Какви даноци ѝ требаат на Македонија?
Данок на неженети/немажени не ѝ треба на Македонија, но ни требаат други видови даноци – еколошки, за миленичиња и за верските заедници, вели даночниот експерт Славко Лазовски за ДВ.
Најавата за можно воведување на данок за немажени/неженети отвори широка дебата во Македонија. Иако премиерот Христијан Мицкоски за време на викендот ретерираше од првичната најава, наведувајќи дека нема да има таков нов данок, туку целта е да има дебата и да се крене свесноста за наталитетот, бидејќи „Македонија тивко умира“, сепак ова прашање наметна низа дилеми во јавноста за оправданоста на ваквата мерка, но и за тоа какви даноци и требаат на земјата.
„Не ни треба данок за немажени/неженети“
„На нашата даночна структура навистина и требаат нови видови даноци, но не данок на неженети/немажени“, вели за ДВ даночниот експерт, Славко Лазовски. Според него, една од поголемите слабости на македонскиот даночен систем е тесната даночна структура, која е и премногу долго во примена.
„Тесната даночна структура е неправедна. Таа остава субјекти, доход и/или имот кои не ги оданочува“, вели Лазовски.
Затоа, според него, навистина ни требааат нови даноци, бидејќи македонскиот даночен систем работи со мал број на даноци. „Мал број на даноци имаме на национално, уште помалку на локално ниво“, вели експертот од Центарот за даночна политика.
Но, какви даноци ни требаат?
„Ни требаат еколошки даноци. Тој што загадува треба да плаќа данок. Тој остварува одредени приходи на сметка на загадувањето“, вели Лазовски. Експертот посочува дека на овој план воопшто не ги следиме богатото искуство и успесите што ги оствариле земјите членки на ЕУ.
„А, ќе мораме и тоа што побрзо да отпочнеме да ги решаваме еколошките проблеми, тоа ќе значи поголеми заштеди во вложувањето на јавните средства“, посочува нашиот соговорник.
Слично размислува и финансискиот аналитичар Бранимир Јовановиќ, кој во изјава за Телма порача дека не смее да се случи да се воведе данок за немажени / неженети. „Има други механизми како да се задржат младите во земјата и да се подобри состојбата со наталитетот и со склучувањето бракови“, додава тој.
„Место да даваат вакви генијални изјави, од Владата односно премиерот треба навистина да се запраша зошто луѓето си заминуваат од државата, и зошто луѓето кои што остануваат таму немаат деца“, вели Јовановиќ. Според него, државата подобро е да се насочи кон проблемите со ниските плати, скапотијата, кон подобрување на образованието, кон решавање на проблемите со загадениот воздух, односно кон сите оние основни работи кои му значат на обичниот човек во оваа земја.
„Она што најмногу придонесува за тоа луѓето да имаат повеќе деца или да не се иселуваат од земјата, е подобрување на квалитетот на живот. Ако имате лош квалитет на живот ако никој не сака да живее во таа држава, ако имате ниски плати, се е скапо, не може да купите стан, не можете да отидете на доктор да се лечите, здравството колабира, треба пари да го пратите детето во градинка, како можете да очекувате вие во таква ситуацијата луѓето да имаат деца и да остануваат во државата. на тоа треба да се фокусираат напорите и мерките“, нагласува Јовановиќ.
Даноците се јавен приход кој произлегува од обврската што ја наложува државата кон граѓаните и на претпријатијата задолжително да издвојуваат дел од својот приход, промет или имот за задоволување на државните потреби. Основната функција е фискална, но многу често даноците се користат за постигнување на определени економски и социјални цели, остварување на стабилизационата политика и за сузбивање на инфлацијата. Во земјата се плаќаат даноци на доход (директни даноци), даноци на потрошувачка (индиректни даноци) – како што се данок на додадена вредност (ДДВ), акцизи и царини, даноци на имот, данок на наследство и подарок и слично.
Државата воведе и Данок на солидарност како еднократна, вонредна јавна давачка за 2023 година. Овој данок го плаќаа компаниите кои во 2022 година оствариле вкупен приход поголем од 615 милиони денари (околу 10 милиони евра). Целта беше да се соберат средства за ублажување на последиците од кризата и да се придонесе за јавните расходи на солидарен начин. Но, Уставниот суд донесе одлука за поништување на законот, со што државата треба да им врати околу 49,2 милиони евра на 156 компании.
Данок на миленичиња?
Лазовски вели дека многупати се зборувало за потребата од воведување на данок на миленичињата, како решение на проблемот со кучињата скитници. „Зар не е јасно дека овој проблем можеме да го решиме најбрзо и најефикасно со воведување на нова давачка, а не да го решаваме со скратување на јавни средства наменети за образование, здравство, социјална заштита и слично. Ова е скоро невозможна мисија, бидејќи ова скратување на јавни средства треба да се изведе од намени каде очигледно недостасуваат средства. Затоа со години само зборуваме за проблемот, а тој останува и понатаму нерешен“, додава тој.
Експертот посочува дека во македонскиот даночен систем се потребни порешителни чекори. „Од авион се гледа дека состојбите кај локалните даноци е повеќе од загрижувачка. Да потсетам дека некогашниот министер за финансии, Зоран Ставрески, пред Комисијата за финансирање и буџет на Собранието изјави дека локалното оданочување е најслабата алка во даночниот систем. Сите очекувавме значајни промени- ништо не се измени. Западнавме во една апсурдна ситуација. Пред 35 години бевме на самиот врв во Европа според фискална положба на општините, а денес убедливо на дното на Европа“, анализира Лазовски.
Оданочување на верските заедници
Експертот, кој долги години работеше во Министерството за финансии потсетува и на идејата за оданочување на верските заедници, којашто беше беше иницирана во минатото, но беше стопирана. Лазовски се уште стои на ставот дека една од областите што тој верува дека Северна Македонија треба да ги регулира е донесувањето закон за оданочување на верските заедници.
Неодамнешните истражувачки стории на „Призма“ открија лепеза на имоти и ресурси со коишто располагаат верските заедници. Експертите сметата дека државата мора да има преглед на своите финансии, исто како што има знаење за секоја сметка во државата.
„Можеби треба да се вратиме на продолжување на подготовките на сопрените проекти: закон за верскиот данок, закон за даночното советување и на кровниот даночен закон- закон за јавните даноци“, вели Лазовски.
По бурни реакции во јавноста, премиерот Христијан Мицкоски во неделата изјави дека нема да има данок за неженети и немажени, туку целта е да има дебата, да се крене свесноста и додаде дека Владата ќе има мотивирачки мерки и субвенции, мора да се работи за наталитетот, затоа што Македонија тивко умира.
„Желбата беше да се крене свесноста за овој проблем кој е сериозен и се стреми да стане катаклизмичен за иднината на државата и нацијата. Има голема дебата насекаде во светот за демографијата и не би можел да се сложам дека даночни олеснувања се решение, напротив, има случаи кои во суштина се такви кои и покрај големи фискални олеснувања не вродиле со плод. Споменав еден пример тоа е Јужна Кореја, тие за околу 15 години според различни извори имаат потрошено помеѓу 200 и 270 милијарди долари, за да стимулираат фертилитет и наталитет, но денес имаат најнизок и тоа е 0,75 по мајка или во главниот град Сеул тоа е 0,5“, рече Мицкоски во интервју на Сител ТВ.
Во таа насока, премиерот Мицкоски ги спомена и Полска, Грција, Албанија, Косово, но и Македонија каде 2016 година околу 23.000 родени бебиња, а 2024 година 16.000 бебиња или 30%, најавувајќи дека ќе има сет на мерки затоа што треба да бидеме свесни дека изумираме тивко, но полека.