите се најниски. Најразвиените економии веќе  воведуваат или размислуваат за 36 часовна работна недела. Дури и за петок неработен ден.
Наместо кон продуктивноста во моментов кај нас целото внимание е насочено кон тоа како да се подели колачот, а не како тој побрзо и полесно да се направи поголем. Ова е генерална определба и на партиите кои играат зихерашки и првенствено се бават со распределбата, а не со унапредување на економските активности кои би резултирале со значително повисок доход. Така е наједноставно и политички најефтино, па дури и најпрофитабилно бидејки на краток рок се добиваат најмногу политички поени. Но на долг рок најмногу губиме сите. Во услови на слабо развиена економија и низок БДП оваа активност се претвара во претурање од шупло во празно бидејки секогаш кога некому ќе му се даде повеќе, иако често не и доволно, на друг му се закинува. Се уште живееме со менталитетот наследен од претходниот систем, кој одбива суштински да го прифати новиот економски систем  во кој живееме и неговите правила. Некако како се уште да ги живееме илузиите дека од ништо може да се направи нешто.
   Стопанството во Македонија е нископродуктивно, следствено на ова и нискодоходовно и нископрофитабилно. Ова последното е особено битно да се знае за да имаме реална слика каде се наоѓаме. Живееме во општество кое според сите обележја се дефинира како капитализам, а негова основна карактеристика е работењето за профит. И не е проблемот што некој ствара профит туку што и вкупниот приход и просечните профити се многу, многу пониски кај нас од оние во развиените држави. Ако нашите вработени им приходуваат стотици илјади денари на фирмите, во развиените држави тие приходуваат стотоци илјади евра. Дури и сиот профит кој се остварува во општеството да им се подели на вработените резултатот пак би бил многу незадоволителен. Значи темелниот проблем кој мора да се реши кај нас е како значително да го зголемиме колачот кој ќе може да се дели и од кој ќе има доволно или барем многу повеќе за сите.
Единствен реален и одржлив начин за зголемување на платите во Македонија е преку зголемување на продуктивноста која ќе доведе до поголем БДП. Поголемата продуктивност која ќе значи повеќе стоки и услуги за пократко време и со помалку напор е можна само со повеќе инвестиции во опрема, нова технологија и  во знаење. Колку и да се важни технологијата и опремата особена важност мора да му се даде на знаењето. Дури, заклучокот на Светска банка од пред две години за состојбите во Македонија е дека не се толку ниски инвестициите во опрема колку што се слаби меките инвестиции, инвестициите во знаење.
Правецот е јасен, поголеми вложувања во човечки и материјален капитал, напуштање на трудоинтензивните гранки кои ги имаат исцрпено своите лимити и не можат да допринесат кон покачувањето на стандардот во фирмите и во општеството. Ова мора да оди во чекор со реформа и на образованието и на администрацијата. Таа реформа значи и повисоки плати, но и испорачување на повеќе резултати. Од образованието се очекува повеќе знаење и поквалитетни кадри, а од администрацијата со помалку, а подобро платени службеници да се испорачаат значително поквалитетни услуги. Значењето на администрацијата допрва ќе дојде до израз во евентуалните претпристапни преговори со ЕУ. За тој процес ни се неопходни неколку илјади врвни професионалци во соодветни области кои притоа мораат одлично да познаваат и странски јазици. Дали ги имаме доволно е прашање, затоа што добар дел се веќе во странство. Секако дека во нашата администрација имаме и врвни професионалци кои ги исполнуваат и тие строги критериуми. Лошо е што добар дел од нив се пред пензија. Паметна власт би размислила како да ги искористи нивните квалитети.
Значи, клучен збор меритократија, владеење на способните, а не подобните. Допрва на сите нас како општество ќе ни се разбијат од главите подобните, а неспособните, оние со купени дипломи и сертификати. Секоја функција и работно место кое го заземаат подобни наместо способни, долгорочно ги намалува платите и подобриот стандард во Македонија. Или како што вели новиот Архимедов закон “еден неспособен човек вработен преку партија истиснува барем десет паметни луѓе од државата”.
Љупчо Довичински

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close