Камчев на 1 јули ќе влезе во затворот во Струга?

 

На 1 јули бизнисменот Орце Камчев најверојатно ќе треба да влезе во затворот во Струга, откако денеска доби одложување на издржувањето на затворската казна за 15 дена.

-Донесена е одлука со која е одложено извршувањето за 15 дена, ни одговорија кусо од судот во Охрид, на прашањето на “Фокус” како е одлучено по барањето за одложување поднесено од Камчев.

Од судот вчера ни посочија дека кај нив во вторникот стигнала медицинската документација, во прилог на поднесеното барање, а денеска е донесена одлуката за одложување од 15 дена.

Камчев во затвор требаше да влезе на 1 јуни, но тоа не се случи поради поднесената молба за одложување. Исто така, наместо во затворот во Шутка, тој побара казната да ја издржи во Струга, откако претходно доставил промена на адресата на живеење од Скопје во Охрид.

Тој, иако со спогодба беше осуден на казна затвор од една година, за случајот “Империја”, сепак ќе треба да одлежи околу 7 месеци во затвор.

Казната во старт се намалува, бидејќи во неа се засметува и времето кое бизнисменот го помина во куќен притвор. Па така, тој во притвор влезе на 10 ноември 2018 година, а излезе на 27 декември. Од истиот датум пак замина во куќен притвор, кој му беше укинат на 29 март 2019 година, или сума сумарум, во притвор помина повеќе од четири и пол месеци.

Камчев, покрај затворската казна плати и 5,2 милиони евра штета.

Back to top button
Close