Како Општина Тетово му помогна на професорот Фатон Мурсели незаконски да гради на Шапка на туѓа земја

Во модерна викендичка на Попова Шапка се релаксира Фатон Мурсели, угледен професор од Тетовскиот универзитет, чија сопруга е претседателка на Комисијата за урбанизам во Тетово. Мрежа од геодети, општински службеници и инспектори сториле сѐ за да личи дека викендичката е легализирана дивоградба од пред 2011-та, иако истата била изградена во 2024 година. Злоупотребите вклучуваат неточен геодетски елаборат и фалисификуван инспекциски надзор. Градоначалникот Биљал Касами се оградува од случајот, пишува ИРЛ.

 

Она што започнало како идиличен сон за планинска куќа, се претворило во разочарување за Муамет Бејтулахи, кој потекнува од тетовското село Челопек, но живее во Србија.

Во 1987 година, кога имал едвај дваесетина години, државата понудила земја за викендички на Попова Шапка.

„Плацовите не беа скапи, чинеа малку, околу 2 000 тогашни германски марки“, ни раскажа Муамет (60) за, како што го опиша, неговиот прв купен имот во животот.

Тетовска фирма му изработила и проект за викендичка. Но, во тие последни години на Југославија, тој се преселил во Србија. Следуваа транзиции, војни, па тој со години не доаѓал на Шапка. Три децении подоцна, кон крајот на август минатото лето, додека бил во земјава, добил информација дека на плацот некој друг си гради викендичка.

Ангажирал адвокат од Скопје, па на 20 август заедно се качиле на Шара и затекнале мајстори. Ги замолиле да го викнат газдата за кого работат, по што тие повикале извесен Мурсел Мурсели.

Муамет го прашал како го добил имотот, ни раскажа адвокатот Горан Илиев, на што Мурсел му одговорил дека го купил од сосед. Муамет побарал телефонски да се слушне со тој сосед. Лицето негирало дека некому му продало имот по што, како што тврди адвокатот, реагирал Мурсел:

„Не, чекај… да ти објаснам како го добив… Да не се расправаме со комшиите… Мене ми дадоа подарок, правам документи за легализација…“, ни го раскажа Илиев разговорот кој наводно следувал потоа меѓу двајцата.

По ова адвокатот заедно со Муамет отишле во полициската станица на Попова Шапка. Повикале полицајци да дојдат со нив кај плацот. Тие дошле, собрале информации и составиле известување кое неколку дена подоцна му го пратиле на адвокатот.

Но, полицајците пријавата ја завеле како кривично дело самовластие, а не како бесправно градење, ни раскажа Илиев. За тоа дело може да се поведе само приватна тужба, а за бесправно градење државата сама поведува постапка по службена должност.

Дополнително, во документот полицајците детално напишале како течел службениот разговор кај објектот:

„Од наша страна е извршен разговор со посоченото лице Мурсел Мурсели, каде што тој се изјасни дека не е инвеститор, односно за посочената викендичка инвеститор е лицето Фатон Мурсели, син на пријавениот“, пишува во полициското известување.

Полицајците навеле дека разговарале и со Фатон Мурсели (понатаму во текстот Професорот). Тој е актуелен професор на државниот Тетовски универзитет, некогашен новинар и портпарол на Општина Тетово. Тој им потврдил дека ангажирал градежни работници за да работат на викендичката. Но, рекол оти таа му припаѓа на негов роднина. Го посочил името Сали Исени од селото Нераште, за кого нагласил дека се наоѓа на привремена работа во Данска.

„Со Сали сме баџанаци. Жените ни се сестри“, ја појасни подоцна Мурсел Мурсели во разговор за ИРЛ роднинската врска со Исени.

Повеќе

 

Back to top button
Close