Калас: Извршените воени злосторства во Украина не смеат да останат неказнети

Не смее да дозволиме извршените воени злосторства во војната во Украина да останат неказнети, затоа што нивниот можен број е едноставно неверојатен, изјави високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас во денешното обраќање пред Европскиот парламент во Стразбур.

Присилното префрлање и депортирање на украински деца е едно од најголемите извршени злосторства, со што екстремно се прекршени човековите права, истакна Калас за време на парламентарната дебата за „руските воени злосторства во Украина“.

Таа потсети дека ЕУ е дел од меѓународната коалиција за враќање на овие деца во Украина и ќе направи се што може за тие повторно да бидат со нивните семејства, како и дека блокот воведе санкции за најмалку 17 лица одговорни за депортацијата, принудното префрлање и превоспитување на украинските деца.

Но, последиците и по децата во Украина се исто така поразителни. Според „Спасете ги децата“, од почетокот на војната приближно четири милиони деца на училишна возраст се соочуваат со прекин на образованието, рече Калас.

Високата претставничка на ЕУ нагласи дека од почетокот на руската агресија врз Украина се оштетени близу 4.000 образовни институции, над 10 отсто од образовната инфраструктура во земјата е целосно уништена, а нападите врз здравствените установи ги загрозуваат животите на многу деца, вклучително и оние со хронични заболувања. Според неа, наталитетот во Украина се намалил за 30 проценти за време на војната, со што стапката на природен прираст во земјата сега е меѓу најниските во светот.

Калас потсети дека на вчерашен ден пред три години се појавија видеа и фотографии на кои се гледаа тела на цивили расфрлани на улица во украинскиот град Буча, деца кои бегаат со своите семејства, локални жители како забрзано купуваат намирници и луѓе кои се обидуваат да стигнат до своите домови.

Една фотографија или видео добро ги разоткри воените злосторства, а докази за тоа беа фотографиите, телефонските видео снимки и шифрираните комуникации на командантите преку руските радио канали. Не може да се негира дека точно знаеме кои се сторителите, рече Калас.

Според неа, руската кампања против човечките живот и достоинство не познава граници, за што доказ се извештаите за исчезнати лица, тортури, егзекуции и насилство врз цивили и воени заробеници од страна на руските Вооружени сили на окупираните територии.

ЕУ ќе продолжи да покренува постапки во секоја прилика, каде и да може, бидејќи ниту едно притворање на цивили не може да се заборави. Ние, исто така, мора да продолжиме да се залагаме за заштита на воените заробеници и да ја повикаме Русија да се придржува кон својата долгогодишна посветеност на меѓународното хуманитарно право, додаде Калас.

Таа истакна дека еден праведен, сеопфатен и траен мир за Украина, заснован на Повелбата на ОН и меѓународното право, мора да вклучува и размена на воените заробеници, ослободување на затворените цивили и враќање на присилно депортираните украински деца.

ЕУ ги поддржува напорите на Украина за одговорност и правда од првиот ден, преку прибирање докази за Обвинителството за покренување постапки и изработка на барања за оштетата на жртвите, истакна Калас, додавајќи и дека Унијата силно го поддржува Меѓународниот кривичен суд кој издаде налози за апсење за сторени злосторства, вклучително и против рускиот претседател Владимир Путин, комесарката за правата на децата Мариja Лвова-Белова и поранешниот руски министер за одбрана и актуелен секретар на Совет за безбедност на Руската Федерација, Сергеј Шојгу.

Според неа, ЕУ им помага на украинските власти за собирање на потребните докази за сторени кривични дела, за што досега се отворени околу 170.000 случаи.

За конкретното кривично дело агресија, ЕУ ги предводи активностите за формирање на специјален суд. Правни експерти неодамна ги финализираа техничките преговори за Трибуналот. Советот на Европа наскоро ќе го започне процесот за политичко разгледување на документите за основање на Трибуналот, вклучувајќи го и неговиот Нацрт-статут, им посочи Калас на европратениците.

Таа додаде и дека ЕУ го поддржува функционирањето на Регистарот на штети, создаден под покровителство на Советот на Европа, како и дека активно работи со своите меѓународни партнери за формирање на комисија за утврдување на штетите.

Со секој уништен живот во војната на Русија против Украина, има семејство кое живее со болка, барајќи душевен мир. Кога оваа војна ќе заврши, а еден ден ќе заврши, закрепнување нема да биде само со обнова на зградите, туку тоа ќе дојде и со барањето правда и одговорност за злосторствата извршени од Русија, бидејќи само правдата на секое едно украинско семејство ќе му го донесе душевниот мир што му е потребен, за да продолжи понатаму и да ги обнови своите животи, заклучи Калас.

Фото: Европски парламент

Back to top button
Close