Како се случи бакнежот помеѓу Вучиќ и Курти

Сликата која прикажува бакнеж меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти стана популарна низ целиот Балкан.

„Поминаа 23 години од крајот на војната во Косово и 15 години од прогласувањето на независноста, но и двете земји се уште се заглавени во политички процеси од кои губат граѓаните од двете страни“, изјавила косовската уметница Ермира Мурати за Би-Би-Си на српски јазик.

Затоа, како што вели, нејзината слика на која Вучиќ и Курти се бакнуваат – објавена на 17 февруари, денот на независноста на Косово, е всушност критика на двајцата политички лидери.

„Добив куп навреди и закани подеднакво и од Албанци и од Срби, пред се, затоа што се работи за бакнеж помеѓу двајца мажи, иако пораката е всушност политичка“, вели Мурати, која своето дело го објави под псевдонимот Портокалова девојка (Orange girl).

„Но, ми се обратија и други Албанци и Срби на кои им се допаѓа ваквото претставување на Вучиќ и Курти“, додава таа.

Покрај нивниот бакнеж, Мурати на сличен начин насликала двајца мажи и две жени во традиционална албанска облека, со цел „да укаже на проблемите на ЛГБТ заедницата во Косово“.

Сето тоа е дел од нејзиниот проект „K is S“ (бакнеж на англиски, но и дел од зборот Косово), за кој вели дека се занимава со „табу теми“.

Графитите и муралите на политичари кои се бакнуваат не се толку ретки. Првиот и најпознат е насликан на Берлинскиот ѕид, кој за време на Студената војна го подели градот на источен и западен дел. На него е прикажан бакнеж меѓу Леонид Брежњев, тогашниот лидер на Советскиот Сојуз, и Ерих Хонекер, лидерот на комунистичка Источна Германија, која беше контролирана од СССР. Се вика „Господе, помогни ми да ја преживеам оваа смртоносна љубов“

 

За бакнежите

„Бакнежот е израз, но никогаш неутрален – добива значење во зависност од контекстот, каде и зошто е разменет. Историјата помно бакнежи од моменти на болка и збогување, но и бакнежи како израз на братство или дури и предавство – дали ова ќе биде еден од нив“ напиша Мурати на социјалните мрежи под сликата на Вучиќ и Курти.

За неа, како што вели во интервју за Би-Би-Си, уметноста е „моќно оружје за себеизразување, комуникација, испраќање силни пораки и идеи и коментирање на состојбите во општеството“.

„Таа може да биде моќно оружје за општествени промени и може да помогне во обликувањето на наративот околу важни општествени и политички прашања. Некои луѓе, ја гледаат сликата на Вучиќ и Курти како моќен симбол на единство и помирување меѓу Србија и Косово, додека други ја гледаат како контроверзна и провокативна слика што ги оспорува традиционалните идеи за мажественоста и моќта“ вели Мурати.

Пораката на таа слика е секако политичка, за разлика од нејзините претходни дела.

Другите две прикажуваат љубов меѓу лица од ист пол во албанското минато, застапување на Мурати за признавање на правата на ЛГБТ заедницата во Косово и борба против хомофобијата“.

„Постои стигма дека да се биде геј е модерна болест и дека истополовата љубов не постоела во минатото, што не е точно“, вели таа и додава дека таа порака сакала да ја постигне и со сликањето на две жени кои се бакнуваат.

„Во контекст на ЛГБТ правата, уметноста може да биде особено влијателна во земјите и културите каде што хомофобијата и дискриминацијата се длабоко вкоренети. Со создавање уметност што се занимава со овие прашања, уметниците можат да придонесат за општествени промени и да помогнат во создавањето поправедно општество“ смета Мурати.

 

За познатите бакнежи

Графитот на кој се бакнуваат Брежњев и Хонекер, на источната страна на Берлинскиот ѕид, е создаден во 1990 година, набргу по неговото рушење. Авторот Дмитриј Врубељ, руски сликар, всушност прикажал бакнеж кој и реално се случил.

Брежњев и Хонекер се бакнаа во 1979 година во Берлин за време на прослава на рри децении од основањето на Источна Германија. Станува збор за социјалистичкиот братски бакнеж, кој бол посебен облик на поздравување меѓу државниците од Источниот блок. Се состои од прегратка и бакнеж во образот или, во ретки случаи, во устата, што ја покажа посебната врска меѓу лидерите на социјалистичките земји.

Моментот на бакнежот помеѓу Брежњев и Хонекер го овековечи Регис Босу и стана и една од најпознатите фотографии во историјата. Муралот стоеше на Берлинскиот ѕид со години, без Врубељ да биде свесен за неговата популарност.

“Јас си го живеев мојот живот, а сликата нејзиниот. На почетокот на 2000-тите, луѓето почнаа да носат сувенири од Берлин – магнети, шолји и слично – со бакнежот на нив, кои се продаваа низ целиот град. Тогаш ми беше јасно дека станал симбол, нешто историско“ изјави Врубељ во едно интервју.

Сепак, графитот со текот на времето, па се оштетил па бил обновен во 2009 година. Всушност, бил целосно отстранет и Врубељ насликал нов, со поквалитетни и поотпорни бои.

„Во 1990 година кога го насликав „Бакнежот“, погодив точно во центарот сосема случајно, но реставрацијата и моменталната состојба на сликата – тоа е нешто што го направив дополниттелно“, вели рускиот уметник.

Врубељ почина во август 2022 година во Берлин.

Со текот на годините се создадени неколку слични верзии на овој мурал.Мурал од 2016 година во Литванија го прикажува бакнежот меѓу рускиот претседател Владимир Путин и тогашниот американски претседател Доналд Трамп.

Таа година Трамп “се бакна” и со поранешниот британски премиер Борис Џонсон, а во 2017 година со Бенјамин Нетанјаху, израелскиот лидер.

Во 2018 година, бакнеж меѓу италијанските политички ривали Матео Салвини и Луиџи ди Мајо беше насликан на ѕид во Рим.

Извор: bbc kultura

Превод: Лени Фрчкоска

Back to top button
Close