Како етничката дискриминација стана невидлива: Случај Министерство за одбрана

На прес конференцијата во четвртокот, на македонски и албански, Талат Џафери откри бројки и опис на состојби во одбраната што во секое – барем приближно нормално – општество ќе предизвикаше бура од реакции по сите основи, од дебати во граѓанското општество и медиумите, до силни реакции и анализи во институциите, владата и парламентот. Од видео снимката се гледа дека пред Џафери има барем седум микрофони од различни ТВ станици што емитуваат програма на македонски и албански јазик.

„Од 10 директори во новата систематизација, ниту еден не е Албанец. Од 12 советници во Министерството за одбрана, само 1 е Албанец. Од 29 раководители на сектори во министерството, ниту еден не е Албанец. Од 13 раководители на сектори во Генералштабот на Армијата, ниту еден не е Албанец. Од 30 команданти на баталјони, само 5 се Албанци. Албанските офицери со високи чинови и професионални квалификации се деградирани или отстранети од клучните позиции“, обелодени Џафери.

Неразбирање на темата или нешто друго?

Изјавата траеше четири и пол минути на албански, по што ги повтори податоците и на македонски за исто толку минути, па рече дека е спремен за прашања. И? Ниту едно прашање не му беше поставено за фрапантните податоци што ги презентираше. Ама ниту едно! Барем да му поставеа некои општи прашања – како ги добил податоците, кои му се изворите, што мисли да преземе неговата партија, кој е одговорен, дали и што било поинаку во времето на коалициската власт на СДСМ и ДУИ… Ништо од тоа.

Се разбира, има и други супер важни и актуелни прашања што ја засегнуваат јавноста во земјата. Тој може да избере да одговори, ако знае или ако се смета за повикан да одговори, или да не одговори, односно да ги насочи медиумите да побараат одговор во седиштето на партијата, како што, впрочем, и направи.

Но, човекот излезе на говорницата со „бомба“ – ни помалку, ни повеќе – за состојбите во одбраната. А доби прашања за судскиот совет и коалицирање за локалните избори во октомври.

Ваквото игнорирање на темата е крајно симптоматично. Дали се работи за неразбирање на тежината на податоците што ги изнесе Џафери или, не дао бог, постои некакво нареѓење

Одбрана

Како и да е, ден подоцна, в петок, пристигна и соопштението од Министерството за одбрана (МО) и Генералштабот на Армијата. Што добивме?

Министерството, преку соопштение (!), го обвини Џафери дека „свесно шири дезинформации“, откако во претходната реченица кажа дека „во моментов се наоѓа во процес на внатрешна структурна реорганизација, па оттука наодите се произволно интерпретирани и паушално дадени“.

Како тоа?

Навистина е нејасно како од информацијата дека министерството „во моментов се наоѓа во процес на внатрешна структурна реорганизација“ се изведува фантастичниот заклучок дека „наодите се произволно интерпретирани и паушално дадени“!? Каде е врската меѓу информацијата за реорганизација и ставот дека нешто е паушално? Без оглед на тоа дали Џафери греши или лаже, или ја кажува вистината, одговорот на МО е бесмислен, благо речено. Ништо за конкретните бројки.

Тоа е исто како да кажете дека во моментов правите генерално чистење низ дома, па затоа „наодот“ на вознемирените комшии дека се шири реа од вашиот дом не се точни, дека вие чистите и дека некој таму „свесно шири дезинформации“! А реата се шири.

Но тоа не е сè, драги гледачи! Џафери не зборуваше само за правичната застапеност, туку и за застојот на модернизацијата на Армијата. Но МО има одговор и за тоа. Лош.

„Во однос на модернизацијата на Армијата, несфатливо е тврдењето дека постои застој, иако како член на Комисијата за одбрана и безбедност во македонското собрание, пратеникот знае дека оваа година над 32 проценти од одбранбениот буџет се одвојуваат за оваа намена“ – пишува во соопштението на МО, па продолжува – „106 милиони евра ќе бидат инвестирани во опремување, што е 18 милиони евра повеќе од минатата година. Овој процес тече и граѓаните тоа го гледаат, а дополнително оваа година ќе се комплетира набавката на лесните оклопни возила JLTV, ќе пристигнат оклопните возила Stryker, системите за противвоздушна одбрана Mistral 3, артилериските системи Boran, лесно пешадиско вооружување и останата лична опрема, со што борбената готовност на Армијата значително ќе се зајакне“.

Доволно е човек само редовно да се информира, макар и површно, па ќе му текне дека овој дел од соопштението на МО се однесува на стратегијата што ја донесе и ја спроведуваше токму владината коалиција на СДСМ и ДУИ, со експертска и финансиска помош од НАТО сојузниците. Но во политиката не е некоја новост да не се ни спомнуваат достигнувањата на претходниците, а камоли да им се оддаде некое признание. Прашањето е дали тоа што го соопшти МО е вистина.

Скандалозни состојби

За коментар на тврдењата што доаѓаат од ресорот Одбрана, ја побаравме поранешната министерка за одбрана, сега пратеничка на СДСМ во парламентот, Славјанка Петровска.

Таа во својата кратка, но извонредно содржајна изјава за ЦивилМедиа открива и повеќе проблеми отколку што можеше да се очекува. Се наметнува заклучокот дека Одбраната се соочува со сериозен – би рекле и опасен – застој и скандалозни состојби. Некои работи се повеќе од очигледни. На пример, целосно е застаната постапката за донесување на исклучително важниот закон за критичната инфраструктура. Реформата на системот за управување со кризи е, се чини, заборавена.

Имајќи предвид во какво време живееме, опкружени со тензии во регионот, недалеку од тешки конфликти и ужасни војни, овие прашања не само што не се наивни, туку директно ги засегнуваат стратешките интереси и безбедноста на државата. Ова нема врска со администрации, партии, определби или припадности. Овие прашања се клучни за националната безбедност и стабилност.

Во својата изјава, Петровска открива дека и новата систематизација на работни места задоцнила седум месеци, а кога конечно била донесена – спроведувањето било извршено – по партиски клуч.

Правичната застапеност во Армијата е брана за радикализацијата

Поранешната министерка за одбрана изрази голема загриженост, практично, за сите аспекти на функционирањето на МО и Армијата, вклучително и кохезијата, единството и мултиетничноста во овој ресор.

„За жал, кохезијата, единството и мултиетничноста што изминатите седум години се градеше, сега веќе се руши. Стравувам дека на подолг рок ова ќе се одрази и на квалитетот на работата и мотивираноста на вработените“, изјави Петровска за ЦивилМедиа (линк до целата изјава).

Ставот за состојбата што ја опишува Петровска е во драстичен контраст со тоа што претставуваше Армијата, неполни две години по приклучувањето на земјата во НАТО во март 2020. Поранешната министерка за одбрана, сега заменик-генсек на НАТО, Радмила Шекеринска, зборувајќи за улогата на Армијата во националните и глобалните напори во борбата против тероризмот, во декември 2021, истакна дека „Армијата мора да биде симбол за интеграција и кохезија“, откривајќи дека „правичната застапеност прво се промовира во армиски и полициски редови“.

Во таа изјава, Шекеринска тврди и дека „така се намалуваат шансите за радикализација внатре, во структурите, така се влијае врз намалување на говорот на омраза, и кршење на стереотипите“.

„Држава како Северна Македонија којашто е навистина карактеристична со етничките, јазичните, религиските разлики, мора да работи многу повеќе на својата внатрешна интеграција, за да се справи со злото наречено насилен екстремизам или тероризам. Мислам дека тоа и во армијата, и во безбедносните структури го сфативме и го работиме многу сериозно“ – заклучи Шекеринска во својата изјава за ЦивилМедиа во 2021.

Не може Албанец да биде професионален

Сегашното Министерство за одбрана има поинаква аура – тоа е контрадикторно кога зборува за правичната застапеност, за што пример е и споменатото соопштение.

Така, во тоа соопштение, се тврди дека се „посветува особено внимание на охрабрувачки мерки за поттикнување и инкорпорирање на соодветна и правична застапеност на заедниците, особено кога станува збор за интерни огласи, но и јавни огласи и конкурси“. В ред, тоа е став што може да се слушне и на многу други места во низа други прилики – и порано и сега.

А кога во следната реченица од соопштението, МО ќе каже дека „Армијата и одбраната се професионална структура која никогаш не земала предвид нечија етничка припадност“, се поставува прашањето дали намалената застапеност на Албанците или другите заедници во Армијата и МО, особено во критичните структури што се наведени во изјавата на Џафери, значи дека другите етнички заедници немаат способност за професионализам.

Едноставно е. Ако си Албанец, не можеш да бидеш во командни структури, бидејќи твојата етничка припадност не дозволува да бидеш доволно професионален. Да, тоа е логиката што преовладува.

МО не дава директен одговор за изнесените податоци за незастапеност на Албанците, туку се служи со општи, декларативни ставови, меѓу другото, дека „функцијата заменик министер во Министерството за одбрана ја извршува токму припадничка на албанската етничка заедница“, па ги наведува „работната позиција државен советник, раководител на сектор, помошник раководител на сектор, раководител на одделение и сите останати позиции“. Но тоа не е одговор на податокот дека „од 29 раководители на сектори во министерството, ниту еден не е Албанец“.

Напротив, тоа е избегнување на одговорот. Би било прифатливо кога би се кажал конкретен податок за тоа колку раководители навистина има. Со бројка.

Во одбрана на политичката функција

Како претходница на соопштението на МО, изјава даде заменик-министерката за одбрана Елфет Исмаили. Нејзината изјава за Tetova Sot беше класична политичка тирада против политички опонент, без ниту еден аргумент кој се однесуваше на алармантните податоци што ги слушнавме за дискриминацијата и напуштањето на принципите на правична застапеност.

Во изјавата, Исмаили ја брани само својата политичка функција, а не МО, а уште помалку правичната застапеност. Наместо да понуди аргументи, податоци и опис на состојбите, Исмаили својот опонент го прогласи за „Делчевист“. Тоа е етикетирање, очигледно, наменето за политичката публика меѓу Албанците кои Џафери го помнат како командант од редовите на УЧК. И веројатно се смеат на таа етикета.

Но обидот за дискредитација на противникот врз основа на националистички наратив не помогна да се побијат наводите за дискриминација во Одбрана. А медиумите на македонски и албански јазик сложно затворија очи пред оваа тема.

Неприфатлив одговор

Да погледнеме уште еднаш на ситуацијата. Податоците што ги соопшти Талат Џафери беа изразени низ бројки.

А кој е Талат Џафери? Тој е стар волк, колку во областа на воените прашања, толку и во политиката. Воен офицер (ЈНА и АРМ), активно учествува во воениот конфликт во 2001 година како командант Форина, УЧК. Во политиката влегува во 2002, како еден од основачите и висок функционер на ДУИ. Беше пратеник во парламентот во времето и на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, и министер за одбрана во владата на Никола Груевски (2013-2014). По падот на режимот на Груевски, со војничка дисциплина и строгост, извршува една од трите топ функции во државата – претседател на парламентот.

Професионалната и политичката кариера на Џафери не мора (и не треба) да служи како доказ за релевантноста на неговите изјави за состојбите во МО и Армијата. Но, што и да мисли некој за него, колку и да е голема желбата да се дискредитира како политички противник, неприфатливо е да се одговори без факти, со манипулации, политичка дисквалификација и со нелогични конструкции што не значат ама баш ништо. Најмалку што треба да се очекува од една стратешки важна институција – како Министерството за одбрана – е да излезе со факти за да се спротивстави на алармантните податоци што ги обелодени Џафери. За молкот на јавноста за овие прашања и да не говориме.

Кога ќе долетаат непријатните прашања

Оваа тема е посебно важна и затоа што Северна Македонија е членка на НАТО, военополитички сојуз во кој извонредно многу се внимава на принципите на почитувањето на различностите, инклузивноста и пристапноста. Тоа подразбира постојани напори за постигнување на правична застапеност на сите заедници и на сите нивоа. Овие принципи се меѓу најчесто споменуваните во документите на НАТО. Еден од тие документи е и Годишниот извештај за различноста и инклузивноста 2022.

Затоа, ако е точен макар и само мал дел од тоа што го кажа Џафери на прес конференција – речиси целосно игнорирана од медиумите – земјата е исправена пред многу сериозен проблем. Но проблемот е поголем, бидејќи ова е само мал дел од тоа што навистина се случува. „Одбраната“ на Одбрана со манипулации и присвојување на достигнувањата на претходната влада не води кон ништо добро.

Што ќе одговорат премиерот Христијан Мицкоски и министерот за одбрана Владо Мисајловски кога од седиштето на НАТО ќе долетаат непријатните прашања за структурата и модернизацијата на армијата – и како тоа ќе биде претставено во домашната јавност – може лесно да се претпостави. Ја прочитавме таа книга.

Џабир Дерала

(CivilMedia)

Back to top button
Close