Калас: Поради спротивставувањето од Унгарија, ЕУ не усвои нови санкции кон Русија и не одобри заем за Украина

Европска Унија денеска не успеа да го усвои новиот пакет санкции кон Русија ниту одобри поголем заем за Украина поради приговорите од Унгарија, изјави денеска високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас.
– За жал не постигнавме договор за 20-иот пакет санкции. Тоа е чекор назад и порака што денеска не сакавме да ја испратиме, наведе Калас по состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ.
Тие денеска се обидоа да постигнат договор за 20-иот пакет санкции за Русија и за голем заем за Украина, но не успеаја да добијат поддршка од Унгарија.
Будимпешта за време на викендот се закани дека ќе ја блокира одлуката за санкции кон Русија и заемот од 90 милијарди евра за Украина, за што претходно се согласи.
Унгарија наведе дека нема да го смени ставот сè додека не биде обновена испораката на руска нафта преку Украина односно преку нафтоводот Дружба, кој е оштетен во јануари при руски напад.






