Каков изборен модел ни е потребен

Последниве недели повторно во фокусот на вниманието се враќа изборниот модел. Централно место, како и во последните неколку години, зазема предлогот за една изборна единица, при што се отстапува од отвореноста на листите кои беа промовирани како врвен демократски дострел. Некаде помеѓу промоцијата и залагањето во јавноста и преточувањето во предлог законски текст, отворените листи за парламентарните избори се изгубија, се забошотија и исчезнаа од предлогот.

До собранието беше доставен текст кој значително ретерира од она што долго време од неколку партии беше повторувано како своевидна мантра : една изборна единица со отворени листи. Притоа никаде експлицитно не се нагласува дека се работи за затворени листи, едноставно тој дел се прескокнува, но е видлив од самиот текст. Текстот на законот и онака има  слабости кои би морале да се отстранат, меѓутоа најсуштинско прашање е зошто партиите во последен момент се одлучија наместо отворени да се оди со затворени листи, онака како што беше ветувано и какви што беа набилдани очекувањата на јавноста. Најверојатниот одговор лежи во стравот на раководствата дека со отворени листи сепак постои одредена опасност да бидат избрани оние кои уживаат најголем углед, а не оние кои се најподобни за раководството. Всушност, на тој начин се анулира и најголемата предност на тој модел, гласачите да го дадат својот глас за личности, а не за отуѓени партии.
Интересно е дека истите предлагачи во меѓувреме поднесоа и предлог закон за локални избори каде што се предвидени отворени листи. Тој текст е многу неквалитетен, конфузен, не содржи многу битни елементи кои се неопходни еден таков закон да биде воопшто применлив, меѓутоа барем јасно ја содржи намерата за отворени листи. Се разбира доколку радикално се подобри текстот.
 При поднесувањето на предлог законот се направи необична, ад хок коалиција, при што Апасиев, иако самиот тој недоследен и лицемерен, ги напаѓа останатите предлагачи дека не се заложиле до крај за усвојување на законот во Собранието, повикувајќи ги да ги искористат своите уценувачки потенцијали како дел од владеачката коалиција. Се поставува прашањето како воопшто Левица застана зад овој пред се неквалитетен текст ако се знае колку нивниот лидер инсистира на своето правничко знаење и универзитетска титула. Всушност колку и да е лош текстот тоа е помал проблем. Левица, како и останатите предлагачи, со години на јавноста и објаснува колку е демократичен и супериорен тој модел токму заради отворените листи, кои во официјалниот предлог не постојат и нагласокот се става само на една изборна единица. Би било интересно да се знае дали потписниците на предлог законот не го прочитале текстот, не го разбрале или во последен момент се предомислиле и подметнале кукавичко јајце. Недоследноста и лицемерието на Апасиев, кога ги напаѓа останатите предлагачи, се огледа и во фактот дека тој, кратко време пред да го потпише предлогот на ДС, на една од телевизиите се залагаше за изборен модел кој претпоставува повеќе изборни единици, со опција да останат и постоечките шест. Притоа не знаеше да го погоди точниот назив на моделот, но суштината ја долови.
 Настрана од она што е понудено како текст во Собранието, нешто за самата суштина. Овој модел се нуди како врвна мудрост, како модел кој ги решава сите слабости и неправди во изборниот и во политичкиот систем. Ова произлегува од фактот што најчесто малку и лошо се познава неговата суштина и некритички му се припишуваат вредности кои тој објективно не ги поседува.
 Навистина е нејасно и неверојатно како овој модел успеа во изминатите неколку години да се наметне во јавноста како потенцијален лек за сите слабости во практикувањето на политиката и демократијата во Македонија. Без посеопфатни анализи и разгледување на алтернативни модели, тој стана апсолутен хит кој ужива речиси неподелена наклоност и поддршка кај најголем дел од јавноста и во изминатите години всушност и немаше вистинска дебата околу неговите предности и маани. Овој модел секако не е најлошиот меѓутоа е далеку од тоа да биде идеален, каков што безмалку се претставува.   Дополнително, воопшто не се зема во предвид дека постојат повеќе различни варијанти и подваријанти кои значително ја менуваат суштината. Впечаток е дека најголемиот дел од оние кои јавно го подрржуваат воопшто и не се свесни за овој факт, бидејки изостанува разгледување на бројни различни комбинации.
 Сепак, можеби најголемата замка во која упаѓаат неговите промотори е убедувањето дека ултимативна вредност е учеството на што повеќе партии во парламентот и дека тој им одговара на помалите партии, што и да значи тоа.
 Во теоријата и во праксата на функционирањето на политичките системи и во рамките на нив на изборните подсистеми, неподелено е мислењето дека соодветната претставеност на различните општествени слоеви и нивните интереси, од една, и ефикасноста на законодавната и извршната власт од друга страна, мораат да бидат во рамнотежа. Обично се смета дека 5-6, евентуално 7-8 партии се доволно репрезентативни, а од друга страна овозможуваат формирање на стабилни владеачки мнозинства и ефикасна власт. Напротив, преголемиот број на партии се смета за непожелно бидејки доведува до фрагментација на парламентот, нестабилни мнозинства, политички кризи и неефикасна власт. Токму затоа постојат повеќе механизми со кои бројот на парламентарни партии се сведува на разумен број.
 Колку всушност партии треба да влезат во Собранието за т.н. мали партии да бидат задоволни. Па во моментов во Собранието партиципираат дваесетина партии. Значи ли дека сите 120 пратеници треба да бидат од различни партии. И како би изгледало и функционирало такво Собрание. Постои едноставен принцип, во парламентот треба да влезат сите партии кои уживаат значителна поддршка во гласачкото тело, со еден збор оние кои се релевантни.
 Ова не значи дека постоечкиот модел не треба да се менува туку дека мора да се земат во предвид сите предности и слабости на повеќе различни модели и да се одбере оној кој што најмногу одговара на дадените услови во Македонија.
 Навистина е неразбирливо отсуството на поголема вклученост на стручната јавност која може да даде значителен придонес во дебатата која не смее да биде само политичка туку и стручна.
 Досега понудата се сведува главно на само два модела. Од овој, значително полош е предлогот на ВМРО ДПМНЕ за еднокружен мнозински модел кој не одговара на нашите општествено политички услови, води директно во зацврстување на бипартизмот и оневозможува адекватна претставеност на различните групи и интереси.
 За конкретните карактеристики на овие два модела, како и за евентуални алтернативи можеби во некоја друга прилика.
Љупчо Довичински
политиколог

Back to top button
Close