КАКВО “ПАЃАЊЕ“ ЧОВЕЧЕ
Глигор Стоименов
Ништо од историската победа што ни беше најавена пред изборите. Каква историска победа бре?? Ова е историско паѓање на ВМРО-ДПМНЕ по само една година власт, ништо повеќе.
Владејачката партија која ги користи сите механизми за притисок кон граѓаните, која за уши го вади своето членство на гласање, успеа да извади околу 300 илјади гласови поддршка, заедно со сите коалициони партнери топ тан, што воедно е историски најслабиот резултат на ВМРО-ДПМНЕ како владејачка партија. Но во исто време изгубија 140 илјади гласови од претходните парламентарни избори што е невидено до сега или како што некои педантни аналитичари пресметаа дека губеле 256 гласачи на ден, дефинитивно ова е историски најголемиот пад во поддршката на една политичка партија за толку краток период. Но и по бројот на освоени градоначалнички мандати исто така нема да имаат историска победа!
Жално и помалку комично е што после едни вакви бројки почнаа толку хистерично и нервозно да “врескаат“ и “напаѓаат“ по медиумите, за да ни докажат каква историска победа направиле, односно да не прават будали, но за тоа нешто подолу. Во оваа “хистерија“ за да го оправдаат своето историско “паѓање“ вклучија низ медиумскиот простор многу лажни аналитичари, дежурни медиумски кловнови, разни ебиветровци, но од сите нив предничи едно старо медиумско “дртало“ кој заслепен од својата суета и лажна моќ дека конечно еве и него некој го “игра и слуша“ од владејачката партија, па не гледа ништо пред себе, се заканува јавно со “тапи ножеви“, ќе правел вака, ќе тепал, ќе колел, као он нешто бил “тешкаш“ со кој немало заебанција. “Ма ти си бре друже к…ц на бициклу“, ништо поише не си, ако го гледал филмот “Црни Бомбардер“ ќе знае што е! Но нервозата е очигледна. Ајде да не се бавиме веќе со овие пропагандисти и самопрогласени “тешкаши“ кои знаат се, инаку тие се и обвинители и судии, експерти, селектори, полицајци, лекари, хирурзи, абе све се, а всушност ништо не се.
Да видиме како стојат работите!
Како што рековме на почетокот ова е историски најслабиот резултат на ВМРО-ДПМНЕ од позиција на владејачка партија, а воедно и најголем пад на гласови за една политичка партија за толку кратко време.
Но факт е и тоа никој не го оспорува, дека ВМРО-ДПМНЕ победи убедливо на овие избори. Тука никој нема никаква дилема. Но видете сега, ова е далеку од некоја историска победа со што не отекуваа овој период. Каква е таа победа, каква е таа порака од народот кога имате само 48% излезност на граѓаните и од тие што гласале дури 54 илјади луѓе ќе Ви ги поништиле гласачките ливчиња, тоа е силна порака. Да, ова во демократија е силна порака за сите политички партии и за нивната понуда кон граѓаните но ова е пред се силна порака за владејачката партија и нејзината понуда, во демократија едноставно е така, такви се правилата. Гласачкото тело го изразува својот револт спрема владејачката партија највеќе на овој начин, со апстиненција или поништување на гласачкото ливче. Гледам дека во оваа хистерија некој се обидува да го оправда ова со тоа што ни вели дека ова се локални избори, не се парламентарни и затоа ситуацијата е таква. Да точно е тоа, ако направите анализа на сите избори до сега ќе видите дека процентот на излезност бил помал кај локалните избори и бројот на гласови кој го добивале политичките партии на локални избори е помал од оној на парламентарни избори. Но, тоа се движи во рамките на 3-5% помала излезност кај локалните избори и од 5-7% изразена намалена поддршка кај партиите за локалните избори. На овие избори тој процент на излезност во споредба со парламентарните избори минатата година беше во тие рамки можеби нешто помалку. Согласно овие параметри владејачката коалиција би требало да има на овие избори меѓу 25-40 илјади гласови помалку од минатите парламентарни избори, тоа впрочем беше и пресметката и очекувањата и на аналитичкиот центар на ВМРО-ДПМНЕ, токму затоа и премиерот најави дека на советничките листи ќе освојат околу 360 илјади гласови а можеби и таа бројка како што изјави тој би била 400 илјади гласови. Но што се случи, пад за 140 илјади гласови или 31% што тие не го очекуваа воопшто. Не заборавајте дека тука се сите коалициони партнери и оние кои минатите избори не беа во оваа владејачка коалиција. Токму затоа е оваа медиумска хистерија во која сакаат да не убедат дека кој знае што направиле, едноставно паднале многу, ништо не направиле!
Па сега што имаме во Македонија, имаме ситуација каде што 300 000 луѓе наспрам 1. 500.000 останати, одлучуваат за се и сешто во државата, па и за тоа каква политика ќе водиме понатаму. Но такви се правилата во демократија иако пораките се јасни.
Морам да признаам дека сум позитивно изненаден од македонскиот електорат овој пат. Македонските граѓани како да почнаа да ја препознаваат оваа пропадната политика каде не води. Почнаа да разбираат дека не може да се живее од измислени приказни за предавници и патриоти, приказни за кражба на идентитетот, туку мора да се решаваат тешки прашања, мора оваа држава да почне да се придвижува напред, мора да се земе плата и мора да се обезбеди достоинствен живот и перспектива на своите деца, конечно почнаа да ја препознаваат политиката која лебди над амбисот.
Опозицијата иако можеби не го постигна оној резултат што го очекуваше на овие избори, треба да продолжи напред со крената глава затоа што мислам дека е на добар пат. Некој прогнозираше “нула“ градоначалници ама тоа не се случи. Треба да се разбере дека е краток период, сепак за раст на гласовите и на рејтингот треба повеќе време. Политичката партија Левица иако еуфорично со влегувањето во вториот круг за град Скопје најави дека била втора опозициска партија тоа секако не е ниту приближно точно затоа што има само 58 илјади гласови, далеку помалку од СДСМ. Точно е тоа дека имаат добар кандидат за во втор круг, според мене далеку подобар од оној на владејачката партија но ќе биде тешко да го загрози поради големото водство кое го имаше во првиот круг кандидатот на владејачката партија, иако се почнува од нула. Токму затоа и минатиот пат напишав дека СДСМ останува единствената политички организирана сила во опозицијата која во наредниот период силно треба се мобилизира и да го загрози сериозно рејтингот на владејачката партија. Убеден сум во тоа. Не треба воопшто во раководството на СДСМ да придаваат посебно значење на оние “душегрижници“ поранешни членови на партијата кои не добиле сега функција, кои ги викаат по медиумите за да помагаат на ВМРО-ДПМНЕ, па делат совети како требало партијата да се реформира, кој требало оставка да дава, и слични глупости, тоа едноставно не треба да го засега СДСМ, туку треба да продолжи напред уште посилно.
Се гордеам со гласачите во мојата општина Центар која повторно се врати и верувам дека ќе има победа во вториот круг. Исто така убеден сум дека и во Карпош опозицијата ќе однесе убедлива победа. Ме изненадија многу позитивно и гласачите на Аеродром, покажаа една зрелост пред налетот на пропагандата свесни дека во изминатиот период можеби го имаа најлошото локално раководство до сега кое буквално ништо не направи, дури и тревниците беа запустени, но таму ситуацијата ќе биде потешка затоа што ВМРО-ДПМНЕ има свои бастиони во оваа општина што ја прават разликата, додека во урбаниот дел на аеродром пораката е јасна.
Да, кој сака нека се лути, како сака нека ме разбере, ама она урбано, прогресивно и демократско Скопје не дава глас за измислени и заглупувачки приказни за предавници и патриоти.
П.С. Не чека вториот круг од овие избори. Владејачката партија ќе врши силна мобилизација и пресија на своето членство. Сме го виделе тоа до сега. Повторно ќе ги вадат од дома по пиџами, ќе ги влечат за уши, ќе им се закануваат, се е тоа видено. Но демократската и прогресивна јавност треба исто така силно да се мобилизира и да ги одбрани оние места каде што има сериозни шанси за победа во вториот круг. Спиење нема. Освен борба друго нема. Треба трпение, се уверивте ли сега дека овие се многу послаби од “Груевци“.
По изборите, од ден на ден понатаму ќе почне делегитимирање на оваа политика, ќе трае долго и нема да биде лесно, но кој рече дека ќе биде лесно???