Калас: Русија се преправа дека преговара, ЕУ подготвува нови мерки

Меѓународниот поредок базиран на правила е под голем притисок, трансатлантските врски не се исти како што беа, а имаме и закани, како што се руската војна во Украина и нестабилноста на Блискиот Исток, изјави високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, пред доаѓањето на денешниот Совет за надворешни работи на Унијата.
Таа посочи дека очигледно е оти Русија сè уште не е сериозна во врска со мировните преговори за Украина имајќи предвид дека на последната рунда разговори во Абу Даби од руска страна беа присутни само воени лица, кои, според неа, немаат мандат да се договорат за ништо што би било дефинитивно.
„Затоа е важно да ја поттикнеме Русија на преговори токму сега. Тие само се преправаат дека преговараат, а гледаме како ги зголемуваат своите напади врз Украина. Не може да постигнат резултати на бојното поле, па затоа напаѓаат цивили, ги таргетираат болниците, училиштата, станбените згради, критичната и енергетската инфраструктура, со цел да ги принудат Украинците да се предадат и навистина мора да бидеме многу јасни во врска со ова“, рече Калас.
Според неа, јасно е дека за да успее каков било мировен договор за Украина, во неговото постигнување мора да бидат вклучени и Европејците бидејќи војната е на европска почва.
„Гледаме дека Американците не ја поддржуваат Украина речиси повеќе од една година. Европејците го прават тоа за да може Украина да се одбрани, па за нас е многу важно принципите на територијален интегритет и суверенитет да бидат почитувани. Секако гледаме дека меѓународното право е под голем притисок не само во Украина, туку и од други сили“, рече Калас.
Таа оцени дека притисокот врз украинската страна да се согласи на отстапки во замена за мир ја замаглува сликата бидејќи Украина не е таа што врши агресија, туку Русија, па затоа треба да се изврши поголем притисок врз Москва за да видиме отстапки од руската страна во врска со безбедносните гаранции.
„Многу е важно да имаме видливи безбедносни гаранции. Денес ќе зборуваме и за тоа што повеќе можеме да направиме од европската страна, но исто така и Американците мора да бидат дел од тоа“, додаде Калас.
Таа најави дека се предвидува Русија на денешниот Совет да биде ставена на листата за перење пари, со што дополнително ќе се ограничат нејзините фондови за водење на војната и ќе се изврши дополнителен притисок врз неа да прифати вистински преговори.
Во однос на идејата за создавање европска армија, која би била испратена во Украина како мировен контингент по завршувањето на војната, Калас рече дека секоја европска земја има своја армија, а армиите на 23 земји исто така се дел и од структурата на НАТО.
„Не можам да замислам дека земјите ќе создадат посебна европска армија, туку тоа мора да бидат армиите што веќе постојат. Но, треба да видиме како тоа би функционирало во пракса. За мене е разбирливо дека војската мора да има многу директен и јасен синџир на команда, така што секогаш кога ќе се случи нешто, да биде јасно кој кому му дава наредби. Ако создадеме паралелни структури, тогаш тоа само ќе ја замагли сликата и во случај на проблеми наредбите може едноставно да се загубат“, истакна високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика.






