Како е да старееш како геј во Србија

Додека сте помлади и здрави, некако се борите со стигмата и ограничувањата што ги чувствувате како геј личност. Во староста сè опаѓа, сè е потешко, кругот на пријатели се стеснува и мрежата за поддршка опаѓа

Тој е страстен навивач на српскиот фудбал и вели дека никогаш не пропуштил ниту еден натпревар на репрезентацијата. Најдраги му се ќерката на неговата сестра и нејзиниот тригодишен син.

Радован нема постојана работа и по неколку месеци годишно оди во странство да работи како градежен работник со „сонародниците“.

Сепак, ниту сестрата, ниту нејзината ќерка, ниту сограѓаните ја знаат тајната на Радован – дека е геј.

„Јас сум еден од оние чичковци кои никогаш не се ожениле“, изјави Радован за Би-Би-Си. „Сите во селото по ред се сомневаат, но никој не го изговорил зборот – геј.

Радован е двојно дискриминиран во Србија затоа што е геј во седмата деценија, објаснува Зорица Мршевиќ, родов социолог и адвокатка.

„Додека сте помлади и здрави, некако се борите со стигмата и ограничувањата што ги чувствувате како геј личност. Во староста сè опаѓа, сè е потешко, кругот на пријатели се стеснува и мрежата за поддршка опаѓа“, вели Мршевиќ за Би-Би-Си.

Помалку од три проценти од ЛГБТ+ луѓето во Србија имаат на кого да се потпрат – семејството, партнерите, пријателите – со цел да ги задоволат основните животни потреби за домување, работа и храна, покажува истражувањето на Лабрис, организација за правата на лезбејките.

Последниве години, пораст на сиромаштијата кај најстарите граѓани е забележан и во Србија, а дури 60 отсто од постарите сметаат дека не се еднакви во општеството, се вели во годишниот извештај на комесарот за заштита на еднаквоста.

Иако Србија организираше неколку мирни Паради на гордоста и беше на прагот во 2021 да го донесе Законот за истополови заедници, поверојатно е дека членовите на ЛГБТ+ заедницата кои не живеат во Белград и кои се постари не се откриле пред нивните семејството и пријателите, вели социологот.

„Веројатно никогаш нема да се аутираат, вечно ќе живеат на маргините“, додава Мршевиќ.

За време на пандемијата на корона вирусот, „постарата популација ЛБГТ+ е особено изложена на ризик“, вели Александра Гавриловиќ од Лабрис.

„Геј луѓето се соочуваат со зголемен ризик од осаменост, запоставување, сиромаштија, невработеност и лошо здравје. Како стареат, нивната состојба само се влошува“, додава Гавриловиќ за Би-Би-Си.

 

„Која ти се допаѓа?“

Бројот на Радован го добив од познаник, но под еден услов – никогаш да не го прашам за неговото вистинско име, градот во кој живее или селото од кое потекнува.

 

Услов е и да разговараме на телефон, но да дадам свој број за да ми се јави од картичка, која ми рекоа дека после тоа ќе биде исклучена. Затоа што на Радован му е многу важно никој да не го открие.

 

Чув пријатен и насмеан машки глас.

 

„Би го сменил акцентот, но од селото не се бега, ниту преку јазикот“, се пошегува тој.

 

На извесен период успеал да избега од селото и да работи во странство, каде, како што вели, го имал првото истополово сексуално искуство.

 

Пред тоа во младоста неколку пати имал секс со жена, но „тоа не беше водење љубов“, вели. „Бевме млади и еден по еден, нашите пријатели од селото ја губеа невиноста. Потоа си прераскажуваа“, раскажува тој. Брзо сфатил дека девојките не го привлекуваат, но „на почетокот не сфаќал што се случува“. „Сфатив што се слуува на 16-годишна возраст, но тогаш ми беше јасно – морам да смислам алиби“, вели.

 

Како што додава, било невозможно да излаже дека имал секс со жена бидејќи во неговото село се се дознавало па, решил да собере храброст и да го направи тоа. „Беше жалосно, но признавам, бев среќен што завршив со тоа“, вели тој, со навестување на тага во неговиот глас. „Можев да здивнам, никој повеќе нема да ме прашува – а тебе која ти се допаѓа?“. Последен пат имал врска со жена на 23 години, а првиот пат со маж – три децении подоцна. „Во меѓувреме…една предолга осаменост, што друго“, вели тој.

 

Сите „мирисаат“, никој не спомнува

Аутирањето, термин поврзан со ЛБГТ луѓето кои кажуваат пред семејството и пријателите дека се геј, никогаш не било опција за Радован.

 

„Какво аутирање, не само што сум во плакарот, туку сум и заклучен однатре“.

 

Во ниту еден момент не помислил да им каже на најблиските, бидејќи сигурен е дека нема да можат да се справат со тоа.

 

„Не дека не ме сакаат, но тоа е мала средина, не разбираат. Веројатно би се засрамиле од мене, а јас не сакам да си го направам тоа“, вели.

 

Мајка му починала пред повеќе од една деценија, но неговиот татко сè уште е жив.

 

„Многу добар човек е, но што би правел со тие информации, мислам дека би се преправал дека не ги разбира“.

 

Ништо не ѝ кажал ниту на сестра му, иако вели дека се блиски. Посебно е приврзан за нејзината ќерка која извесен период студирала во поголем град и Радован смета дека „таа знае сè и сè и е јасно“.

 

„Да се разбереме, сите нешто мирисаат, но никој нишро не спомнува“, вели тој.

 

Хомосексуалците често го поминуваат целиот свој живот во стеги, вели социологот Зорица Мршевиќ.

 

„Постојано се плашат дека соседството или роднините ќе ги откријат, или евентуално дека тоа ќе се случи на работа. Дури и да се во пар, по правило повеќето се селат, за случајно околината да не ја открие нивната врска, а тоа се случува многу често“, вели таа.

 

Соседството, вели таа, често е сомничаво во однос на некој кој целиот живот живее сам или, уште повеќе, за двајца средовечни или постари мажи или жени кои живеат заедно долго време.

 

„Колку и да се трудиме, прашањата постојано доаѓаат и луѓето се често во тесно“, додава Мршевиќ, научната советничка на Институтот за општествени науки и авторка на книгата Истополови семејства.

„Кога газдата ќе дознае дека се две жени или двајца мажи заедно, ги брка, а следниот бара двојно повисока кирија“.

 

Осаменост

Постарите ЛГБТ+ лица, вели Зорица Мршевиќ, помалку се дружат.

„Како што старееме, нашиот круг на пријатели се намалува, а хомосексуалците генерално имаат помалку пријатели бидејќи српското општество често не ги прифаќа. Ако просечниот стрејт пар има десет пријатели, истополовите парови ќе имаат еден до двајца“, вели таа.

Само неколку пријатели на Радован знаат дека тој е геј.

„Тоа се луѓе со кои почнав да се дружам подоцна во животот. Некои ги запознав на Интернет, а некои ги запознав во странство. Разговорот со нив за е мене сè. Сè“.

Кога е во селото, живее со татко му и му помага на фармата. „Сега е стар, па не може повеќе да работи„. Вели дека не може ни да помисли на ситуација во која би живеел со партнер.„Едноставно тоа не е мој живот, јас тоа нема да го доживеам“.

Според Мршевиќ, луѓето на Балканот масовно живеат во пошироки семејства. „Живееме со чичковци, баби, дедовци и сите тие во многу случаи ја осудуваат хомосексуалноста“, вели таа. „Ако ги немате оние што самите сте ги создале, затоа што не сте можеле да основате семејство, немате пријатели, немате ни правен партнер, бидејќи државата не го препознава“.

Радован обожава деца, но вели дека никогаш не помислил да ги има. „Би морал да се оженам, а тоа би ми било голема мака, барем вака имам малку мир“, вели тој. „Секако дека сега би сакал да не морам на секои неколку месеци да одам да работам во странство, би сакал да имам деца и да ми прават друштво“.

Тој ја избрал осаменоста, „но само затоа што не можев да помислам да лажам некого со кого сум во брак или да го лажам тоа дете“.

Голем дел од ЛГБТ движењето, вели Мршевиќ, произлегло од битката на луѓето за зачувување на родителските права од нивните родители или државата.

„Некои геј луѓе добиле дете на помлада возраст. Но, бидејќи хомосексуалноста беше забранета на овие простори до 1970-тите, бабите и дедовците често се обидуваа да им го одземат детето, мислејќи дека тоа е неморален ангажман, детето да живее со хомосексуалци“, вели таа.

 

Умираат сами

Токму пандемијата на корона вирусот ја мотивира Вера Куртиќ, ЛГБТ активистка од Ниш, да се обиде преку социјалните мрежи да формира заедница на постари геј луѓе.

„Слушнавме за неколку случаи на смрт на постари геј лица од корона или други болести за време на пандемијата“, изјави Куртиќ за Би-Би-Си. „Бев вознемирена од приказните и околностите под кои умреле – сами и напуштени од сите.“

Затоа Куртиќ на крајот на летото се поврзала со геј луѓе над 45 годишна возраст.

„Најмногу дојдоа жени што ги познавам и разговаравме за многу различни работи – активизам, но и обичен живот, проблеми. Се надевам дека на групата ќе ѝ се придружат постари жени од маргините, кои немаат геј пријатели, кои не се аутирани и на кои навистина им е потребна помош”, вели таа.

Според Куртиќ, постарите лезбејки се тројно дискриминирани – како жени, лезбејки и постари лица во Србија. „Жените најчесто доаѓаат со чувство дека го разочарале своето семејство“, вели таа.

„Причината за ова е што не го прифатиле она што им го наметнува патријархатот, а тоа е да имаат сопруг и да станат мајки по секоја цена. Така, постарите лезбејки се главно отфрлени и нивните семејства често се срамат од нив. Понекогаш ги викаат кога треба да се грижат за децата или да помогнат низ дома, но генерално се смета дека тие воопшто не сакале да бидат мајки, а не дека не можеле. „Се обидовме да одржуваме контакт со нив, за да не бидат уште поизолирани и да имаат некого да поразговараат“, вели Куртиќ.

Постарата геј популација има дополнителен проблем во однос на помладите бидејќи често немаат пристап до интернет или не знаат да го користат.

„Интернетот е многу корисна алатка за луѓето кои живеат далеку од големите градови, за да можат полесно да најдат пријатели или партнери“, додава Гавриловиќ.

Радован вели дека поради околностите не живее сам, но се чувствува осамено. „Има кој да ми купи нешто од продавница или аптека бидејќи ова е село, па секогаш има некој. Но, да поразговараш или со некого да споделиш поинтимни работи, тука нема такво нешто“.

Бидејќи нема потомци, решил целиот имот да им го остави на внука му и ќерка ѝ. А заедничкиот стан, кој останал од татко му, го оставил на сестра му. „Не ми треба, бидејќи немам семејство”.

Примерот на Радован не вклучува директна дискриминација, вели Зорица Мршевиќ, но одредени односи покажуваат индиректна дискриминација.

„ЛГБТ+ луѓето често се напаѓани од нивните роднини кои на еден или друг начин им го одземаат имотот, бидејќи немаат директни потомци. Има многу случаи на луѓе кои неправедно ги искористуваат, затоа што често немаат никого” вели таа.

Семејството ја дискриминира често жената, додава Куртиќ, со самиот факт што имотот најчесто се пренесува на машките членови на семејството. „Ако имате брат и сестра, дури и ако сестрата е мажена, заедничкиот имот прво оди кај братот“. „Во ситуации кога жената е сама, никој не ни помислува да дели стан или куќа со неа.

 

Сиромаштија

Според истражувањето на Универзитетот во Калифорнија, 22% од членовите на ЛГБТ+ заедницата живеат во сиромаштија. Исто така, поверојатно е дека постарите ЛГБТ+ луѓе ќе доживеат депресија и ќе живеат во сиромаштија отколку нивните стрејт врсници, покажува истражувањето на американската организација Fenway, која се занимава со правата на геј луѓето. Од почетокот на епидемијата на Ковид-19, дури две третини од хомосексуалците немаат средства да задоволат барем една основна животна потреба – храна, домување, егзистенција, работа, според истражувањето на Egal и Loud and queer.

Често се случува луѓето да влезат во седмата деценија, а да имаат десет години стаж, па не можат ниту да сонуваат за пензионирање“, вели таа. Причината е едноставна – често морале да ја менуваат работата бидејќи бегале од хомофобијата.

„Ако сфатат на работа дека не си како другите, тогаш те малтретираат. Би биле принудени да дадете отказ, доколку пред тоа не ви го дадат, за да си го спасите животот и да избегате од срамот. И така натаму“, додава Мршевиќ.

Кога се сами, вели социологот, за многумина парите се голем проблем. „Да имате некој да ви купи нешто или да отидете и да го завршите, многу од тие практични проблеми може да се решат со пари“, вели таа. „Некои од овие тешкотии не се толку големи поединечно, но заедно го отежнуваат животот, ако нема пари да се реши.

 

Според Вера Куртиќ, лезбејките кои не живеат во големите градови имаат многу поголеми шанси да ја загубат работата.

 

„Работодавците често мислат – таа е сингл, нема деца или за кого да се грижи, не ѝ требаат толку пари како на некој што издржува семејство“, вели таа.

 

Ако останат без работа, лезбејките често се повлекуваат во себе. „Тоа повлекување се зголемува уште повеќе кога ќе достигнат возраст кога сите други околу нив веќе имаат семејства“, објаснува Куртиќ.

 

„Дури и да сакаат да се дружат, вредностите во Србија се такви што се многу повеќе ориентирани кон семејството и не се смета за нормално жената да се гледа со своите пријатели на пример неколку пати неделно, туку е потребна дома. Така, лезбејките кои немаат деца понекогаш се чувствуваат безвредни. Како општеството да им вели – не си ја исполнивте улогата”.

 

Враќање во плакарот

Постарите хомосексуалци доживуваат посебна дискриминација кога одат во старечки домови во Србија, вели Александра Гавриловиќ од Лабрис. „Кога тамошниот персонал и другите жители ќе дознаат дека се хомосексуалци, тоа е како да се повторува малтретирањето од училиште,“ вели таа.

„За да не им се случи ова, многу од нив мораат да се вратат во плакарот, односно повторно да ја сокријат својата сексуална ориентација, дури и ако животот го живееле отворено како геј луѓе”.

Затоа во многу земји од Западна Европа и Америка, денес постојат домови за стари лица специјално посветени на ЛГБТ+ лицата.

Радован е против старечки домови.

„Не би одел таму“, вели тој. Сè додека е способен за работа, повремено ќе оди во странство. „Ја сакам работата, затоа те замолив да ми го дадеш името Радован“, се пошегува тој.

„Но, нема да си дозволам да паднам на грбот на поширокото семејство, ако тоа се случи, ќе одам во дом. И таму ќе се преправам, како целиот свој живот”, вели тој.

 

 

Авторка: Марија Јанковиќ

Извор: ББЦ

Превод: Лени Фрчкоска

Back to top button
Close