Камбовски: Не верувам Венецијанска да ни каже дека може да формираме здруженија што ќе шират национална омраза

Академик Владо Камбовски не очекува дека Венецијанската комисија ќе ги оспори измените во законите за здруженија и фондации и за политички партии со кои се забрани здруженија и партии да имаат програма, статут и дејност насочени кон омраза, нетолеранција, фашизам, нацизам итн., како и во нивните називи да користат имиња поврзани со фашизам, нацизам, геноцид, третиот рајх …

Камбовски не гледа ништо спорно во ваквите законски измени и вели дека формирање такви здруженија и партии не дозволува ниту една демократска држава во светот.

 

Тоа е пракса која постоела и порано сме испраќале такви закони на преглед.

 

„По мене тој закон во тој дел на забрана е општа практика насекаде, во сите демократски држави дури и уставните судии имаат директна надлежност да забранат делување на партија која има програма или дејствува спротивно на вредностите што се прогласени со националниот устав – човекови права, забрана на дискриминација, ширење омраза нетрпеливост и сл. Очекувам дека венецијанска ќе го потврди тој став, не верувам дека таа ќе рече, да може да формирате здруженија што ќе шират национална омраза или нетрпеливост. Тоа ниедна држава во светот не го дозволува, тоа е спротивно на сите меѓународни стандарди и норми“,

 

рече Камбовски.

Секој може да се бори за одредени свои права, порача тој, но без да ги загрози правата и слободите на другиот.

 

„Тоа е темелно начело на правото што мора секој национален правен поредок да го заштитува. Можете да формирате какви сакате – и етнички или други здруженија, но никој нема право од позиција на такво здружение да негира, да загрозува права на другите или слично“ вели академикот.

Ваквите законски измени без ниту еден глас „против“ во Собранието беа изгласани на 2 ноември, а доаѓаат откако во земјава беа отвори бугарски клубови со контроверзни имиња од историјата поврзани со фашизмот – клубот „Ванчо Михајлов“ отворен на 16 април во Битола и „Цар Борис Трети“ на 7 октомври во Охрид.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close