Како се кршат камења

Францускиот предлог е врвна дипломатска приказна како да се понуди решение за еден небулозен спор, а во него да има и драма и чесно повлекување. Освен Париз, имаше и многу други актери во играта.

Можеби се сеќавате, а можеби и не, на онаа генијална песна на Боб Дилан All Along the Watchtower (во исто така генијална обработка на Џими Хендрикс) и на нејзините први два стиха: „There must be some way out of here“, said the joker to the thief/„There’s too much confusion, I can’t get no relief“ („Мора да има некој излез одовде“, му рече шегаџијата на крадецот/„Има премногу конфузија, не можам да се опуштам“). Така некако заликува ситуацијата со францускиот предлог, кој според зборовите на Париз и Брисел е конечен. Мора да има некој излез, а во исто време има конфузија.

Уште на почетокот, кога беше објавеновој предлог, изгледаше дека француското претседателство така го калибрирало што ќе им биде тешко и на Скопје и на Софија да го остават. И така и излезе. Епизодите со новата резолуција во бугарскиот парламент со додадени четири услови, а потоа неговото отфрлање на премиерот Димитар Ковачевски среде Брисел, изгледа дека беа дел од поголемата слика во која требаше да се вметне драма, која ќе ја видат или насетат што помалку луѓе од страна. Ова можеби не беше во стилот на Ричард Холбрук и неговото удирање со рака на маса кога требаше господарите на војната да се седнат во Дејтон, ниту телефонското укинување на грчкото ембарго на релација Скопје-Атина. Овде имаше повеќе европско убедување и кршење бугарски камења и по некој македонски за да се дојде што е можно побрзо до решение за да се смири југоисточното крило на Европа преплавено од руската пропаганда и секакво друго влијание (гледајте само како падна бугарската влада). Ова беше европски проект за решавање на овој небулозен спор (во кој едната страна ги има сите адути на ЕУ, а другата речиси ништо), но најтешкиот воденички камен се вртеше во Вашингтон. За тоа не треба да има сомнение. (Забележувате, во овој круцијален месец во подготовката на решението преточено во француски предлог, американските изјави ги снема од јавниот дискурс, освен некои протоколарни соопштенија.)

Како што сега стојат работите, без оглед што велат противниците (Христијан Мицкоски: „Ова е бугарски диктат – не, благодарам!“) овој предлог според опозицискиот омилен термин – брза лента – ќе биде прифатен и тоа во наредните неколку дена. Само револуција – или контрареволуција, како сакате – може да го спречи овој развој на настаните. А прашање е дали има енергија за тоа.

Глазура во Мадрид

Нашите политичари не сакаат да пишуваат мемоари (или не знаат, или се плашат да не ги суди историјата), но изгледа дека финалната глазура на францускиот предлог, кој веќе не може да се одбие од ниедна страна, беше направена на Самитот на НАТО во Мадрид. Претседателот Стево Пендаровски тоа на одреден начин го навести во разговорот за Сител, при споменувањето дека таму трипати разговарал со Олаф Шолц, двапати со Емануел Макрон, со Ентони Блинкен… Без да има средба со Румен Радев (освен протоколарна). А за сето тоа време Бујар Османи и Теодора Генчовска прво 10 часа во Софија, а потоа двата дена во Мадрид договараа како секоја страна да излезе со што помалку лузни. На тоа се надоврза и самата објава на Макрон на прес-конференцијата на Самитот, каде се зборуваше за работи на НАТО и новата стратегија спрема Русија, неочекувано да одвои важно време да соопшти за работи кои се однесуваат на Европската унија и за еден спор кој почна да ја мачи и Алијансата (Еди Рамасо неговите изјави во Брисел, се чини, одигра специфична улога). Ако можеше да се најде решение за блокадата на Турција за членството на Шведска и Финска во НАТО, тогаш бугарското вето беше од многу помал калибар.

Сосема разбирливи и легитимни се стравувањата во домашната јавност дали оваа преговарачка рамка може да се претвори во поле за бескрајни кочници за македонскиот напредок. Никој не вели дека тоа не може да се случи (како ни кочниците од други земји) во оваа изменета методологија за пристапување кон ЕУ. Но во неколкучасовните трескавични толкувања за тоа каде можат да бидат „кваките 22“ за Македонија во иднина забораваме да видиме од што сѐ мораше да се повлече Бугарија за да може да се претставува како доверлив европски и атлантски партнер.

Вреди да се потсетиме на тоа и да ни стане појасно зошто бугарските медиуми и политичари речиси унисоно молчеа последниве два дена околу драматичниот развој на настаните (иако протерувањето на 70 руски дипломати и неизвесноста околу новото можно мнозинство околу мандатарот Асен Василев ја прекри речиси целата политичка агенда таму).

Настаните тргнаа вака:

На 18 септември, неколку дена по состанокот без резултат на Историската комисија на 12 и 13 септември (тогаш веќе се зборуваше за Гоце Делчев), претседателот Румен Радев ги собра во својот кабинет нејзините бугарски членови и им даде политичка задача – доколку во преостанатиот еден месец (се знаеше дека во октомври требаше да биде означен датумот за преговори со Македонија) членовите дадат гаранции дека ќе се решат сите контроверзни прашања – настани, личности, корекција на учебници, натписи во музеи, на спомен-плочи, тогаш бугарската влада може да продолжи со својата политика на безусловна поддршка за членството на Македонија во ЕУ. „Меѓутоа, доколку тоа не се случи, владата мора да преземе мерки за развој на нова национална позиција со јасни барања и критериуми во одбрана на бугарскиот национален интерес, кои експлицитно ќе бидат вклучени во преговарачката рамка за Македонија како задолжителни услови за членство во ЕУ“, им рече Радев на историчарите.

На 30 септември Радев ги собра и претставниците на партиите, а на средбата беше и Ангел Димитров, копретседателот на Историската комисија од бугарска страна. Вицепремиерот Красимир Каракачанов веќе најавуваше дека ќе ја напушти владата ако Бугарија го поддржи започнувањето на преговорите Македонија. Но, по средбата, произлезе заклучок дека Бугарија нема да стави вето за почеток на преговорите со Македонија.

Иако Радев ги повтори неговите задачи дадени за историчарите, а од владата побара да се ангажиирала појасно да ги определи целите на Софија, главно во образовбниот процес, учебниците и натписите. И да се заштити бугарскиот национален интерес во преговарачката рамка.

Но многу скоро, и речиси во брзање, на 9 октомври Владата усвои рамковна позиција за преговорите на Македонија и Албанија, а ден подоцна тоа стана и одлука на Собранието. Точките од таа рамковна позиција ги знаеме, но треба да се навратиме на нив за да направиме споредба дали ги има или не во францускиот предлог.

Уште на самиот почеток од рамковната позиција се вели дека „Бугарија не треба да дозволи интеграцијата на Република Северна Македонија во ЕУ да биде придружена со европско легитимирање на државно спонзорирана идеологија врз антибугарска основа. Препишувањето на историјата на дел од бугарскиот народ по 1944 година е меѓу столбовите на антибугарската идеолошка конструкција на југословенскиот тоталитаризам.

Што стана со рамковната позиција?

Потоа се наведуваат задачите за Скопје: „Македонија треба да престане и да се воздржува од водење политика, без разлика во каква форма, на поддршка и промовирање барања за признавање на т.н. ‘македонско малцинство’ во Бугарија“. Па со усна нота до ОН да објави дека се придржува кон уставните измени согласно Преспанскиот договор и строго ќе го почитува Договорот за добрососедство со Бугарија, вклучително и неговата „јазична клаузула“. Па, за употребата на краткото и долгото име, „покренување процес на рехабилитација на жртвите на југословенскиот комунистички режим, репресирани поради нивната бугарска самосвест“, поттикнување процес на расветлување на соработниците од денешна Македонија со безбедносните служби на поранешна Југославија; и преземање систематски мерки за отстранување знаци и натписи на споменици, спомен-плочи и згради, текстови кои „отворено влеваат омраза кон Бугарија“, на пример, оние кои содржат квалификации како „бугарски фашистички окупатор“.

Беа определени и насоки за Историската комисија – да се остварат конкретни резултати за Гоце Делчев, ВМРО, Илинденското востание, промена на текстовите на плочите и информациските табли според договореното од историчарите.

Тоа не беше сѐ. Во рамковната позиција се бараше добрососедството да биде дел од целиот процес на пристапувањето, да се отвори ново поглавје, 35, во кое ќе се следат овие критериуми; за јазикот да стои „официјален јазик на Република Северна македонија“, а при „апсолутна неопходност од употреба на терминот ‘македонски јазик’ во документите и позициите на ЕУ, со ѕвездичка под линија треба да се разјаснува секој пат – ‘согласно уставот на Република Северна Македонија’“.

Има уште многу „чудни“ барања во оваа рамковна позиција, но тоа би одзело преголем простор. Малку се споменува, но во делот за Албанија во рамковната позиција се наведува дека „очекуваме правата на бугарското национално малцинство да бидат максимално загарантирани, вклучително и изучувањето, без административни пречки, на литературниот бугарски јазик како мајчин јазик во регионите традиционално населени со нив, како што се Голо Брдо, Гора, Преспа, Корча, Кукес, Елбасан, но и на кое било друго место на територијата на Албанија каде моментално живеат“.

Една недела подоцна, на 17 октомври, дојде ветото на Емануел Макрон за Македонија. Па уште три вета на Бугарија во 2020 и 2021 година.

– повеќе од авторот: Кругот изгледа имал квадратура, oткриле во Софија

Потоа дојде пакетот „5+1“, Бугарија се обидуваше да најде начини некако да ја преточи рамковната позиција низ Копенхашките критериуми. Во тоа време еден од советниците на Радев го додаде и внесувањето на Бугарите во македонскиот устав. Иако барањето не беше содржано во ниту еден документ ниту беше договорено во бугарскиот парламент. Наеднаш, тој стана клучен услов без кој не се може. Бугарската јавност здушно го прифати без да го проверува. Како што вели историчарот Стефан Дечев, „на конференцијата посветена на Гоце Делчев во Националната палата на културата на 4 мај годинава, Радев дури го нарече целиот пакет на нов начин – ‘1+5’. Овде за првпат се напушти јазикот, како и предлозите на бугарската рамковна позиција“.

Кога се појави францускиот предлог, па макар во нацрт верзија, тоа беше добра можност официјална Софија да излезе од кашата што самата ја зготви и побрза да го прифати во Собранието. Парадоксално, клучна улопга во ова одигра ГЕРБ на Бојко Борисов, партијата која ја подготви и спроведе целата блокада, а сега подметнуваше рамо за европската, а не за бугарската визија. Со прифаќањето на францускиот предлог, со навидум четири нови услови, на Бугарија ѝ беше понуден некаков чесен излез и што е најважно, беше поништена рамковната позиција која за Софија стана тежок камен околу вратот.

Теренот на одреден начин беше израмнет, само требаше политичката дипломатија да ја преземе работата. А и притисок – проблемот да се реши.

Што има од овие услови „цврсти како камен“ поставени од Софија во францускиот предлог може да оцените сами. Само треба внимателно да се прочита. Преговарачката рамка во најголем дел е составена од принципите на новата методологија за проширувањето, начините како се одлучува и кога кандидатот може да се врати назад.

И да се вратиме на почетокот од текстот и на Боб Дилан – „Мора да има некој излез одовде“.

Љупчо Поповски

извор: ДВ

Back to top button
Close