Камионџиите од регионот најавуваат блокада на граничните премини кон ЕУ од 14 септември

Превозниците од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора најавуваат целосен прекин на товарниот сообраќај и блокада на граничните премини кон Европската Унија од 14 септември, доколку не се најде решение за престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната.

Балканските превозници со месеци алармираат за штетните последици од правилото „90 дена во 180 дена“, коешто го ограничува престојот во Шенген-зоната за граѓаните од земјите надвор од ЕУ. Нивното главно барање е воведување посебен режим за професионалните возачи, бидејќи нивниот престој е за работни обврски и меѓународен транспорт, а не за туристички цели.

Во Србија блокадата на преминот е веќе потврдена, а кон акцијата се приклучуваат и превозниците од Македонија, БиХ и Црна Гора.

Претседателот на Здружението за меѓународен транспорт на Србија, Неѓо Мандиќ, истакна дека нивна желба не е да дојде до блокада, но дека компаниите веќе се соочуваат со сериозен дефицит на кадар кој има право на влез во ЕУ.

Според Мандиќ, граничните контроли се дополнително застрожени и возачите се враќаат дури и за прекорачување од само еден ден.

„Практично остануваме без возачи и самите сме блокирани, бидејќи не можеме да работиме“, изјави Мандиќ.

Тој признава дека евентуалната блокада ќе им предизвика финансиска штета и на самите превозници, но смета дека без дополнителен притисок проблемот нема да биде решен доволно брзо.

Оваа реакција следува откако на 31 август транспортните здруженија организираа протести пред претставништвата на ЕУ во Скопје, Белград, Сараево и Подгорица. Македонските превозници тогаш предупредија дека без привремено решение, следниот чекор се токму границите.

Eвентуалната блокада на товарниот сообраќај може да предизвика доцнење на испораките, високи дополнителни трошоци за компаниите и сериозни прекини во синџирите на снабдување

Back to top button
Close