Како Трамп ги отуѓи националистичките сојузници во Европа

Егзалтацијата и восхитот од Трамп се судрија со еден од клучните принципи на крајно десничарската елита на континентот: националниот суверенитет. Апетитите на Трамп за Гренланд предизвикаа раздор. Пишува Љупчо Поповски

Како одреден прелудиум за неочекувано скршениот однос меѓу Доналд Трамп и неговите сојузници од крајната десница низ Европа, само едно мало споменување за „историските времиња“ во кои живее сега Македонија. Премиерот  Христијан Мицкоски  вчера по повод укинувањето на постмониторингот на Советот на Европа за Македонија рече дека тоа бил „историски ден“ и дека е „рамо до рамо со денот кога се прогласи независноста“.

Навистина, треба да се потрудите да најдете таква голема пресвртна историска врска и постмониторингот на Советот на Европа да го поврзете на иста линија со независноста на Македонија. Колку и да се трудите таква работа не можете да најдете. Оваа споредба не само што е смешна, туку е и екстремно егоцентрична, бидејќи Мицкоски еден процедурален дијалог кој траеше 25 години во институциите на Советот на Европа го изедначи со референдумот за независноста.

Се разбира, сѐ што прави Мицкоски и неговата влада од него е окарактеризирано како историско. Така беше и со неговото присуство на форумот во Давос, и тоа беше „историска посета“ затоа што учествувал на три панели за енергетиката. Сите други македонски функционери што беа таму пред него последниве 30 години не можат да се сместат во графата „историски“. Нивните посети биле обични, речиси безначајни. И на Трајковски, и на Андов, и на Црвенковски, и на Пендаровски, и на Заев. Сето тоа е неважно.

Како што ниеден претседател на САД во современата историја е неважен за  Доналд Трамп.  Со истата историска реторика, како и нашиот премиер, тој своето претседателство го прогласува за историско, за најуспешно во последниве 70-80 години; дека на економијата не ѝ одело никогаш подобро, дека  САД се хегемон кој може да командува над кого сака во светот; дека дури ни иконата на републиканците, Роналд Реган, не е ништо спрема него, а Двајт Ајзенхауер (исто така републиканец) не треба ни да се споменува – славниот генерал од Втората светска војна кој стана претседател е неважен. Затоа што историјата е поврзана само со него – Доналд Трамп. Се разбира, Мицкоски е тој што се обидува да го копира Трамп со историски реминисценции за сегашноста.

Но кога сакаш со моќта на државата да претставиш сопствено историско значење неочекувано можеш да се најдеш во расчекор со оние кои најмногу ги поддржуваш во Европа – националистите на крајната десница кои во Трамп гледаа не само сојузник, туку и идеолошка и секаква друга инспирација. Клучната работа беше  Гренланд.

Андра Вентура од Португалија, Герт Вилдерс од Холандија, Марин Ле Пен од Франција, Сантијаго Абаскал од Шпанија, Виктор Орбан од Унгарија, Матео Салвини од Италија и Афродити Латинопулу од Грција
Средба на европската десница во Шпанија, 8.02.2025: Андра Вентура од Португалија, Герт Вилдерс од Холандија, Марин Ле Пен од Франција, Сантијаго Абаскал од Шпанија, Виктор Орбан од Унгарија, Матео Салвини од Италија и Афродити Латинопулу од ГрцијаФотографија: Cezaro de luca/SIPA/picture alliance

Обидот на Трамп да го заземе Гренланд  предизвика раздор меѓу американскиот претседател и некои од неговите идеолошки сојузници во Европа, бидејќи претходно неограничениот ентузијазам и восхит се судираат со еден од клучните принципи на крајно десничарската елита на континентот: националниот суверенитет.

Сите на инаугурацијата

Администрацијата на Трамп им даде јасна и недвосмислена поддршка на европските националисти. Контроверзната Стратегија за национална безбедност на САД од крајот на минатата година наведе дека „растечкото влијание на патриотските европски партии дава причина за голем оптимизам“.

Егзалтацијата на популистичката десница во Европа по победата на Трамп на изборите во 2024 беше огромна. (Во неа се нареди и македонската владејачка гарнитура.)  Списокот на гости на инаугурацијата на Трамп на самиот настан (а не подоцна на галерија во спортска сала) означуваше преглед на тоа кој е кој во популистичката десница во Европа. Меѓу присутните беа Џорџа Мелони, италијанската премиерка, Британецот Најџел Фараж, лидер на партијата Реформа на Велика Британија, претставници на германската крајно десничарска Алтернатива за Германија (АфД), и Ерик Земур и Марион Марешал, двајца француски конзервативни националисти, од кои втората е внука на лидерката на Национален собир, Марин Ле Пен.

Дваесетина дена подоцна, на 8 февруари 2025, европските крајно десничарски лидери се собраа во Мадрид за да ѝ дадат голем аплауз на агендата на Трамп и да покажат дека и тие се во периметарот на американскиот претседател, а не само нашиот премиер. Собирот го организираше шпанската партија Вокс под мотото „Да ја направиме Европа повторно голема“.

Меѓу присутните беа унгарскиот премиер Виктор Орбан, вицепремиерот на Италија, Матео Салвини, лидерката на француската партија Национален собир, Марин Ле Пен, Холанѓанецот Герт Вилдерс и други. Ле Пен рече дека изборниот триумф на Трамп ја стави Европа пред „вистинска промена“. „Ние сме единствените што можат да разговараат со новата администрација на Трамп“, рече Ле Пен. Потоа дојде оној скандалозен говор на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс на Минхенската безбедносна конференција во кој ја оцрни Европа и кој  Мицкоски го окарактеризира како „историско обраќање“ и „новото нормално“.

Една година подоцна тоа  ново нормално  се претвори во прст во око од страна на Трамп за европските националисти.

Трамп го помина првиот месец од 2026 во тирада на закани за заземање на Гренланд, автономна данска територија. Иако Трамп на крајот се повлече, неговиот потег ги вознемири европските мејнстрим политичари и дури доведе до тоа некои националистички лидери – некогаш горди на своите врски со Трамп – да се дистанцираат од него.

Речиси и да нема политички научник и политичар во Европа кој не го дели единствениот заклучок – агресивниот притисок на Трамп за анексија на Гренланд беше грешка. И со тоа ја поткопа надежта на неговата администрација да изгради „цивилизациски“ сојуз со екстремно десничарски европски партии во чие идеолошко јадро е националниот суверенитет. И со загрозувањето на националниот суверенитет на една европска земја, Трамп го поткопа видот на национализам што неговата администрација сака да го негува меѓу „патриотските“ европски сојузници.

Националист без историја

Познатиот бугарски политички научник, Иван Крастев, дава една извонредна дефиниција за национализмот на Трамп.

„Трамп секогаш го нарекуваат националист, но тој е националист кој не го разбира национализмот – особено национализмот на другите. Тој е националист без историја. Кога станува збор за земјиште, неговиот став е оној на човек од недвижнини. Тој верува дека се занимава со гентрификација на светот“, го објасни Крастев однесувањето на Трамп во неколку свои изјави во последно време.

„Гренланд не е на продажба“ - луѓе со транспаренти и знамиња на протест
„Гренланд не е на продажба“ – транспаренти на протестите на жителите на островот против плановите на ТрампФотографија: Evgeniy Maloletka/AP Photo/dpa/picture alliance

Идеите на Трамп се сосема спротивни на заклетвите на европските националисти. За нив границите на земјата се свети. Особено поради сеќавањата во последниве 100-150 години, кога големите сили ги прецртуваа границите со сила. Европскиот национализам е многу чувствителен во врска со територијалниот интегритет. И агресивниот став на Трамп за заземање на Гренланд дојде како шок за овие популистички армади, затоа што значеше и поткопување на нивните пропагандни и идеолошки креда.

Анкетите постојано покажуваат дека Трамп е многу непопуларен во Европа. Повеќето Европејци, вклучително и многу гласачи од крајната десница, го гледаат американскиот претседател како опасност за ЕУ ​​и сакаат посилен блок.

Анкетата објавена минатата недела на платформата за дебата за европски прашања со седиште во Париз, „Ле Гранд континент“, сугерира дека помеѓу 18 и 25 отсто од крајно десничарските гласачи во Франција, Германија, Италија и Шпанија го сметаат Трамп за „непријател на Европа“.

Запрашани да ја дефинираат неговата надворешна политика, помеѓу 29 и 40 проценти од поддржувачите на партиите Национален собир, Алтернатива за Германија, Браќа на Италија и Вокс избраа „реколонизација и предаторство на глобалните ресурси“. Има и еден позачудувачки резултат од истражувањето: помеѓу 30 и 49 отсто од гласачите за крајно десничарските партии во четирите земји рекоа дека доколку тензиите со САД околу Гренланд дополнително се зголемат, тие би поддржале распоредување на европски трупи на островот. Сигурно дека тоа не е она што администрацијата на Трамп го сака – да ги отуѓи од себе европските националисти и и им ги поткопа изборните перспективи.

И една друга голема анкета објавена овој јануари од страна на Европскиот совет за надворешни работи покажа дека Трамп потрошил дел од влијанието во Европа што го имаше кога ја презеде функцијата. Само 16 отсто од граѓаните на ЕУ сега ги сметаат САД за сојузник, додека 20 проценти ги сметаат за ривал или непријател.

Маж со темно палто и ракавици на рацете и кренат прст - американскиот претседател Доналд Трамп
Обидот на Трамп да го заземе Гренланд предизвика раздор меѓу американскиот претседател и некои од неговите идеолошки сојузници во ЕвропаФотографија: Tom Brenner/Getty Images

Експанзионизмот на Трамп  и неговата подготвеност да го искористи економското влијание за да го постигне тоа, ја става крајната десница во Европа  во тешка позиција. Лидерите во Франција, Германија и Италија ги критикуваа неговите планови, некои во своите изјави звучеа многу слично како мејнстрим политичарите што ги презираат.

На дебатата во Европскиот парламент минатата недела, про-Трамп крајно десничарските европратеници со големо мнозинство го поддржаа замрзнувањето на ратификацијата на трговскиот договор меѓу ЕУ и САД, бидејќи беа многу вознемирени од неговиот пристап, нарекувајќи го „принуда“ и „закани за суверенитетот“.

Како беше тоа меѓу крајната десница во поединечните земји:

ФРАНЦИЈА –  Жордан Бардела, штитеник на Марин Ле Пен и претседател на францускиот Национален собир, го нарече  ветувањето на американскиот претседател да го заземе Гренланд  „директен предизвик за суверенитетот на една европска земја“. Бардела имаше ласкави зборови за Трамп неодамна, во декември, кога во интервју за Би-Би-Си рече дека Трамп е пример за „ветерот на слободата, на националната гордост што дува низ сите западни демократии“.

Во истото интервју, Бардела им даде предност на успесите на Трамп дома и „ја поздрави со одредена добра волја“ моралната поддршка што им се нуди на националистичките европски партии во Стратегијата за национална безбедност на Трамп, бомбастичен документ за политика широко оценет како уште една шајка во ковчегот на традиционалниот светски поредок.

Потоа во бурата околу Гренланд во дебата во Европскиот парламент изјави: „Кога американски претседател се заканува на европска територија користејќи трговски притисок, тоа не е дијалог, туку принуда“. Гренланд беше „стратешка пресвртница во светот што се враќа кон империјалната логика“, рече тој. „Попуштањето би поставило опасен преседан“.

Неколку дена претходно, лидерката на РН, Марин Ле Пен, исто така, го критикуваше она што го опиша како „промена на режимот“ поддржана од САД во Венецуела, повикувајќи се на државниот суверенитет како „неопходен за преговори“.

Фабрис Лежери, европратеник од РН, негира дека постои каква било контрадикција: „Нашата линија е во согласност со нашето разбирање на суверенитетот“. Партијата, вели тој, се залага за „Европа на нации“ која „може да врати силен глас и да добие почит наспроти демонстрацијата на сила, без разлика дали таа сила е Доналд Трамп или Кина“.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА – Дури и Најџел Фараж, лидерот на Реформа на ОК и лојален пријател на Трамп, ја опиша идејата како „многу непријателски чин“ на американскиот претседател, „кој се заканува со царини освен ако не се согласиме дека може да го преземе Гренланд… без дури и да добие согласност од народот на Гренланд“.

Фараж тврди дека е долгогодишен пријател на Трамп, бидејќи водеше кампања за него за време на неговата претседателска трка во 2016 година, а подоцна беше пречекан во „Трамп тауер“ како негов личен гостин. Но заканите на Трамп за Гренланд ги оцени како „најголемата фрактура“ во трансатлантските односи од Суецката криза во 1956 година.

Лидерот на Реформа, кој ја чувствува вистинската моќ пред следните општи избори, е добро познат по тоа што е поврзан со британското јавно мислење – кое останува прилично непријателски настроено кон американскиот претседател.

ИТАЛИЈА – Eкстремно десничарскатa премиерка Џорџа Мелони, која минатата година Трамп ја пофали како „убава и моќна“ и има многу близок однос со американскиот претседател, рече дека неговиот коментар е „неприфатлив“. „Пријателството бара почит“, рече Мелони оваа недела во кратка изјава. Мелони го критикуваше распоредувањето на европски трупи во Гренланд, но дури и таа на крајот рече дека му кажала на американскиот претседател во телефонски разговор дека неговите закани за Гренланд се „грешка“.

Никола Прокачини, европарламентарец и десна рака на Мелони во Европскиот парламент, беше малку појасен: „Мислам дека треба да бидеме искрени. Кога Трамп греши, треба да кажеме дека греши, кога е во право, треба да кажеме дека е во право“.

ГЕРМАНИЈА – Додека јавното мислење во земјата сè повеќе се свртува против американскиот претседател поради неговите закани за заземање на Гренланд, крајно десничарската  Алтернатива за Германија (АфД)  ги гледа негативните страни на својата силна поврзаност со него.

Алис Вајдел, ко-лидерката на АфД, која ја поздрави стратегијата за национална безбедност на Трамп како зора на „конзервативна ренесанса“ во Европа, во Берлин изјави дека тој „прекршил фундаментално предизборно ветување – да не се меша во други земји и тоа мора да им го објасни на своите гласачи“.

Тино Хрупала, другиот национален лидер на АфД, делумно го бранеше Трамп за тоа што ги следи она што тој го смета за американски интереси во рамките на „сферата на влијание“ на земјата. Во исто време, тој го осуди и пристапот што го презема Трамп. „Методите на Дивиот Запад треба да се отфрлат, а целта не секогаш ги оправдува средствата“.

Минатата година во Минхен,  Џ. Д. Венс, потпретседателот на САД, се сретна со Алис Вајдел  и го осуди „заштитниот ѕид“ што ја изолира нејзината партија во Германија.

УНГАРИЈА и ПОЛСКА –  Виктор Орбан,  нелибералниот премиер на Унгарија и можеби водечкиот поклоник на Трамп во Европа, го избегна прашањето за Гренланд. „Тоа е внатрешно прашање… Тоа е прашање на НАТО“, рече Орбан, кој долго време се фали со своето пријателство со американскиот претседател.

За Орбан, намерите на Трамп би можеле да му создадат дополнителни неволји пред клучните парламентарни избори во април годинава. Повеќе од кој било друг европски лидер, Орбан направи кариера со жестоко спротивставување на ЕУ, и покрај тоа што не се стреми да ја напушти. Со години, Орбан се бунеше против она што го опишува како доминантна, дури и империјална сила, за која вели дека го нагризува националниот суверенитет на нејзините членки. А Трамп, неговиот идеолошки пријател, сака да го поткопа националниот суверенитет на Данска.

Полскиот националист, претседателот Карол Навроцки, кој исто така е многу наклонет кон Трамп, минатата недела изјави дека тензиите околу Гренланд треба да се решат „на дипломатски начин“ меѓу Вашингтон и Копенхаген, без прибегнување кон поширока европска дебата. Навроцки нагласи дека САД сè уште се „многу важен сојузник“ на неговата земја и ги повика западноевропските лидери да ги ублажат своите приговори на однесувањето на Трамп.

За европските националисти американскиот претседател и неговите идеи за анексии може да станат нивен изборен товар. Кога Трамп беше „анти-естаблишмент“ фигура, тоа им помогна да се претстават како дел од глобалниот бран на промени. Сега кога Трамп се претставува како колонијален и империјалистички лидер во 21. век, се заканува на суверенитетот на други земји или се однесува непредвидливо, дел од европските гласачи го гледаат тоа како проблем.

Минатата година, неговите закани за анексија на Канада доведоа до тежок пораз за Пјер Поилиевре, популистички конзервативец, кој беше во убедливо водство во анкетите на само еден месец пред изборите. Премиерот Марк Карни, кој остро му се спротивстави на Трамп и неговите идеи за Канада и застана во жестока одбрана на канадскиот идентитет и независност, ги доби изборите во еден спектакуларен пресврт. Со силниот говор на годинашниов форум во Давос, тој се претстави како лидер на слободниот свет. А не Трамп.

Back to top button
Close