Каков изборен модел и треба на Македонија

Ги слушам луѓево меѓусебе како зборуваат, “Абе гледаш Американциве како го легнаа Мицко“, го седнаа и све се договори со Заев, е сила е тоа друже си викам, нема зафрканција. Пред некој ден ми текнува кога амбасадорката на САД ги укори оние од Советот на Јавни Обвинители затоа што не и дозволија на една новинарка да снима, па го гледам излезе претседателот на Советот на ЈО, едно чиче таму, па почна да се правда, извинува, за малку ќе заплачеше, абе жално е да го гледаш сето тоа. Пред две три години исто така поранешниот амбасадор на САД, Бејли, со една изјава ја принуди цела Државна Изборна Комисија да си поднесе оставки, поради некои финансиски средства кои сами си ги поделиле, е си викам сега да сака Кејти да ги стресе и овие од Уставен суд, малку да ги укори, абе ќе биде плачки и пискотници, правдања, циркус ќе биде. Ма све е тоа друже за пензионирање, преку некоја реформа како што се прави тоа во армијата, во тие институции како што се обвинителства, судови, има веќе толку дотраен материјал од социјализмот што не е веќе за ова време.

Сепак, како и да е, треба да се поздрави тоа што лидерите на најголемите политички партии седнаа и се договорија, така и треба да биде. Конечно верувам и оние најтврди глави во опозицијата (ако им се јави Кејти уште еднаш) ќе разберат дека не може да тераат со таква политика на конфликт, инаетење, блокирање на се и сешто, ќе разберат дека едноставно не може да се надеваат на ништо, само ќе продолжат да бидат безбодносно-политичка закана за нашите стратешки партнери и со нив така ќе разговараат и никогаш нема да бидат власт, веројатно ќе им се разјаснува тоа во наредниот период.

Во една од точките кои ги договорија лидерите на средбата беше и разгледување на опциите за промена на изборниот модел во пропорционален изборен модел со една изборна единица, (отворени листи), но секако тоа треба да биде со консензус прифатено и од другите политички партии, затоа што пракса е до сега изборните модели да се договараат и усвојуваат со широка поддршка од сите чинители на политичките процеси.

Добро, до сега од осамостојувањето пробавме скоро се, имавме мнозински изборен модел, па комбиниран, па сега пропорционален изборен модел со шест изборни единици. Секој од изборните модели до сега ги покажа своите добри и слаби страни, секако во зависност од периодот во кој се практикуваше, во зависност од степенот на демократизација кој го имавме во одредениот временски период, од степенот на политичка култура, како и од многу други фактори. Но за да се увидат детално сите добри и лоши аспекти на досегашните изборни модели секако дека треба да се направи една сеопфатна и поширока опсервација и анализа на досегашното тридецениско практикување на македонската демократија, што несомнено верувам дека експертите во оваа област ќе ја направат во наредниот период.

Барањето на помалите политички партии, зад кое застана и СДСМ, за пропорционален изборен модел со една изборна единица за парламентарни избори и пропорционален изборен модел со (отворени листи) за избор на советници (локална власт), сметам дека е легитимно и добро решение. Тоа е добро од повеќе аспекти. Точно е дека со овој изборен модел, кога станува збор за парламентарни избори (теоретски) помалите партии имаат поголема можност да излезат сами на избори и да имаат свои претставници во парламентот. Точно е дека со тоа се овозможува поголема демократичност во смисла на тоа дека гласовите на повеќе политички опции ќе бидат застапени во парламентот. Но сепак во нашите “македонски услови“ овие можности не значат воопшто дека ќе бидат успешни и применливи. Во модалитетите на нивните барања околу изборниот модел има работи кои се спорни и за кои тешко може да се постигне консензус. Имено, барањето да нема изборен праг е едно од тие прашања кои се доста дискутабилни. Речиси и да не постои ниту една земја во регионот а ниту во Европа, која има пропорционален изборен модел со една изборна единица без изборен праг. Обично Европскиот просек на изборниот праг се движи меѓу (5-10%), некои земји во регионот како што е Република Србија на пример имаа изборен праг од 5%, но на последните избори го намалија тој праг на 3%. Кај другите земји од регионот остана некој просек на изборниот праг околу 5%. Република Турција на пример има изборен праг од 10%. Зошто е тоа така? Во теоријата се смета дека државите не практикуваат изборен модел без изборен праг затоа што тоа би претставувало една перманентна дестабилизација на политичкиот систем. Под претпоставка дека без изборен праг би влегле многу политички претставници во парламентот, многу политички опции, тоа би довело до коалиции составени од се и сешто, би предизвикало нестабилни влади, чести политички кризи, политички промени, секој ќе влече на своја страна, секој ќе има свои политички барања итн, едноставно политички хаос би предизвикал овој изборен модел. Токму затоа изборниот праг националните изборни законодавства го гледаат како една брана од вакви претпоставени ситуации. Исто така тешко дека ќе најдете некаде “природен изборен праг“ од некој фиксен број на гласови потребен да се добие на избори за да се влезе во парламент. Изборниот праг треба да биде прецизно дефиниран и така да се пресметува (во зависност од изборниот количник) бројот на добиени гласови. Но знаете сега, затоа Ви велам, сите овие теории и практики не важат и не се применливи во наши услови. Имено, кај нас во наши услови и доколку нема изборен праг, или пак се востанови некој природен изборен праг многу е тешко за помалите партии кои сега гравитираат во коалиции со големите партии да успеат да имаат свои претставници во парламентот. Бројот на гласови кои ги освојуваат овие партии на досегашните избори освен можеби две до три партии се движи во просек некаде меѓу (2500-5000) гласови што и без изборен праг не им дава шанси на овие политички партии да влезат во парламентот. Тоа значи дека ако сакаат да имаат свои претставници во парламентот треба да прават повторно предизборни коалиции меѓу себе и тоа четири до пет политички партии (политички субјекти) за да успеат да имаат евентуално две до три пратенички места. Тоа секако им е неисплатливо и помалку од она што до сега го имаат, секако делегирано во коалиција со големите партии. Значи реално гледано кај нас и без изборен праг не може да дојде до некое драматично поместување или дестабилизација на политичкиот систем затоа што многу партии кои се сега во парламентот не би имале никаква шанса сами да влезат и да имаат свои претставници, ќе успеат само оние две до три поголеми партии кои би имале над (8000-10 000) гласови, колку што би било потребно без изборен праг да се влезе во парламент. Тоа се тие опции во случај да нема изборен праг. Но велам ова решение без изборен праг е дискутабилно затоа што ние како држава членка на НАТО и земја која ќе почне да преговара со ЕУ, би требало да ги следиме горе-доле општо прифатените изборни правила како во повеќето европски земји, секако согласно правилата и стандардите на нашиот политички систем и нашата политичка култура.

Исто така има предлог за наредните локални избори на кои градоначалниците се бираат со мнозински изборен модел а локалните совети со пропорционален изборен модел, сега има велам плус предлог за отворени листи кој сакаме на некој начин да го пробаме како еден (“пилот проект“) и тоа сега за локалните избори, односно отворените листи да важат за изборот на советници во општините. За ова прашање треба да се отвори една поширока дебата меѓу експертите. Отворените изборни листи не се така едноставна и лесна работа за спроведување, па затоа бара една поширока анализа и дебата околу повеќе аспекти и модалитети на овие прашање, но зошто да не пробаме со отворени советнички листи за локалните избори па да видиме како ќе иде.

Што се однесува до прашањето на отворени листи за парламентарните избори мислам дека како општество не сме се уште на тоа ниво зрели и недостасува таа политичка култура за да можеме да спроведеме чисти и регуларни избори како од технички така и од секаков друг аспект. Од технички аспект тоа е многу посложено прашање но сепак може да се спроведе, но што се однесува до оној другиот аспект, демократија и политичка култура е тука може да настане хаос. Во случај на отворени листи ќе настане како прво еден значителен дисбаланс во партиските хиерархии, секој кандидат од првиот до последниот ќе се бори и лобира за себе, секој ќе влече на своја страна, ќе се наруши меѓусебната доверба и односи во партиите, може да се наруши и угледот на партиското водство во однос на останатите, може секако некој кој не е во раководството на партиите да има поголем рејтинг во средината каде што живее и да има повеќе гласови од некој друг висок партиски функционер кој нема таков углед но е добар партиски оперативец и врши многу значајни работи во партијата, едноставно има многу прашања кои ќе се отворат и на кои треба да се даде одговор. Мислам дека политичките партии кај нас се уште не се зрели и го немаат тоа демократско ниво за да бараат отворени изборни листи за парламентарните избори.

Како и да е, не треба набрзина да се носат одлуки околу овие прашања, одлуки кои се обременети од разни партиски интереси и политики. Ние сме млада демократија и секако еден ден ќе си дојдат сите работи на свое место. Според моето скромно мислење во овој период најдобро би било за нас да се согласат сите политички чинители, односно да постигнат консензус политичките партии за пропорционален изборен модел, со една изборна единица и изборен праг (2.5-3%), тоа во овој момент би претставувало едно оптимално решение гледано од сите аспекти, но сепак останува во наредниот период простор за анализи и дебати по овие прашања.

м-р Глигор Стоименов

Back to top button
Close