Како воздухопловот на премиерот падна во дупка?
Зуфер Бајрами
Од циркусoт со владиниот авион, покрај забавната компонента, можеме да извлечеме неколку сериозни лекции за владеењето на правото, независноста на институциите и доброто владеење.

За оние што не се во тек: Премиерот Мицкоски се повлече од планот за набавка на нов авион по јавниот притисок по информацијата дека владата планира да го замени постоечкиот авион со нов (веројатно поудобен и полуксузен). На едно од своите јавни обраќања пред новинарите, премиерот изјави дека ќе се повлече од набавката, додавајќи: „Ќе се повлечеме од таа набавка и ќе се молиме да останеме живи…”, алудирајќи дека, според него, постојниот авион не е безбеден.
Во нормален систем на донесување одлуки, особено кога станува збор за милионски трошок на јавни пари, претпоставката е дека ваквите одлуки се резултат на ригорозен процес на анализа, каде што зборот на премиерот може да биде (еден од) факторите, но не и клучниот актер што донесува ваков тип одлуки и за ваков тип на трошок.
Врз основа на сосема спонтаното повлекување на премиерот од набавката на авионот (како да се пишманил од купувањето на килограм домати на пазар) во изјава пред новинарите за сосема различен настан, и ние можеме со сигурност да заклучиме дека и одлуката за набавка на нов авион најверојатно е донесена со иста методологија (ригорозно спонтано).
Јас не сум експерт за авијација, но од прекумерното гледање на „Air Crash Investigation” знам дека авијацијата е една од најрегулираните индустрии во светот. Секој авион е подложен на строг режим на сертификација од национални и меѓународни агенции и институции, кои следат строг режим на контрола, инспекција и сертификација. Бидејќи актелниот авион продолжува да биде во употреба и не сме слушнале дека некоја компетентна институција изјавила дека е технички непогоден за лет, алудирањето на премиерот за несигурноста на авионот е сосема неточно. Авион или ги исполнува условите за лет, или не ги исполнува.
Премиерот не би бил принуден да се повлече од летачката авантура ако одлуката и критериумите за техничка исправност или неисправност беа донесени од некоја „професионална и независна” домашна институција, слична на техничкиот преглед на автобусите на Дурмо Турс. Но, за среќа на даночните обврзници во овој случај зборот на премиерот не е закон.
Овој случај е доволно илустративен за динамиките што ги создава владеењето на правото, независноста на институциите и доброто владеење. Но, истовремено ја зајакнува дилемата за тоа колку нашите институции навистина можат да резистираат на дробечката моќ на гравитетот на извршната власт без сериозна помош и поддршка однадвор.
Неизбежна е и забавната компонента во целата оваа приказна.
Изјавата на премиерот „Ќе се повлечеме од таа набавка и ќе се молиме да останеме живи…” е веројатно најдобриот хумор што сме го слушнале досега од него. Кога ја слушнав изјавата, ми текна еден сегмент од комичарот Louis C.K., кој во едно од своите stand-up настапи раскажува како еднаш во момент на инает во дебата со некого (Речиси извршил самоубиство само за да докаже дека тој е во право) на англиски: „Once I almost committed suicide just to prove a point”.
П.С. Без намера да ја глорифицирам трагичната појава на суицид, изјавата на Мицкоски и шегата на Louis C.K. толку добро се надополнуваат што не можев да одолеам да ја прераскажам






