Како што стареат, мажите го губат Ипсилон-хромозомот
Истражувачите долго време разговараат дека како што некои мажи стареат, одредени клетки во нивните тела почнуваат да го губат „машкиот“ Ипсилон-хромозом, објави „Сајенс алерт (Science Alert)“.

Како што некои мажи стареат, се вели, тие го губат Ипсилон-хромозомот во крвта, мозокот или клетките на имунолошкиот систем, а тоа може да има сериозни здравствени последици. Губењето на тој хромозом, според наводите, е изненадувачки поврзано со појавата на рак, заболувања на бубрезите, срцеви заболувања и Алцхајмерова болест. Меѓу мажите во нивните 70-ти години, приближно 40 отсто покажуваат губење на Ипсилон-хромозомот во нивните крвни клетки, а кај 93-годишниците, тој број се зголемува на 57 отсто.
Ова губење на Ипсилон-хромозомите некогаш се сметаше за „бениген“ знак на стареење. Сепак, поновите сознанија од генетиката посочуваат дека недостатокот на Ипсилон-хромозом во некои клетки може активно да придонесе за бројни болести и смрт.
Според науката, жените се одликуваат со два Икс-хромозоми (XX), а за мажите својствени се еден Икс- и еден Ипсилон-хромозом (XY).
Притоа, познато е и дека Ипсилон-хромозомот е клучен за одредување на полот и функцијата на спермата, но историски се сметало дека нема многу други улоги. Од 46-те хромозоми содржани во човековите клетки, Ипсилон-хромозомот е единствениот што може да се изгуби без да умре клетката. Но, тоа не значи дека може да исчезне без последици.
Истражување од 2022 година укажува дека кај глувците, отсуството на Ипсилон-хромозомот во имунолошките клетки во срцето довело до кардиоваскуларни заболувања и смрт. Во 2023., истражувачи откриле дека до 40 отсто од постарите мажи со рак на мочниот меур немаат Ипсилон-хромозом во нивните тумори. Натамошните клинички истражувања говорат дека кај постарите мажи, кај оние кои покажуваат губење на Ипсилон-хромозомот има поголема веројатност да починат порано или да развијат рак. Напис од 2025 година посочува дека имунолошките клетки без Ипсилон-хромозомот се послаби во напаѓањето на клетките на ракот.
Иако ваквите загуби се ретки кај помладите луѓе, тие можат да бидат поврзани и со неплодност и развојни нарушувања.
И неодамнешен научен преглед заклучи дека губењето на Ипсилон-хромозомот е, веројатно, важен фактор во обликувањето на активноста на машкиот имунолошки систем. Иако Ипсилон-хромозомот содржи приближно 0,9 насто од вкупната ДНК во машката клетка, само пред неколку години беше целосно секвенциониран. Оттогаш, напредокот во секвенционирањето на геномот отвори нова ера во истражувањето на Ипсилон-хромозомот.
Истражувањето е сè уште во рана фаза, но овие почетни наоди посочуваат дека Ипсилон-хромозомот може да биде вклучен во многу повеќе клеточни функции отколку што претходно се сметаше меѓу научниците.






