Камениот мост во село Зовиќ туристичка атракција во Мариово

Камениот или „филмски мост“ во мариовското село Зовиќ е вистинска туристичка атракција во секој период од годината, но се чини најголемата посетеност ја регистрира во сезоната пролет-лето.

Локалните жители најчесто велат дека во овој период природата во Зовиќ се „преслекува“ и е поприфатлива за посетители кои доаѓаат од секаде, а некои првпат.

Камениот мост во селото Зовиќ е изграден пред точно 70 години, во 1955 година кога дотогашниот дрвен мост бил срушен, но не од забот на времето или од невреме, туку од голем товар што го пренесувал Велко Трајковски, жител на селото Зовиќ. Според сведоштвата на локалното население, во тоа време, Велко се обидел со воловска кола да премине преку дрвениот мост, кој од тежината се преполовил. Велко заедно со колата и воловите паднале во реката и иако се стекнал со тешки телесни повреди, тој преживеал и со одреден степен на инвалидитет, доживеал длабока старост. На местото на срушениот дрвен мост, селаните изградиле камен мост, од делкани камени блокови кои и ден денес сведочат за мајсторството на извесен мајстор Џуладин кој во Зовиќ пристигнал од струшкото село Лабуништа. Камениот мост се градел две години, исто толку време, жителите на Зовиќ имале обврска да бидат добри домаќини на Џуладин и неговите работници кои биле сместени во селото и снабдени со вода и храна.

– Мостот во селото Зовиќ е препознатлив и „славен“ по филмовите кои македонскиот режисер Милчо Манчевски ги снимаше во Мариово. Поради тоа често се сретнува и по името „филмски мост“. Со оглед на тоа дека никогаш не беше довршен, беше тешко оштетен и небезбеден за посетителите, во 2014 година доби нов лик, благодарение на реставрацијата помогната низ проект финансиран од Европската унија, ни рече нашиот домаќин и водич, редовен промотор на историските знаменитости на Мариово, Јове Парговски.

Тој нагласува дека туристите од земјава и странство не пропуштаат веднаш пред мостот на висока карпа да го видат живописот со приказ на Свети Ѓорги.

– Овој живопис е тука точно еден век. Според истражувањата, живописот со приказ на Свети Ѓорги датира од 1925 година. На живописот централно е поставена фигурата на Свети Ѓорги на бел коњ, со развиорена црвена наметка. Свети Ѓорги го убива ѕверот. Живописот е реставриран пред 20 години од НУ Завод и музеј Битола и исто како Камениот мост претставува одлична локација за фотографирање од страна на секој посетител, посочи Парговски.

Нашите домаќини потсетија дека мариовското село Зовиќ првобитно го носело името Бзовиќ, пред се поради растението бозел кое тука го има во изобилство. Се претпоставува дека селото постои на ова место од XVI век и е формирано или поточно поместено од месноста викана Лениште каде претходно било населено.

– Селото е ридско-планинско, најголем дел од куќите се изградени од камен, кал и дрво. Пред 60 години имало точно 388 жители и училиште во кое децата учеле до четврто одделение, но, за жал, денеска во селото има помалку од 10 постојани жители. Она што може да се каже и дека го одржува во живот ова село е етно куќата „Кај Мостот“ и домаќините Наташа и Митко Крстевски, кои заедно со своите деца се вратија во село Зовиќ и создадоа бренд кој е надалеку познат по добрата храна. Тука е и Вила Димитрија, а сакам да ги споменам и пчеларство Стојановски, кои веќе со години се познати како производители на квалитетен Мариовски мед, вели Парговски.

За богатата историја на Зовиќ денеска сведочат куќите, дел обновени, дел се уште разрушени од бомбардирањата пред се во Првата светска војна, бидејќи, како што е познато, селото беше на самата фронтовска линија.

– Бомбите не поштедиле ниту една куќа, а најголем дел биле целосно разрушени. Бомби и гранати тешко ја оштетиле и селската црква „Св. Никола“ која по завршување на војната е обновена, а денес е збирно место на зовичани кои доаѓаат за летен и зимски Свети Никола, Митровден, кога е и слава на селото, а особено интересни се обичаите кои ова село ги практикува за верскиот празник Водици. Црквата „Св. Никола“ во село Зовиќ е изградена во 1862 година, а интересен за оваа црква е податокот дека при нејзината обнова по Првата светска војна, ктиторите кои ја помогнале обновата, се поставиле себеси како светци, на камени плочи над влезовите на црквата.

Во непосредна близина на црквата „Св. Никола“ е и манастирот посветен на „Свети Атанасиј“, со црквичето изградено во XVII век, кое се наоѓа на блискиот рид „Марта“. Сакам да кажам, вели Парговски, дека село Зовиќ ги има сите предуслови да стане успешна туристичка приказна. Пред некоја година преку проект на Швајцарската агенција за развој и соработка беа „дигитално обележани“ неколку локации низ Мариово кои се интересни за посетителите и беа изработени само-водечки тури, кои им овозможуваат на посетителите подобро да го истражат Мариово. Така, на пример, на само еден час пешачење од село Зовиќ се наоѓа надалеку познатиот манастир „Чебрен“ со храмовите посветени на Св. Димитриј (XVIII в) и Св. Спас (XVI в). Истиот манастир е идеална еднодневна прошетка и за посетители со планински велосипед или 4×4 возило. Тука се и локациите како Кајмакчалан, Добро Поле, Бела Река, селото Манастир…, кои овозможуваат квалитетно повеќедневно искуство за посетителите.

Престојот во Мариово го завршивме со посета на споменикот „Победа – 100 години потоа“ што се наоѓа во селото Градешница, посветен на сите жртви од Првата светска војна. Споменикот е донација на уметникот и скулптор Златко Бојковски, роден во Градешница, и е еден од ретките споменици кој е посветен на сите жртви од Првата светска војна. До неодамна по фронтовата линија можеа да се сретнат само споменици посветени на различните војски кои од преку 30 различни земји се бореле на двете страни на фронтот. Цивилното население најчесто беше запоставено, а токму тоа во Мариово и најмногу страдало со смртност од 50 до 80 отсто од вкупното население, поради војната и последиците од неа.

Скулптурата е тешка околу два тона и е создадена од шрапнели, бомби, шлемови и други остатоци од Првата светска војна кои скулпторот Бојковски лично ги собирал по линијата на фронтот. Употребата на некогаш убиствените експлозивни средства за споменик на кој е претставен коњ со дигната нога ја симболизира победата на животот над смртта. Овој македонски споменик како еден од ретките во земјава е дополнителна туристичка атракција за посетителите на Мариово.

Фотографии: МИА и архива на Јове Парговски

Back to top button
Close