Кампања за подигнување на свеста кај младите против говорот на омраза

Детската фудбалска лига оваа недела ќе биде во знакот на подигнување на свеста кај младите за општество ослободено од омраза и дискриминација, вклучувајќи ги и фудбалските терени.

Како дел од заедничката кампања на Европската унија и Советот на Европа насловена „Блокирај ја омразата. Сподели љубов!“, фокусирана на борбата против говорот на омраза, во соработка со Фудбалската федерација на Македонија, денеска млади, родители и навивачи на фудбалските терени на ФФМ во Скопје ќе навиваат за својот омилен тим, но ќе имаат можност и да се информираат за различните начини на борба против говорот на омраза во спортот и секојдневниот живот.

Целта на кампањата е да ја подигне свеста за различните форми на говор на омраза кои таргетираат специфични заедници и поединци во македонското општество, како и да се промовираат различните начини за спротиставување на говорот на омраза. Кампањата вклучува јавни личности, институции, организации и активисти за човекови права кои преку лични сведоштва, приказни и размена на добри практики ќе промовираат разноликост и еднаквост во локалните заедници и ширум регионот.

Според организаторите, на денешниот настан како поддршка на кампањата ќе се приклучи селекторот на Македонската А фудбалска репрезентација, Благоја Милевски, кој е амбасадор против говорот на омраза. Најавено е присуство и на Штефан Худолин, раководител за соработка во Делегацијата на ЕУ и Лејла Дервишагиќ, оперативна раководителка на Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје.

Back to top button
Close