Како Македонија ќе се позиционира во однос на Палестина?
Прашањето за признавањето на Палестина повторно стана актуелно во пресрет на Генералната дебата при 80-то Генерално собрание на Обединетите нации. По најавите дека Франција, Обединетото Кралство, Канада, Австралија и Португалија ја признаваат Палестина како суверена држава, расте притисокот и во Македонија да се произнесе околу ова прашање. Во институциите засега владее молк во однос на ова прашање.
Писмо до претседателката
Иницијативата „Сите за Палестина“ испрати писмо до претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во кое се бара Македонија јавно и веднаш да го осуди геноцидот врз палестинскиот народ и да ја признае Палестина и земјата да почне да „за“ солидарност со палестинскиот народ на сите понатамошни гласања на ОН.
„Македонија гласа воздржано за клучни прашања поврзани со најголемото злосторство на денешницата, геноцидот и екоцидот кој Израел веќе две години, активно и секојдневно, го врши врз палестинското население во Газа. За каков мир, правда и напредок на здрава планета зборуваме, кога Македонија ни симболички нема изразено солидарност и поддршка со народ кој трпи геноцид, кој целиот свет го следи преку малите екрани? Како може да спиете мирно продолжувајќи ја економската и политичката соработка со геноциден ентитет како што е Израел“, прашуваат од Иницијативата.
Оваа година, темата на Генералната дебата е „Подобри заедно: Повеќе од 80 години за мир, развој и човекови права“. Во видео порака, претседателката Гордана Сиљановска Давкова потенцираше дека „оваа 80. годишнина е повик за будење, да ја потврдиме нашата посветеност на Повелбата на ОН и нејзиниот меѓународен поредок заснован на права и правила“.
„Од нас зависи дали ОН ќе се справат со предизвиците и ќе продолжат да градат иднина на мир, правда и напредок на здрава планета“, вели Сиљановска.
Не само зборови – туку и дела
Од Иницијативата порачуваат дека зборовите се празни доколку не се проследени со конкретни чекори, но и опасни доколку се дејствува сосем спротивно од нивното значење. Затоа бараат Македонија јавно и веднаш да го осуди геноцидот врз палестинскиот народ и да ја признае Палестина, итно да се побара прекин на огнот и влез на хуманитарна помош во Газа што не е дистрибуирана од Израел, да се воведат санкции кон Израел и да се „врати надворешната политика во рацете на народот во духот на солидарност, а не во духот на личен профит“.
За потсетување, Македонија во јуни гласање воздржано за резолуцијата која што беше усвоена во Обединетите нации, а со која, меѓу другото, се бараше итен прекин на огнот во Газа. Македонија, заедно со Албанија, Чешка, Словачка и Романија од европскиот континент, беше меѓу 19 држави кои гласаа воздржано.
Шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски тогаш образложи дека резолуцијата содржела елементи кои биле спротивни на македонските национални интереси. „Клучниот проблем на резолуцијата е недоволно јасната дефиниција на Хамас“, рече Муцунски. Ова објаснување имаше елементи на сличност со она што во пресрет на гласањето на резолуцијата во ОН го говореа израелскиот и американскиот амбасадор во светската организација.
Пред седницата на Генералното собрание на ОН, неколку западни земји објавија одлука за признавање на Палестина како држава. Германија не е меѓу нив, но притисокот врз германската влада расте.
Речиси 150 од 193-те членки на ОН веќе ја имаат признаено Палестина, но со Франција, Велика Британија и Канада, сега веќе и водечки сили од Г7, групата на седум најразвиени западни индустриски земји, би биле дел од нив. САД категорично го отфрлаат признавањето, исто како и Израел.