„Кампањата 16 дена активизам“: Сите имаме должност за жените и девојчињата да бидат безбедни и онлајн и офлајн

Препознајте, блокирајте и пријавете дигитални и други форми на насилство врз жените и девојчињата е годинешното мотото на кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство” што ќе почне денеска во 18 часот, со настан во Градскиот Трговски Центар, одбележувајќи го Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените и девојчињата.

Со овој настан, семејството на Обединетите Нации, Европската Унија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје официјално ќе ја започнат кампањата “16 дена активизам”, која традиционално се спроведува заедно со многу други национални и меѓународни партнери и претставници на граѓанското општество.

 

„16 дена активизам” е меѓународна кампања што се одржува секоја година, почнувајќи на 25 ноември на Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, а завршувајќи на 10 декември, Денот на човековите права. Покрај централниот настан во Скопје, во рамки на кампањата се организираат многу други настани низ земјата, вклучувајќи и презентации, обуки, филмски фестивал како и панел дискусии.

 

-Насилството врз жените и девојчињата останува широко распространето и уништувачко кршење на човековите права. Тоа постои во секоја земја, во секоја култура и заедница. Без исклучок. Во 21-от век, вели амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија.

 

Бројките, додава тој, се вознемирувачки. Една од три жени на возраст од 15 и повеќе години доживува физичко и/или сексуално насилство. Жените се таргетирани дома – а за време на пандемијата насилството само се зголеми; на нивното работно место, во училиштата и универзитетите, на улица, во миграцијата и сè повеќе и повеќе онлајн – преку сајбер насилството и говорот на омраза.

 

Фокусот на овогодишната кампања во Северна Македонија ќе биде токму на зголеменото дигитално насилство.

 

-Технолошкиот напредок им овозможи на сторителите на насилството врз жените да ги извршат своите злосторства на безбедно растојание. Секој може да биде навредлив од удобноста на својата фотеља, криејќи се зад екранот и зад анонимниот профил и речиси секогаш без никакви последици. Речиси како видео игра, вели Килијан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Тој ги повика сите доколку забележат нешто, да преземат нешто.

-Препознајте, блокирајте и пријавете го дигиталното и секоја друга форма на насилство врз жените и девојчињата! Само преку кревањето на гласот ќе можеме да го направиме реалниот и онлајн светот, побезбедно место за жените и девојките, нагласува Вал.

Што е #16Денови на активизам? Тоа е повик за акција и потсетување дека насилството врз жените и девојчињата е најраспространетото кршење на човековите права во светот.

-Кога зборуваме за насилството врз жените и девојчињата, мора да зборуваме за огромната штета која тоа ја нанесува на сите нас, истакнува Росана Дуџак, постојан координатор на ОН во Северна Македонија.

Таа додава дека мора да се создаде безбедна социјална средина што им е потребна на сите жени и девојки, со тоа што ќе се погрижат секој случај да биде пријавен и третиран со соодветна поддршка, не само од релевантните институции, туку и од заедниците.

-Потребна ни е политика на нулта толеранција на насилството врз жените и девојчињата, како на работа, така и дома, во училиштата, офлајн, онлајн и насекаде. И на крај, најважното е сите да се приклучиме, вели Дуџак.

Back to top button
Close