Како штетните наративи на антиродовите движења влијаат врз образовниот процес?

Пишува: Марта Стевковска
Антиродовите движења, кои земаат сè поголем замав во земјава, веќе неколку години организирано влијаат на кадарот и на наставната програма во основното, средното и високото образование.
Неодамна Македонската медицинска студентска асоцијација (ММСА) најави на Фејсбук дека на Медицинскиот факултет при УКИМ во Скопје ќе се одржи предавање наречено „Патот на транзицирање“. Во најавата стоеше дека предавањето ќе ги покрие различните аспекти на медицинските услуги и грижа во процесите на потврдување на родот на трансродовите лица и ќе биде водено од докторка по пластична хирургија. Лично искуство со транзиција и користење на услуги во нашиот здравствен систем требаше да сподели и активистка, чие учество беше откажано на денот на предвидениот ден на одржување на предавањето. Организаторите го откажаа настанот откако здружението „Коалиција за заштита на децата“ јавно ја критикуваше студентската организација ММСА. Тие тврдеа дека предавањето било пријавено под друго име во деканатот. По оваа објава, ММСА го откажа настанот и во објава на Фејсбук неколкупати се извини на деканатот.
Во училиштето „Св. Кирил и Методиј“ во општината Центар минатата година се прошири дезинформација дека на работилница за семејство преку фотографија се вршела ЛГБТИ+ индоктринација на децата. Фејсбук-објавите од загрижени родители тврдеа „првоодделенци од Скопје по грешка учат за среќно семејство помеѓу двајца мажи и две жени“. Фотографијата беше злонамерно извадена од контекст, а подоцна директорката на училиштето „Св. Кирил и Методиј“ за Вистиномер изјави дека на фотографијата споделена во објавата има татко и синови и мајка и ќерка (еднородителско семејство и згрижувачко семејство). Родителите коишто реагирале, по консултацијата во училиштето се извиниле и го прифатиле објаснувањето од училиштето.
Голем дел од овие дезинформации и штетни наративи потекнуваат од „Коалиција за заштита на децата“, „Родителски фронт“, „Од нас за нас“, „Преземи одговорност“ и други слични организации кои се дел од антиродовото движење во земјава. Нивните објави на социјалните мрежи се детално структурирани и на прв поглед не може веднаш да се забележи дека тие во насока на „заштита на децата, традиционалните семејни вредности и фамилијата“, всушност создаваат опасност од ширење дезинформации во образовниот систем, како и лажен штетен дискурс, страв и омраза кон ЛГБТИ+ лицата, но и воопшто еден многу опасен наратив за состојбата со родовата еднаквост во државата, што може да доведе до уназадување на човековите права. Нивната системска организација не е наивна бидејќи нивните влијанија се и на општинско ниво и преку одредени политички субјекти и партии, а за нивните инфо сесии и дебати за „разоткривање на вистината позади сеопфатното сексуално образование“ како и „родовата идеологија“ се користат салите во општините или културните домови во градовите, како на пример во Струмица и Радовиш, а поддршката доаѓа и од МПЦ. Тоа навидум им дава и некаква лажна „легитимност“ во нивното делување и активности поттикнувајќи размислување кај нивните следбеници дека тие се поддржани од повисоки „етаблирани“ институции.
Страв како резултат на лажните вести и дезинформациите
Во анализата на клучните стратегии и наративи на анти-родовите движења во Северна Македонијаа „Кој се плаши од родот?“ на Коалиција Маргини, авторките Мања Величковска и Ирена Цветковиќ се осврнуваат на тоа дека низ призма на формалното образование, антиродовите движења најдобро тактизираат на терен со изборниот предмет Сеопфатно сексуално образование (ССО) , а потоа и со воведувањето на Родово сензитивното образование (РСО), менувањето на наставните содржини и дигитализацијата. Во рамки на дискусиите врзани за овие неколку аспекти прикажана е единствено перспективата на родителите што се задолжуваат да се борат за ослободување на нивните деца од прангите на образовниот систем.
„Тука се продолжува веќе воспоставениот бинарен однос родител–дете, кој се одржува преку постулатот за заштита на децата од прерана сексуализација и од сексуални насилници. Антиродовите актери се самопрогласуваат за официјални застапници и претставници на обопштената група на „загрижени родители“, што го гледаат исполнувањето на родителската улога во неопходното заземање за гласот и способноста на децата да се изјаснат што им е ним потребно. Но овие прогласи го надминуваат доменот на виртуелното дејствување. Лидерите на антиродовите движења објавуваат фотографии од поднесени барања пред институциите за образование (како што се Бирото за развој на образованието и Министерството за образование и наука) во име на претпоставената невидлива „толпа“ на родители што стои зад нив. Тие си земаат за право на збор во име на мнозинството, завивајќи го своето оправдување во неодредени и бледи причини, како примањето на „голем број барања од голем број на родители и наставници“ (Цветковиќ, И. и Величковска, М. 2022).
Главно, кога се зборува за програмата на ССО, во групите за антиродова мобилизација се објавуваат содржини од различни материјали за ССО како конечно разоткриени и вистински протолкувани. За нивната имплементација секогаш се зборува анегдотно, или за одредени претпоставени намери на поединци во власта или на граѓанските организации, покрај што се провлекуваат мноштво невистинити и непроверени информации“, се вели во анализата.
Во однос на предметот ССО, кој ќе биде изборен предмет во 9-то одделение од наставната 2025/2026 година, тоа што е особено впечатливо во објавите на антиродовите движења е јазикот на доверба и популистичко обраќање до нивните следбеници дека се пристапни, присутни и редовно ги „штитат“ децата и родителите од „опасните“ содржини во учебниците и во наставата преку „разоткривање на вистината позади родовата идеологија и ССО“.
„Наспроти портретирањето на државните органи како непристапни и некомуникативни за пошироката јавност, тие се себепретставуваат како непосредни, услужливи и блиски до народот. Преку објавите, тие директно им се обраќаат на своите следбеници и ги држат во тек со своите активности, постојано потсетувајќи ги што е досега направено и што следува. На тој начин, меѓу фејсбук-корисниците се одржува возбудата за членување и придонес кон одредена група на истомисленици со која тие се поистоветуваат“, заклучуваат авторките на анализата „Кој се плаши од родот?“
И покрај, растењето на врсничкото насилство во училиштата и стапките на малолетничка бременост во земјава, сепак сè уште има негодување за воведувањето на ССО во училиштата, а неизбежна е и тоа дека родителите под влијание на антиродовите актери, добиваат погрешни информации за ССО и се создава непотребен страв и за тоа што навистина се учи по овој предмет.
Според Драгана Каровска, програмска раководителка во ХЕРА кои директно учествуваа во подготовка на програмата за воведување на изборниот предмет ССО и РСО во 9-то одделение заедно со Бирото за развој на образованието, вели дека сите информации што ги споделуваат анти-родовите движења се неточни првенствено за содржините за кои станува збор, целите
поради кои се воведуваат и, конечно, се разбира долгорочно гледано, предизвиците на кои ќе одговорат.
„Фактот, дека станува збор за многу одговорно и внимателно сработена програма од страна на стручни лица, чија цел е младите да останат здрави и безбедни не се споменува воопшто. Форматот во кој се воведува, како изборен предмет, исто така не се истакнува, дека децата односно нивните родители, ќе изберат дали ќе го слушаат. А од друга страна, изборот е и на самите наставници дали ќе сакаат да го предаваат и ќе бидат обучени и сертифицирани за тоа. Многу се шпекулира и со возраста, па јасно треба да се прецизира дека програмата е наменета за ученици од 9-то одделение, развиена во согласност со таа возраст и културниот контекст во кој живееме  – за друга програма во моментов не станува збор. Конечно, методологијата која се применува, односно користењето работилници каде целосно е избегнато класичното предавање е многу битен факт за да се разбере дека на тој начин наставниците создаваат безбедна средина во која децата зборуваат и ги кажуваат своите ставови во однос на темите кои ги засегаат и се нивно секојдневие, а притоа добиваат и точни информации“, вели Драгана Каровска, програмска раководителка во ХЕРА.
Преовладуваат постоечките културолошки и социолошки обликувани мислења
Иако на прв поглед директниот притисок врз родителите и наставните лица во училиштата и професорите на факултетите не е видлив, сепак преку социјалните медиуми, неточните соопштенија, одредени медиуми и општо недоверливоста во институциите и системските процеси во државата придонесуваат да се развиваат погрешни ставови и мислења кај граѓаните, но и да не се препознае анти-родовиот притисок, замаскиран во „заштита на децата од неправилни вредности“.
Ана Попризова, долгогодишен психолог во гимназијата „Орце Николов“, притисок гледа во моралната  паника и креирање на атмосфера на застрашување во јавноста дека се загрозена нечии права и вредности во општеството
„Голем дел од родителите заради недовербата во образовниот систем и општата клима во општеството потпаѓа под тој притисок. Реформите во образовниот систем, кои не се секогаш добро спроведени и изобилуваат со пропусти, често се аргументи за јавноста и родителите дека воспитно-образовниот процес е експеримент, не се темели врз современи  стручни педагошки  парагигми и сл. Многу често и ССО се става во ист кош, иако се работи за програма која е навистина солидно изготвена и сите методолошки чекори се направени соодветно на потребите. Пречка за невоведување на ССО гледам во непрепознавањето и неспремноста за преземање на одговорност  на јавноста, родителите  и одговорните структури за донесување на програми, за значењето и важноста на темите за младите“, вели таа.
Гордана Блажевска Спиродонова, психолог во средното училиште „Никола Карев“ вели дека наставниот и стручен кадар работат зачестено под различни облици на притисок кој доаѓа од различни средини и извори – надлежните институциии, родители и очекувања, актуелни структурни и програмски решенија и обиди.
„Во вакви услови наставниот и стручниот кадар не го забележуваат притисокот кој е антиродово обоен. Најчесто не се препознава терминот антиродови движења меѓу наставниот кадар и при носење на голем број лични и професионални одлуки и реакции се приклонуваат кон веќе постоечките културолошки и социолошки обликувани мислења и ставови. Стручниот кадар кој според природата на задачите кои ги добива во неделните и дневни агенди почесто се свесни за притисокот и затворените можности и намалени опции при имплементација на насоки, но и решавање на тековни или актуелни проблеми поради пристап каде преовладува стриктна родова поделеност кому каде му е местото, со што може да се занимава, дали може да го решава. Од таа причина може да не препознаат ученичка која трпи партнерско насилство или дека друга ученичка не е редовна во исполнување на домашните задачи и училишни задолженија бидејќи во домот и се зададени задачи поврзани со домаќинството. И, во образовниот сектор преовладува женскиот кадар, како и меѓу стручните соработници, па често и директори –  директорки.  Сепак често не препознаваат нееднаквости, евидентните состојби ги сместуваат во веќе дефинираните родови рамки, не препознаваат ниту стимулираат кон истражување и состојби во рамки на наставната програма, учебниците.  И во услови кога се препознаваат родово обликуваните очекувања поврзани со однесување, надворешен изглед и имиџ на ученик/ка почесто се случува да регираат со повикување на постоечките непишани правила и очекувања ,,како треба“ да изгледа и се однесува младата личност“, објаснува таа.
Според Блажевска Спиридонова голема улога играат и медиумите и присуството на преовладувачки модел на ставови и мислење кои остваруваат влијание кај родителите.
„Не ги отвораат прашањата поврзани со родовата перспектива и често приклонуваат кон потрадиционален пристап кон случувањата и дефинирањето на односите во средината. Во ретки случаи кога ќе се спомене прашање поврзано со права на избор на младите покажуваат дискриминативни ставови и грижа и дефиниран страв од поинакви од веќе зацртаните определувања во однос на родов идентитет и сексуална ориентација. Главната пречка според мене, поради која се уште нема ССО во училиштата енедовербата која произлегува од немање на увид во содржините кои се обработуваат во рамки на ССО и развиени предрасуди дека содржините во ССО ќе ги злоупотребат и подготват децата за поинакви избори од досега прифатените, односно би биле девојчињата попромискуитетни, децата би носеле во поголем обем поинакви родови определувања или почесто хомосексуални ориентации“, вели таа.
Во однос на тоа  како најдобро да се информираат родителите и наставниците во училиштата правилно за важноста на ССО и со тоа да се избегне ширење на лажни вести и негативно влијание врз нив од анти-родовите движење, Каровска вели дека се одржуваат средби со родителите и наставниците на кои стручни лица и професионалци од надлежните институции ги објаснуваат сите аспекти на програмата.
„Ефектот е извонреден бидејќи по средбите самите тие ни пристапуваат со поддршка и барање ССО да се спроведе во образовниот систем што поскоро. Секако, во овој случај потребно е време и ресурси за да се допре до што поголем број родители и наставници, но, исто така многу е важно и тие самите да се интересираат и задолжително да ги проверуваат сите информации кои доаѓаат до нив. Изворот од каде потекнува некоја вест е задолжително да се дознае, да се проверат фактите и да пренесе понатаму доброто искуство. Измантиов период беа спроведени и обуки за наставниците кои се заинтересирани да го предаваат овој изборен предмет во училиштата, и повторно, ефектот е одличен“, додава Каровска.
Правилните информации за ССО се клучни
Попризова додава дека од искуствата изминативе години е сигурна дека учениците ќе покажат интерес и мотивација за ССО бидејќи програмата разработува теми кои се актуелни за нив, а пристапот е работилнички што им дава на учениците можност за неформално учење, поставување на прашања, дискусија, споделување на мислења и сл.
„Само со презентирање на научни студии и евалуации на позитивните ефекти од други земји, родителите можат да формираат свое мислење. За жал, денес постои тренд на недоволна дигитална писменост и познавања за проверка на факти и релевантност на извори кај родителите. Затоа и многу луѓе стануваат жртви на лажни вести и пропаганда“, вели Попризова.
Блажевска Спиридонова додава дека е многу важна информираноста во врска со ССО во насока да се видливи предностите и бенефитот кои ќе ги имаат и децата, но и родителите кои имаат задача да ги воспитуваат своите деца.
„Да имаат увид како ќе ги подготви младите луѓе за поодговорнии позрели избори, како содржините од ССО ќе им овозможат разумна заштита, ќе ги направат посвесни младите за развивање на самозаштитно однесување во врските и односите, ќе го смести експериментирањето со изборите во рамки во кои ќе се намалат можните последици или барем имаат можност за учење на контрола на истите. Учениците се воглавно по отворени во однос на содржините и програмата за ССО и во најголем број ситуации кога биле прашани дали сметаат дека е потребно сексуално образование како дел од редовното образование одговараат потврдно“, вели психологот од гимназијата „Никола Карев“.
Во анализата од Коалиција Маргини е забележано и дека во објавите на антиродовите движења се дадени неколку извадоци од одредена публикација, без разлика на тоа дали станува збор за застарени материјали и официјални програми врз кои почива развојот на изборниот предмет ССО, коишто се колажираат на тој начин што кажаното се извитоперува.
„Тоа е највидливо во несоодветното цитирање на дефиницијата на терминот „невин/а“ од публикацијата „ССО азбука“, којашто е споена со илустративен пример за тргање на стигмата врзана со „невиноста“ кај девојчињата и жените коишто, по своја желба или поради принуда, имале сексуален однос во даден период од нивниот живот што во потесната средина се смета за преран или задоцнет. Во примерот, исто така, станува збор за нормализирањето на различните телесни реакции за време на првиот сексуален однос и правењето разлика меѓу фактите и митот дека првото сексуално искуство мора да биде непријатно или болно. Но антиродовите актери ова го толкуваат како охрабрување на секс меѓу малолетници, што е само еден од низата примери на неетичко пренесување на информациите (Цветковиќ, И. и Величковска, М. 2022).
Во однос на родово сензитивното образование, родовата сензитивност се чита како опасност за државното образование и дел од „трансродовата агенда“ од која децата треба да се држат што подалеку.
Со оглед на тоа што ССО влијае и на разбивање на родовите стереотипи, родова сензибилизација и меѓусебно прифаќање, намалување на врсничкото насилство, како и сексуално здравје, а земајќи ја во предвид статистиката и ситуацијата кај нас, врсничкото насилство е доста застапено во училиштата.  Според документот за политики на Институтот за човекови права, речиси две третини од учениците во средните училишта во Скопје потврдуваат присуство на булинг помеѓу учениците во нивното училиште.
Каровска вели дека спроведувајќи врсничка едукација по ССО во училиштата и со различни групи млади, има голем број прашања и недоумици во однос на тоа кои се нормите на однесување, и што се општеството толерира кога станува збор за различни видови на насилство.
„Откако ќе ги увидат стереотипите, родовите норми и различностите околу нив, секако се наметнува прашањето зашто е тоа така, и како сè уште опстојува низ годините. На крајот се дискутира за тоа како се кршат табуата, стигмата и како се воспоставува родова еднаквост во општеството. Дали ќе има ваква програма во училиштата во голема мера кажува дали живееме во општество кое поддржува насилство, стигма и нееднаквост, или преку информираност, знаење и поддршка на критичко размислување ги надминува штетните последици од вака поставениот поредок. Девојчињата треба да бидат свесни за она што се пласира во медиумите во однос на тоа што е е идеално тело или кога една жена е идеална, и што се значи родово базирано насилство или вознемирување. Момчињата често се под притисок на ризични однесувања, преку покажување агресија, злоупотреба на алкохол и потребата да се биде „вистински маж“ кој не покажува емоција. Сите овие аспекти се дискутираат во безбедна средина, каде се добиваат точни информации за да се дојде до крајната цел, здрави и безбедни млади“, вели Каровска.
Едукацијата како и медиумската писменост, слушање на потребите на учениците и согледување на реалната состојба и борбата против насилството во нашето општетство се клучни за правилен развој на младите кои е потребно да бидат ослободени од стегите на стереотипите, дискриминацијата и непочитувањето на човековите права.  Анти-родовите движења се и движења против човековите права, а преку мисинформации и дезинформации нивното влијание станува сè позабележнително и на глобално ниво. Последиците негативно влијаат на меѓусебното почитување, инклузијата и прифаќањето на различностите со директен удар врз човековите права и солидарноста како форма на отпорност. Тука голема улога имаат и институциите и системската грижа и промени, а со оглед на институционалната недоверба кај нас, можноста за ширење на негативна пропаганда, под маската на „загрижени родители“ и „заштита на децата“ е уште поголема. Како општество потребни ни се промени, точна едукација и информации кои ќе донесат безбедна и сигурна средина за младите да можат критички да размислуваат и да носат правилни одлуки за своето тело, здравје, образование, можности за развој и место во општеството.

Back to top button
Close