Каква е целта на „модерното лажење“ во политиката?

Каква е целта на „модерното лажење“ Ги збунува граѓаните до тој степен, што веќе не можат да разликуваат што е политичка идеологија, што лага, а што реалност, објаснува социологот Снежана Трпевска.

Соопштение, па одговор, потоа реакција на одговорот, па реакција на реакцијата, а до крајот на денот и цела серија меѓупартиски преписки, по која не е лесно да се разбере ни кој почнал, ни што бил поводот. Ова не е исклучок, туку правило кое станува особено доминантно пред избори. Речникот на меѓупартиските пресметки е едноставен, а тежиштето е ставено на неколку зборови кои опонентот треба да го претстават како субјект кој е скаран со вистината.

„Откриена уште една манипулација…“, „Паднаа маските: се виде кој лажел “ „Скандал: Правеле сѐ за да за ја сокријат вистината“…

Фразите се слични, се менува само името кон кое се насочени обвинувањата.

 

Замена за реалноста

Како граѓаните да се снајдат во купиштата од соопштенија, но и дезинформации?

„Во објаснувањето на ова што денес се случува во политичката реалност и во јавната сфера, многу современи социолози и политиколози тргнуваат од сфаќањата на Хана Арент, една од највлијателните теоретичарки и филозофини на политиката на 20. век, за потеклото, влијанието и амбивалентноста на лагата во политиката, во нејзините различни историски форми“, посочува социологот Снежана Трпевска од Институтот за истражување на општествениот развој – РЕСИС.

„Накусо, тоа објаснување би можеле да го сумираме во следното: живееме во време на целосна девалвација на јавната сфера – политичките процеси предизвикуваат повеќе хаос и конфузија отколку ред, политичката дебата се сведува најмногу на зборови а најмалку на дејствување и резултати, лагата е ‘нормално’ средство во политиката (Арент) иако политичарите постојано се декларираат себеси како „вистиноговорници“. Секојдневно гледаме како на едни ‘вистини’ политичките опоненти им спротивставуваат свои ‘контра-вистини’ (Дерида). Живееме во демократско општество во кое политичарите најжестоко користат пропагандни дејствија својствени на тоталитарните идеологии чија цел е никој да не дознае што е ‘вистина’ Станува збор за организирано и систематско користење на лагата во политиката, или за она што Арент го нарекуваше ‘модерно’ лажење во политиката кое има за цел да создаде замена за реалноста, поточно вистината да ја замени со ‘слика’ за вистината. Но, за разлика од тоталитарните режими, ‘модерните лажговци’ во демократските општества користат други средства: ПР техники, медиуми, лоби групи, инфлуенсери“, објаснува Трпевска.

 

Ако помине – помине

Соопштенијата на домашните политички партии се слика и прилика за еден анахрон речник во нивната комуникација, полн со поларизации, со став кој рефлектира непријателство а не политичка конкуренција, и со делби по секакви основи, најмногу во однос на фактите. Еден од пoследните примери е добра илустрација за тоа: опозициска критика за наводен одмор на министерот за здравствоВенко Филипче на грчка плажа, ставена во контекст на трагедијата во тетовската модуларна болница.

ВМРО-ДПМНЕ: „Видовме од фотографиите по социјалните медиуми дека за Филипче и Заев поважни се грчките плажи од животот на 14-те изгорени во Тетово“.

СДСМ: „Деновиве капитулираше центарот за манипулации на ВМРО-ДПМНЕ – фотографии од пред две години во очај ги објавуваат како сегашни, за да пласираат соопштенија преку кои безобразно лажат“.

ВМРО-ДПМНЕ: „ВМРО-ДПМНЕ не е извор на фотографиите на Вице (Заев – н.з.) и Венко од грчките плажи, но е извор на несомнениот заклучок дека се бизнис ортаци, нешто што го призна самата партија“.

Бришењето на границите меѓу лагата и реалноста создава тешка конфузија кај граѓаните

Кога примарното тврдење се разгранува на секундарни аспекти, тешко е да се извлече линија на конзистентност во пораката што се праќа до граѓаните/избирачите. Според експертите, тоа е и целта на пропагандата: колку што една тема сѐ повеќе се разгранува, во таа дифузност, на секого му се остава да си избере сегмент кој ќе му изгледа веродостоен, без оглед дали е поткрепен со факти.

 

Капацитет за корекција

„Целта на ‘модерното лажење’ во политиката е да ги збуни граѓаните до тој степен што тие веќе не се способни да носат сопствени судови и да дејствуваат. И токму тоа се случува – луѓето веќе не можат да разликуваат што е политичка идеологија, што лага, а што реалност. Општата реакција, на индивидуално ниво, е цинички релативизам, скептицизам, разочарување, и на крајот апатија, поради неможноста и неверувањето на поединецот дека може нешто да промени. Тоа, во крајна линија, води кон негирање или поништување на волјата на граѓаните и кон растење на недовербата во политиката и институциите“, објаснува Трпевска.

 

Како да се спротивставиме на систематско и организирано лажењево политиката?

„Арент, за жал, не веруваше во моралното издигнување на политичарите, бидејќи се чини политичкиот простор по дефиниција ‘се заснова врз парадоксалниот однос меѓу лажењето и вистината’. Таа, како и други модерни теоретичари, решението го гледаат, прво – во развивањето на капацитетот на општествата за разоткривањето на лагите, развивањето на оние меѓучовечки односи кои обезбедуваат основа за плуралност и кои во исто време помагаат да се открие лицемерието, порано или подоцна. Второ, капацитетот за корекција на систематското лажење во политиката е особеност својствена само на граѓанинот кој дејствува, кој сака да промени нешто. Притоа, не се работи за дејствување кое има за цел само да ја претстави вистината, туку да отвори нови сфери и теми во политичкиот простор. Се работи за тоа дека критериумот за она што е вистина не може да биде поставен од политиката, туку надвор од неа“, потенцира Трпевска.

Во предизборен амбиент, во кој политиката сака да диригира со критериумот за „вистинската вистина“, граѓаните ќе имаат мала можност да си ги испитаат внатрешните капацитети за разоткривање на лицемерието. За почеток, на вечерашниот тв-дуел меѓу премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Извор: ДВ

 

Back to top button
Close