Каков Градоначалник му треба на Скопје

Локалните избори во Македонија се наближуваат. Партиите на власт и опозиција длабоко се навлезени во промоцијата на своите кандидати, како можни градоначалници и советници во општините низ цела Република Македонија.

Искуството од изминатите 35 години покажа дека партиските предлози не секогаш се најквалитетниот избор за вистинските градоначалници или советници во сите општини.

Партизацијата во општеството е веќе сериозна гангрена на системот. Болест. Ние граѓаните, за жал не сме во можност да избереме градоначалник или советник кој заслужува да ја добие оваа функција и да ја спроведе во дела за општо добро на сите граѓани.

Како некогашен независен пратеник во Собранието на Република Македонија и независен Градоначалник, поддржан првиот пат од СДСМ, а во вториот случај поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, видов само гнилост од партизацијата во нашето општество.

Во двата случаеви не станав партиски послушник. Како пратеник сериозно се борев против територијалната поделба, која беше усвоена од СДСМ, бидејќи не почиваше на економскиот просперитет на општините. Беше направена за поделба на општините по ентитети.

Скопје во ниту еден случај не требаше да биде град со 10 општини и додатна институција Град Скопје. Скопје требаше да биде една општина.

Во вториот случај поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, како градоначалник на Град Скопје, не дозволив Груевски да владее со Град Скопје и со финансиите во градот. Лично ја платив таа моја непослушност со објектот Кермес. Казната, денес после 19 години, наликува на руина. Кермез е авет во централниот дел на Градскиот парк, кој нѐ потсетува на последиците од партизацијата.

Во првите години од мојот мандат, честопати и без причини бев блокиран од советниците на СДСМ и ВМРО. Сепак, мандатот го завршив успешно како почитуван градоначалник од сите советници во Град Скопје. На крајот сите разбраа дека мојата цел беше и сѐ уште е, градење и одржување на Скопје на домаќински начин, без партиски интереси и тесноградо ,,билдање” политичките партии.

Денес, после цели 20 години партизацијата во општеството е уште посилна. Данокот на таквата партизација е елиминација на квалитетни луѓе кои со искуствата и знаењата би испорачале вистински вредности за граѓаните во општините. На градот Скопје му треба Градоначалник, а не партиски војник кој ќе ги слуша наредбите од своите лидери, за кои сум длабоко уверен дека немаат вистинско знаење како функционира и што треба да се работи во локалната самоуправа. Партиските личности првенствено ги задоволуваат партиските интереси и интересите на нивните сопартијци. Граѓаните и нивните потреби се во втор план.

Убеден сум дека веќе и скопјани ја научија горчливата лекција. Треба да се изнедри градоначалник кој ќе биде вистински татко на сите сограѓани во Градот Скопје. Од сегашна перспектива горд сум на својот мандат како градоначалник во периодот од 2005-2009 година, бидејќи луѓето од сите синдикати во јавните претпријатија и градската администрација сѐ уште ме именуваат како „татко”. Зборот татко е благословен збор. Функцијата татко на градот е голема одговорност, во емотивна спрега со чинот на татковство. Таквото чувство е единствениот начин да се грижиш искрено и чесно, подеднакво за сите свои сограѓани како за свои чеда. На Град Скопје и на скопјани им треба татко на градот.

Трифун Костовски

Back to top button
Close