Како подоцнежниот живот може да биде златната доба за пријателства?

Како што минува времето, нашите животни цели се менуваат на изненадувачки начини. Истражување покажува дека разбирањето на таа промена може да помогне при создавање исполнyвачки односи со другите.

Дали претпочитате да запознавате нови луѓе или да поминувате време во мал круг на блиски пријатели? Можеби помислуватендека одговорот зависи од тоа дали сте повеќе екстроверт или интроверт. Но има уште еден клучен, но малкупознат фактор што ги обликува нашите општествени преференции: возраста.

Пријателството е корисно за луѓе од сите возрасти, дури и, според многу истражувања, ни го подобрува здравјето и ни го продолжува животниот век. Во подоцнежниот период од животот, пријателствата може да станат еднакво важен извор на среќа и животно задоволство. Во тие години, чести дружења со близок пријател можат да ја зголемат среќата многу повеќе отколку дружење со блиското семејство.

Едно едноставно објаснување е дека пријателствата можат да бидат позабавни и помалку тензични од другите видови односи. Според едно истражување, голем број американци над 65-годишна возраст ги опишале средбите со пријатели како попријатни од оние со членовите на семејството. Овие откритија се спротиставуваат на постари истражувања кои повеќе се фокусираат на блиското семејство како клучен извор на поддршка за луѓе во стареење.

Споредено со млади луѓе, има една важна разлика во начинот на кој повозрасните одбираат и оддржуваат пријателства. Додека младите луѓе се склони активно да бараат нови контакти, постарите намерно го стеснуваат нивното опкружување, вели Катерина Фиори, професорка по психологија на универзитетот Аделфи во Њујорк. Иако ваквото намалување на бројот на врски во нашите животи носи важни предности, тоа исто така има и негативни последици кои вреди да се дискутираат.

Една предност на одржување помали кругови е во тоа што внимателно одбраните врски кои опстојуваат се најчесто поквалитетни. „Како што луѓето стареат, нивната перспектива за иднината се менува – тие во суштина имаат помалку време за живеење“, вели Фиори. „Приоритетите им се менуваат, со повеќе фокус врз општествено-емотивни цели“.

Ова е познато како „теорија на општествено-емотивна селективност“. Помладите возрасни лица ја гледаат иднината проширено и се фокусираат на нови врски. Постарите, пак, приоретизираат поминување време со луѓе кои добро ги познаваат и затоа ги намалуваат своите контакти. Фиори објаснува дека има цел зад отстранувањето на послабите врски – луѓето го прават тоа за да се фокусираат на нивните блиски врски како реакција на прибилижувањето кон смртта.

 

Ширење наспроти стеснување…?

Истражувачите имаат откриено дека постарите возрасни дури намерно ги напуштаат помалку блиските пријатели. Ова ја зголемува таканаречената „емотивна густина“ на нивниот општествен круг – тие работат кон создавање на помала, поцврста група. Постарите исто така се повеќе склони да простуваат и да задржат позитивен дух со малкуте одбрани контакти бидејќи сакаат да го искусат животот и заедничкото време кое им преостанува.

Овој фокус на среќа се совпаѓа со други откритија за улогата на позитивноста кај постарите. На пример, споредено со помлади возрасни лица, постарите имаат генерално попозитивен став и се фокусираат на позитивните животни случувања и сеќавања – феномен познат како „ефект на позитивноста“.

Но, не е нужно да се биде постар за да сњ искуси овој ефект на фокусирање повеќе врз блиски, среќни и позитивни односи. Кога помладите луѓе се притиснати да размислуваат за кревкоста на животот и нивното ограничено време на земјата, тие исто така ги менуваат своите општествени цели, од поекспанзивни стратегии кон пофокусирани, покажува истражување од 2016 година.

За време на ковид-19 пандемијата, овој ефект беше многу видлив: на врвот на пандемијата, луѓето од сите возрасни категории преферираа партнери со емотивна тежина. Со други зборови, помладите се однесуваа како постари, фокусирајќи се на помал број поцврсти врски. Тоа значи дека освен возраста, времето што мислиме дека ни е преостанато од животот влијае врз начинот на кој се однесуваме.

„Наодите покажуваат дека широко документираните разлики во возраста за социјална мотивација повеќе ги рефлектираат временските хоризонти од хронолошкото време“, се вели во едно истражување. Со други зборови, колку време мислиме дека ни преостанува влијае врз нашата општествена стратегија, многу повеќе од возраста.

 

Прифаќање нови пријатели

Но, иако човек може да ги негува блиските врски, добра идеја е да остане и отворен за нови пријателства, велат истражувачите. Фиори и нејзините колеги откриле дека намалувањето на пријателската мрежа несекогаш е здраво. Можеби изненадувачки, Фиори вели дека нема докази кои покажуваат како ексклузивниот фокус врз цврстите врски е корисен за менталното или физичкото здравје, во која било возраст.

„Пријателствата се многу корисни за добросостојбата на луѓето од сите возрасти и дел од ова е бидејќи различни врски пополнуваат различни улоги“, вели таа. „Најблиските врски се оние кои ни даваат општествена, емотивна и инструментална поддршка – но има и други функции кои ги добиваме од врските со различна блискост кои се еднакво, ако не и повеќе, важни“.

„На пример, нашите пријателства може да ни нудат интелектуална стимулација или едноставно да ни дозволуваат да се забавуваме – клучната разлика е што пријателствата се доброволни, необврзувачки врски, кои можат да почнат и завршат во секое време“.

Александра Томпсон, истражувачка за ментално здравје во Њукесл универзитетот во Англија, потврдува: „Пријателствата ни даваат различни придонеси од нашите семејни врски поради разни причини. Семејните врски можат да бидат заробувачки или базирани на обврска. Но пријателството повеќе се базира на заеднички интереси и може да ги зголеми позитивните чувства“. Значењето на пријателствата е посилно врзано со здравјето и среќата меѓу постарите, жените, луѓето со помало ниво на образование и луѓето кои живеат во индивидуалистички култури, според истражување во 2021 година направено врз 300.000 луѓе од 99 држави.

Истражувањето покажа дека високото вреднување во општествените врски кај постарите може да служи како „успешна стратегија за справување со тешкотиите кои ги носи подоцнежниот возрасен живот“.

Пријателите можат да ни станат одбрано семејство

Некои пријателства можат да станат толку блиски што самиот збор не е доволен за да ја долови длабочината на врската. Пријателот може да го чувствуваме како роднина, на пример. Пријателите можат да ни станат „фиктивни роднини“, нудејќи ја топлината и поддршката од семејството, заедно со задоволството од пријателството, вели Фиори. „Роднинството не треба да се сведе само на крв и брак“, вели таа. „Кога одредена личност станува роднина, тогаш врската се менува, наликувајќи повеќе на должност“.

Во ЛГБТ+ заедниците, луѓето што стареат можат да се потпираат на „одбрани“ семејства за поддршка. Ова особено може да важи за постарите генерации кои често доживувале екстремна дискриминација кога растеле, вклучувајќи исклучување од семејството и можеби ја немале шансата да имаат деца. Луѓето кои одбрале да немаат деца, како што стареат се исто така повеќе склони да се потпираат на пријателите отколку на биолошките врски.

Но, додека ги негуваме блиските врски и оние кои наликуваат на роднински, можеме да ги уживаме и поопуштените врски, вели Томпсон. Клучот е да одбираме квалитет наместо квантитет.

 

Дали магичниот број е четири?

Докторското истражување на Томспон го истражило идеалниот број на пријатели за постари луѓе да можат да ја победат осаменоста и да уживаат подобра психолошка состојба. Таа откри дека имањето четири блиски пријатели е идеално, а по надминувањето на таа бројка, не нашла значителни придонеси за благосостојбата на индивидуите. 

„Сè е во тоа како ги охрабруваме луѓето да имаат квалитетни, блиски и интимни релации, или да ги зајакнат врските кои веќе ги имаат за да го зголемат квалитетот и длабочината на интимноста, за да ги добиваат тие разни видови општествени придобивки од нивните сегашни пријатели“, вели Томспон.

Трудот е исплатлив, поради повеќе причини: придобивките од пријателства во подоцнежниот живот ја надминуваат психолошката добросостојба со тоа што вклучуваат и подобро когнитивно функционирање и физичко здравје. Всушност, истражувања постојано откриваат дека пријателствата се еднакво важни како семејните врски во предвидување добросостојба кај возрасните луѓе. Метаистражување кое собра разни студии, на вкупно 309.000 индивидуи, следени во просек од 7.5 години, откри дека луѓето со пристојни општествени односи имат 50 отсто поголема шанса за преживување споредено со оние со слаби или недоволни врски. Пријателствата исто така можат да бидат извор на стабилност што е од особена важност во време кога демографските трендови покажуваат одделување од традиционалното нуклеарно семејство, одбирање самохрано родителство, развод и стапување во друг брак – правејќи го семејниот живот посложен.

Па како да создадеме корисна мала мрежа од сродни души и пријателски познаници?

Создавање шанси за пријателства

Иако стареењето има позитивно влијание врз врските, постарите сепак се соочуваат со голем број предизвици што го отежнуваат запознавањето нови луѓе, вели Фиори.

Тие немаат општествени прилики како школо, универзитет или работа. Тие може се борат со осаменоста која доаѓа од надживување на партнерот или на блиските пријатели. Намалените когнитивни функции или мобилност може дополнително да отежнат. Ако човекот е по природа интровертен, приоѓањето на нови луѓе може исто така да изгледа напорно.

Родот исто така може да игра улога. Постари мажи обично пријавуваат поголема општествена изолација од жени. Некои истражувања покажуваат дека жените традиционално играат улога на „заштитнички на врските“ и поради тоа имаат посилни врски со пријателите и семејството кога ќе остарат.

Но исто така има фактор што е врзан за нашиот светоглед и особено нашата перцепција за стареењето, вели Фиори. „Ако некој си вели ‘станувам сè помалку здрав, никој не сака да ми биде пријател. Немам за што повеќе да живеам’ – тој тип на човек нема да излегува и да пробува да создава нови пријателства, но некој што има попозитивна перцепција врз пријателствата ќе излегува“, вели Фиори.

Таа препорачува дека когнитивните интервенции можат да помогнат да се победи ова – не само терапија, туку пошироко – секој вид интервенција која таргетира когнитивна промена која би им помогнала на постарите да имаат позитивна перцепција кон стареењето“.

Сепак, би требало да ни биде полесно да се спријателуваме како возрасни: како што созреваме, видикот ни се ориентира повеќе кон среќата, а и стануваме пофлексибилни „Со време, луѓето стекнуваат општествени способности. Постарите се поспретни во тој поглед од младите. Тие полесно можат да избегнат конфликти“.

Кршење на митот за осаменост

Осаменоста не е синоним со бидувањето сам, туку таа значи копнеење по општествена врска и чувството на опуштеност во услови кога тие се невозможни.

Општествената изолација е често асоцирана со стари луѓе кои „живеат осамнички живот“, но таа може да се доживее во секоја животна фаза. Истражување покажува дека распределбата на осаменоста на еден график е во форма на „U“, со зголемени нивоа на осаменост почувствувани од тие на почетокот и на крајот од возрасниот живот.

Некои преодни периоди во понатамошниот живот, како загубата, водат кон поголема поврзаност. Пензионирањето исто така може да ослободи време за постарите возрасни лица и да им даде поголема шанса за социјализација со сосед или волонтер. Ова истражување сугерира дека постарите се „отпорни на потенцијално изолирачки настани“ и продолжуваат да наоѓаат значајни врски и во подоцнежниот живот.

Фитнес и пријатели

Томпсон ја застапува страната за создавање нови општествени прилики. Таа работела со добротворната организација Рајз, во североисточна Англија, на програма за постари именувана „Секој чекор е важен“. Учесниците биле регрутирани преку нивните лекари и учествувале во четири, еднонеделни сесии кои вклучувале физичка активност проследена со време за социјализација. Идејата била да го зајакнат физичкиот аспект како и емотивните врски. Учесниците рекле дека сесиите биле забавни, а 81 отсто кажале дека почувствувале подобрување, како и намалена осаменост.

Мало подобрување на дигиталната писменост

Имање пристап до интернет може да помогне и на благосостојбата на постари индивидуи, особено ако се соочуваат со физички предизвици. Технологијата им дозволува да добијат пристап до широка палета на ресурси, како и да делат работи со своите пријатели. Но, тие побавно се адаптираат на новата технологија во споредба со помладите возрасни.

Една студија на набљудување истражила како постари луѓе меѓу 69- и 91-годишна возраст, од независни заедници, користат технологија. Секој учесник веќе поседувал таблет и слични уреди, откако видел дека други луѓе го користат или, пак, по препорака од пријатели и роднини. Иако истражувањето користело мал примерок, тоа покажува дека технологијата може да им помогне на постарите да се поврзат со семејството, пријателите и поширокиот свет. Студијата и го зацврстува аргументот за подобрување на технолошката писменост на постарите со надеж за предизвикување позитивни промени во нивните животи.

 

Доаѓаат уште промени...

Постојат знаци дека доаѓаат понатамошни општествени промени, и тоа кон подобро.

„Една од работите кои мислиме дека ја турка промената е тоа што перцепциите за стареењето станаа сè помалку негативни, вели Фиори. „Мојот колега (Оливер Хаксхолд од Германскиот центар за геронтологија) предвидивува дека постарите во иднина не само што ќе спомнуваат повеќе пријателства во нивната мрежа за поддршка, туку ќе поминуваат и повеќе време со нив“.

 

Моли Горман

Извор: BBC

Превод: Филипа Сара Попова

 

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close