Како паметни телефони помагаат во откривање на депресија
Паметните телефони имаат потенцијал да помогнат во откривањето на депресија преку дигитална фенотипизација и извлекување карактеристики, користејќи огромна количина на податоци што ги собираат, велат кинеските научници од Универзитетот во Ланџоу.
Како што пренесува Синхуа, ова има посебно значење и потенцијал за современите луѓе изложени на висок стрес, бидејќи паметните телефони можат навремено да ја регистрираат менталната и физичката состојба на лицето, покажува новообјавена студија во списанието Proceedings of the IEEE.
Дигиталната фенотипизација е процес на собирање и анализа на податоци за однесувањето и физиолошките реакции на лицето преку дигитални уреди како што се паметни телефони, за да се создаде “дигитален отпечаток” на менталната и физичката состојба, како што се, на пример, образците на движење, ритам на спиење, користење на телефон, социјални интеракции…
Огромната количина податоци што ги генерираат паметните телефони може континуирано да ја следи менталната состојба на корисникот, со повеќе предности како што се сеопфатноста и објективноста, објаснува Јанг Минчијанг, вонреден професор на Факултетот за информациски науки и инженерство на Универзитетот во Ланџоу.
„Паметните телефони можат да помогнат во навремено препознавање на психолошки нарушувања како што се депресија и анксиозност“, додава Јанг.
Паметните телефони содржат бројни сензори, како што се GPS, жироскоп, микрофон, сензор за амбиентално светло и др. Овие сензори можат да го запишуваат движењето на лицето, социјалните интеракции, спиењето, дневниот ритам и друго однесување, што овозможува нивна употреба во препознавање и следење на психолошки состојби.
Особено значајно е што паметните телефони широко се користат како преносни уреди за собирање податоци од носиви и здравствени сензори, кои пасивно бележат податоци за околината, здравствената состојба и однесувањето.
Нови истражувања покажуваат дека собраните податоци можат да се користат не само за следење на физичкото, туку и на менталното здравје на поединците. Сепак, извлекувањето карактеристики на дигитални фенотипови кои укажуваат на голем депресивен пореметување (анг. MDD – Major Depressive Disorder) претставува технички предизвик и може да предизвика сериозна загриженост во однос на приватноста.
Оваа студија дава сеопфатен анализ на неколку клучни прашања поврзани со сеопфатното сензорско следење што се користи за откривање на MDD, наведува Јанг.
Истражувачите посебно ги анализирале постојните методологии и алгоритми за извлекување карактеристики што се користат за детекција на MDD преку дигитална фенотипизација врз основа на податоци од паметни телефони.
Во трудот се сумираат и објаснуваат пет вида карактеристики на податоците на паметните телефони: локација, движење, ритам, спиење и социјални интеракции и користење на уредите.
Овие податоци ги бележат образците на секојдневните активности на поединецот, вклучувајќи социјална интеракција и користење на мобилен телефон. И покрај ограничувањата, оваа студија отвора врата за понатамошни истражувања и инженерски испитувања на употребата на податоците од паметни телефони, додава Јанг.
„Рано препознавање може да помогне за рана интервенција во случај на депресија. Очекуваме дека производителите на паметни телефони ќе развијат дијагностика и третман на ментално здравје базиран на телефон – со зачувување на приватноста на корисниците“, рече Јанг.
Извор: Бета