Кампања на грчката Влада: Ова лето споделуваме спомени, не вирус

– Немој да станеш одговорен за следниот случај, за следното хоспитализирање, по враќањето од одмор, двојно внимаваме. Носиме секаде маска, одржуваме растојание, не се доближуваме до ранливите категории. И тука го запираме ширењето. Споделуваме спомени, не вирус, е дел од пораката на новата кампања на грчката Влада наменета во главно за младите кои што се враќаат од одмор, јави дописничката на МИА од Атина.

Едноминутното видео, на социјалните мрежи го објави грчкиот премиер Кирјакос Мицотаис, по што го споделија и голем дел од министрите од грчката Влада.

-Можеби летово беше на забава и ги игнорираше заштитните мерки, ја оспори опасноста и го заборави коронавирусот. Кога се врати дома, ја прегрна мајка ти, се качи во автобус без да носиш маска, се виде со пријатели кои исто така се вратија од одмор, но не знаеше дека на забавата имаше позитивен случај. Не знаеш дека можеби си носител, без да имаш симптоми и не помисли дека ќе ги заразиш твоите родители. Не размисли дека родителите на твоите пријатели ќе бидат примени на Интензивна нега, е дел од видео кампањата на владата, кое продолжува со повикот, да се носи маска и да се почитуваат превентивните мерки а завршува со пораката „споделуваме спомени, не вирус“.

Во Грција, во изминатите денови зголемен е бројот на нови случаи на Ковид-19, веќе пет дена по ред има над 200 новозаболени, а за само една седмица регистрирани се над 1.400 нови случаи и починаа 16 лица.

Грчките епидемиолози предупредуваат и изразуваат загриженост дека бројот на новозаболени може дополнително да се зголеми по враќањата од летните одмори. ср/

Back to top button
Close