Калкулиран ризик?

Последниве случувања со короната и училиштата многу потсетуваат на неодамнешното обраќање на претседателот Пендаровски по повод Денот на армијата, а особено на една негова реченица. Дека: „Без доверба во институциите ја ризикуваме и нашата национална безбедност. Ниската репутација и разочараноста на граѓаните од политиката и нас политичарите креираат идеален амбиент за новите начини на поткопување на стабилноста и безбедноста како што се хибридните закани“. Но, политиката (не само кај нас) едноставно не сака да слуша критички тонови за нејзиното (не)работење односно кредибилитетот што одамна е дојден до критичната долна граница. И не само со последниве случувања туку и ако ја ставите целава шесмесечна пандемија во најтесниот круг на безбедносните прашања, зашто тие де факто тоа се’, тогаш играрииве околу неа и почетокот на школската година, егземпларната неукост на сите инволвирани и, следствено, одбивањето на јавноста да верува на нивните „убедувања“ се уште една потврда не само на зборовите на претседателот туку на општото прилично небезбедно ниво во државава. Зашто, се’ се тоа поврзани алки, се реперкуираат една на друга. Плус, секојдневното плашење со она „што не’ чека од септември“, но без спремна стратегија и план на делување, само дополнително го разгорува сомнежот во јавноста за капацитетите на надлежните во справувањето со овој проблем. Впрочем, нашите „капацитети“ ги покажуваме со бројот на починати од COVID-19, речиси еднаков со Србија, на пример, која е според население четири пати поголема од нас! А посебен „капацитет“ – да не речам егземплар! – ни е оној веќе славен Протокол за физичка настава во основните и средните училишта. Се разбира, некој може да запне да не’ убедува дека пандемијава баш и не е безбедносно прашање, ама така само ќе ја покаже сопствената наивност и неукост.

Едновремено, некој друг можеби ќе запне да рече дека пандемијата односно здравството не е политика и дека почетокот на школската година не е политичка одлука. А што е, ве молам? И што се и досегашните фрапантно неуки, политикантски и крајно разочарувачки одлуки на Министерството за здравство, на Министерството за образование, на онаа (веќе смешна) Комисија, на оној кој глуми некаков директор за јавно здравство… ? Па средношколциве им држат лекции не само од логика туку и од познавање на состојбите во државава. Речиси е неверојатно што се’ слушаме од (наводно) одговорниве за пандемијава, какви се’ глупости но и неодоговорни заклучоци по здравјето на целото население во државава, особено на најмладите – на децата. Меѓу другите и „логиката“ најмалите, првоодделенците, да тргнат на настава „во живо“ – дечиња кои одвај имаат поим што е тоа школо и што таму ги чека, што е пак ова што се случува околу нив и зошто не’ гледаат вакви „маскирани“, а згора и нив ги тераме да носат маски, се обидуваме – кој колку може и знае – да им ги објасниме опасностите што демнат иако гледаме дека тие едноставно не разбираат бидејќи и не можат да разберат – малечки се, славната ни Комисија прво предлага само првачињата да тргнат в училиште ама веднаш потоа (по обичај и под политички притисок) „стручњаците“ од Министерството за образование им ја преиначуваат одлуката… итн., итн. Незамисливи, страобални коцкања со здравјето на најмалите!

Пандемиската равенка со многу непознати може и вака да се постави: зошто е подрагоцено здравјето на децата од трето одделение нагоре (кои нема да посетуваат настава „во живо“), од здравјето на децата до трето одделение? Некој има логичен одговор? И зарем повозрасните не се повични и „поумни“ да се справат со задолжителните хигиенски мерки од малечкине од прво, второ, трето одделение кои нема да знаат ни главата каде им е?

Што ќе изгубат малечкиве ако и оваа година имаат настава „он лајн“, наспроти големине кои ќе ја имаат таа безбедносна „привилегија“? Се разбира дека немам намера да спорам со сите сериозни аргументи за незаменливоста на личниот контакт учител-ученик, за училиштето како незаобиколив стожер на социјализацијата на децата итн., ама забораваме ли дека македонските семејства (главно) обединуваат три генерации: деца, родители и баби/дедовци? Што и како ќе се случува ако – не дај боже – детето го донесе вирусот дома? И кој ќе биде виновен? Детето? Децата можеби ќе загубат многу ако (и) ова прво полугодие не влезат во училниците, ама нивните семејства можеби ќе добијат многу повеќе? Можеби ќе добијат поголемо чувство на безбедност, па и убедување дека државата се грижи и за нив? И се разбира дека еден од родителите мора да биде ослободен од работа за да се грижи и работи со детето дома. Или – тоа е проблемот, ќе се буни бизМис секторот? Оној што ги опљачка парите од државната помош? И државата нема сила да наложи мерки и за нив, како што немаше ниту за религиозните „групи“? Тогаш, подобро да не си играме држава, нели, зашто сериозните држави постојат за да ги решаваат проблемите, а не да ги создаваат! Постојат и за да го олеснуваат животот на граѓаните, не да го загорчуваат!!!

Во вакви случаи не постои она вампирско „калкулиран ризик“. Такво нешто едноставно – не смее да има. Сериозна држава не може да калкулира со животот на граѓаните, особено не со животите на децата. Но може да калкулира со ризикот за губење на (уште) едно полугодие, па и година ако треба, ако тоа е за доброто на децата. Всушност, во оваа ситуација нема „добро“, се’ е лошо, но мора да се избере помалото зло. Белки тоа знаеме да го направиме?!

Златко Теодосиевски

Извор

Back to top button
Close