Камерон: Поддршката на Велика Британија за Израел не е безусловна
Шефот на британската дипломатија Дејвид Камерон во колумна за денешниот број на весникот Сандеј тајмс, по повод шест месеци од почетокот на војната во Газа, вели дека поддршката на неговата земја за Израел „не е безусловна“ и дека ќе зависи од тоа колку ќе го почитува меѓународното хуманитарно право.
Неговата порака доаѓа само неколку дена откако во израелски воздушен напад загинаа седум хуманитарни работници, меѓу кои и тројца британски државјани.
Британската влада е еден од најблиските сојузници на Израел од почетокот на војната со палестинскиот Хамас, но Камерон го заостри својот став во последните месеци во врска со хуманитарната ситуација во Појасот Газа.
Во својата денешна колумна тој предупреди на ризикот од масовно гладување доколку Израел не дозволи повеќе помош да дојде во енклавата.
Британската влада исто така е под притисок да ги објави најновите правни проценки за израелското однесување на војната во Газа, што потенцијално може да влијае на извозот на британско оружје во таа земја.