Како ќе влијае косовскиот епилог во односите со Македонија?
На 88,04% од преброените гласови, Движењето Самоопределување на премиерот Албин Курти освоило 41,29 отсто од гласовите на парламентарните избори во Косово. На второ место е Демократската партија на Косово со 21,83 отсто, а на трето Демократската лига на Косово со 17,75 отсто. Коалициja околу Алијансата за иднината на Косово има 7,68 отсто од гласовите, а Српската листа 3,96 – покажаа последните податоци од Централна изборна комисија во Косово.
Стотици приврзаници на партијата на досегашниот косовски премиер Албин Курти ноќеска се собраа на плоштадот Скендербег во центарот на Приштина, за да ги прослават првичните резултати од пребројувањето на гласовите, со кои Движењето Самоопределување е прворангирано.
Не поминаа лошо
Но дали таквото водство е доволно и што сугерираат изборните резултати? Оценка побаравме од новинарот и аналитичар Исен Салиу, кој за ДВ вели дека првичните резултати од изборите во Косово, даваат два главни показатели.
„Првиот е дека има одредено опаѓање на довербата кон владејачкото Самоопределување на Албин Курти, нешто што се смета за нормално кога цела Европа поминува низ криза карактеризирана со непрекинат раст на инфлацијата, а се разбира дека за тоа вината секогаш и секаде се атрибуира на власта. Вториот показател е дека во Косово не е создадена силна и обединета опозиција која би го убедила гласачкото мнозинство дека тие имаат капацитет да бидат вистинска замена за власта. Затоа сметам дека Самоопределување не помина лошо, како што вообичаено поминуваат владејачките партии на избори во последната година и половина поради горенаведените причини“, вели Салиу.
Клучно останува прашањето дали изборниот резултат на Самоопределување е доволен за формирање на нова влада предводена од Курти. За прецизна оценка, според Салиу, ќе биде потребно да се дочекаат конечните резултати.
„Мислам дека проценти, па дури и промили ќе играат голема улога врз натамошните политички случувања во Косово. Доколку Самоопределување го помине ‘прагот’ од 40%, мислам дека никој од другите субјекти нема да се осмели да и го оспори правото да формира нова влада, бидејќи тоа би довело до политичка криза. Но, доколку Самоопределување остане под 40%, тогаш може да очекуваме обиди од страна на опозициските партии да се организираат сите заедно, за да направат ново мнозинство“, оценува тој.
Како што пренесоа медиумите во Косово, врз основа на првичните резултати Курти синоќа изразил оптимизам дека Самоопределување ќе ја формира следната влада и дека првото место на изборите претставува потврда за доброто владеење. За партиите, кои според првичните изборни резултати се второ и треторангирани, тој посочил дека „дури и да се соберат нема да бидат силни како Самоопределување“.
Од друга страна, лидерот на четврторангиранта Алијанса за иднината на Косово, Рамуш Харадинај, смета дека опозицијата победила на изборите.
„Она што ме радува е што опозицијата победи на изборите и со нетрпение очекувам да соработуваме за формирање на Влада“, порачал тој.
Влијание во, и од Македонија
Политичкиот спектар на Албанците во Македонија беше јасно поларизиран и определен во врска со изборите во Косово, па оттука, според Салиу, извесно е дека сето тоа ќе има и соодветно влијание во натамошните односи меѓу двете земји.
„Владејачката коалиција ВЛЕН цело време даваше јавна поддршка за Самоопределување и со присуство на нејзините високи функционери на нивните собири, додека ДУИ беше јасно на страна на опозициските партии. Поради ова, тоа кој ќе формира нова влада во Косово ќе има доста влијание на натамошните односи меѓу Скопје и Приштина. Доколку владата ја формира Курти, тогаш очекувам продолжување на добрите односи со понатамошно подобрување, токму како резултат на добрите односи меѓу ВЛЕН и Самоопределување, но и меѓу премиерите на двете земји, Христијан Мицкоски и Албин Курти“, вели Салиу.
Другиот исход би можел да ја промени таа слика.
„Но доколку новата влада во Приштина ја формира опозицијата, не се исклучува можноста да имаме промена во односите, со меки сугестии ДУИ како нивна блиска партија да биде вклучена во владата во Македонија – и доколку тоа не се случи, да имаме одреден застој во односите“, посочува Салиу.
Аналогно на претходното, доколку конечните резултати го покажат Курти како победник на изборите, тоа ќе се одрази позитивно и на расположението на членството и гласачите на ВЛЕН пред локалните избори во Македонија, а доколку владата ја формира косовската опозиција, според Салиу, тогаш таков позитивен ефект се очекува кај членството и гласачите на ДУИ. (Dw)