Како секојдневната консумација на една лажичка маслиново масло влијае на нашиот организам?

Маслиновото масло може да биде корисно за здравјето без оглед на вкупниот квалитет на исхраната. Едно истражување ги анализирало податоците од повеќе од 92.000 учесници во текот на 28 години. Учесниците секои четири години одговарале на прашања за нивните навики во исхраната и внесот на маслиново масло. Тие кои внесувале повеќе од седум грама (околу половина лажичка) маслиново масло дневно имале 28% помал ризик од смртност од деменција во споредба со оние кои ретко или никогаш не го консумирале, пренесува Данас.

Меѓутоа, ова е опсервациско истражување кое може да идентификува поврзаности, но не може да утврди причинско-последични врски. Со други зборови, не е јасно дали маслиновото масло директно го намалува ризикот од смрт од деменција или постојат други фактори во животот.

„Ова истражување ги проучуваше здравствените картони, записите за смртност, исхраната и прашалниците за учестноста на консумирање храна за да се обидат да идентификуваат можни врски помеѓу внесот на специфична храна и ризикот од смрт поврзан со деменција“, изјави Стефанија Форнер, доктор по науки, директорка за медицински и научни односи во Алцхајмеровата асоцијација, за Verywell.

„Ова не е интервентно истражување во кое некои луѓе јаделе маслиново масло, а некои не, што е златен стандард за начинот на кој се спроведуваат клиничките испитувања на третмани“, додаде Форнер.

Иако не можете да се потпрете на една лажичка маслиново масло за да го намалите ризикот од смрт поврзан со деменција, вклучувањето на ова масло во вашата исхрана може да донесе здравствени придобивки кои го поддржуваат когнитивното здравје.

„Веќе долго време знаеме дека маслиновото масло и други извори на незаситени масти се важни за аспектите на кардиоваскуларното здравје, вклучувајќи намалување на нивото на холестерол, намалување на крвниот притисок и намалување на ризикот од срцеви болести“, изјави Ли Барон, диететичар во The Baseline Lifestyle Co, за Verywell.

Поврзаноста помеѓу здравјето на срцето и мозокот е добро воспоставена. Истражување објавено во Journal of the American Heart Association покажало дека луѓето со поголем ризик од срцеви болести имале полоша когнитивна функција во споредба со оние со понизок ризик, што сугерира дека тоа што е добро за срцето, исто така е добро и за мозокот. (Трн)

 

Back to top button
Close